Saturday, 19 August 2017

Не се ниту влијателни, моќни, убави и умни за сами да можат да повлечат толкав број на гласови (интервју со еден бранител од Овче Поле)

Здраво живо. Благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе претставиме една животна приказна на начин кој ќе ги заинтересира читателите, а ќе ги инспирира и помладите.

поздрав

Каде и во какво време си пораснал и на какви начини имаш заработувано до сега?

Здраво живо. 90тите години во Свети Николе беа убави и моите генерации сеуште ги чуваат спомените на среќните моменти, и покрај тешката економска ситуација во која што се наоѓаа скоро сите граѓани во годините на транзиција и приватизации. Потекнувам од семејство во кое и двајцата родители ми беа стечајци. Понекогаш со другарите знаевме да заработиме по нешто ситно со товарање и растоварање таму каде што имаше потреба. Во 90тите, како и сега – животот беше турбулентен, но имаше поголеми дружби и поголема близина меѓу луѓето, а кај младите сеуште се почитуваа основните морални и човечки вредности. За жал, тогаш почнуваше војната во бившата држава, транзицијата, приватизациите, масовните отпуштања и стечаи. По отслужувањето на воениот рок имав чест неколку години да бидам дел од армиските специјални единици. Паралелно со таа работа, во борбата за подобар живот работев и како обезбедување во повеќе објекти. Учесник сум во војната од пред 15 години, и сум бранител на Република Македонија. Сега е време на подинамичен живот, имаме подобри услови за развој, но тоа никако да се случи, а народот е сè повеќе и повеќе оддалечен и оттуѓен.

Дали си член на некоја од политичките партии?

Да, член сум на ВМРО – ДПМНЕ повеќе од 20 години (од 1994та година).

vmro dpmne zname

Со што те имаат инспирирано апостолите на македонската борба за слобода и кој револуционер ти повлијаел врз твојата гледна точка кон животот?

Нивните дела се големи, мислам дека такви титани од луѓе не се раѓаат повеќе. Нивната самопожртвуваност, огромната љубов кон Македонија, карактер и праведност ми имаат оставено длабока трага во формирањето на моите погледи за животот. Од секогаш ме интересирала историјата, посебно Македонската. Делчев, Сандански, Тошев, Пиперката, Александров…за Надвојводата Тодор се интересиравме уште пред да биде експониран јавно, а и злоупотребуван од одредени структури. Неговото дело е мојот пример во борбата за Македонската кауза. Не за џабе од народот бил нарекуван и цар, крал Македонски.

kokarda

На какво мнение си на нивото на јавно информирање и дали ги следиш македонските медиуми и портали?

Во последните неколку години ги следам послабо, не сум тука и не сум толку во тек, но сепак знам да си најдам информации за она што ме интересира и повремено да читам некои од порталите кои се од ретките што нудат објективен и квалитетен избор на информации. Но, повеќето предизвикуваат гадење, не само кај мене туку и кај многу од моите познати, и сметам дека под итно треба да се регулира кој, што и како пишува по “порталите”.

Што мислиш за моменталната ситуација во која што е заробен македонскиот народ?

Ситуацијата воопшто не ми се допаѓа, многу е лоша. Како некој свесно да ја турка државата во одредени кризи, а недај Боже пак да дојде најлошото – војна. Бидејќи сме мулти културно општество лесно се манипулира со одредени луѓе. Постои некоја пропаганда дека ништо не функционира, а институциите на системот се заспани и под итно треба одлучно да превземат мерки и да ја решат оваа наметната криза во најбрз можен рок. И покрај деструктивната политика на опозицијата, сведочиме за многу нивни инфилтрирани кадри во владејачката партија, кои од позиција на власт и моќ исто така одработуваат за уништување на Македонскиот бит, обезвреднување на Организацијата и маргинализирање на сите искрени и чесни Македонци на кои ВМРО вечно им е во срцето.

Дали си задоволен од работата на локалните функционери и претставници на подмладоците на политичките партии?

Релативно прашање, бидејќи секогаш има некој политички функционер што нема да ни се допаѓа, а многумина од нив со своите постапки го заслужиле нашето мнение за нив. Ретки се политичарите што остануваат трезвени и свесни откако ќе седнат во “магичните” фотељи. Забораваат дека до таму дошле со помош на народот, активистите на партијата и целата организација, а не сами како единки – бидејќи не се ниту толку влијателни, моќни, убави и умни за сами да можат да повлечат толкав број на гласови. Подмладоците се дури незабелeжителни и очигледно пасивни. А има толку многу убави работи што можат да ги организираат и сработат како проекти за младите.

Што те натера да се иселиш од Македонија?

Небиднината во која што стигна државата и дереџето до кое што дојдовме скоро сите ние. Надежта за некој подобар живот – повеќе за моите деца и нивната иднина. Сепак сум човек што сака нови работи и предизвици.

Со оглед на тоа што во Овчеполието со години има се повеќе заболени од рак, а неодамна беше донесен новиот закон за наводна медицинска употреба, си земам за право да те прашам – дали канабисот, односно конопот како што го нарекувале нашите стари треба да се искористи од оваа генерација Македонци?

Интересно и многу добро прашање. Веднаш ќе кажам дека уште многу време пред оваа тема да излезе во јавноста, да се дебатира и да се запознаваат луѓето со лековитите својства на маслото од канабис, истражувавме и учевме за истото. Тоа е докажан природен лек. Секој има право на помош и доколку сака да се обиде и на тој начин да си помогне на себе во борбата со опасната и подла болест – треба да има фер можност за лекување. Познавам луѓе што употребуваат и/ли употребувале масло од канабис и затоа го поддржувам ова движење. Штета што фармацевтските компании сакаат да профитираат и го прават тоа на штета на луѓето, што е жално, нехумано и не е ни фер да продаваш производ што нема квалитет ниту приближен до потребниот.

Во каква Македонија би сакал да живееш по 10 години?

Како и секој домољуб – во стабилна, просперитетна, мирна и економски стабилна Република Македонија.

Ѕвездата од Кутлеш

Што би им порачал на твоите сограѓани, а што на останатите читатели на ЛОЗА?

Светиниколчани (оние што останаа, а и многуте иселени) треба да почнат погласно да ги кажуваат своите проблеми и да говорат за ситуацијата во која што се наоѓаме сите. Овче Поле има капацитет да овозможи мир и стабилност не само на мештаните, туку и на целата држава. А читателите на ЛОЗА нека продолжат да го следат овој огромен книжевен проект по урнек на Лозарите – тајното друштво на Македонската револуција. Слобода или смрт!

DJI_0073

Сполај ти. Поздрав до дијаспората и живи здрави да си ја дочекаме и нашата бела зора и новото сонце на слободата.

 

Идентитетот на интервјуираниот бранител е познат на редакцијата. Разговорот го водеше Серафим Александров, ЛОЗА 2016