Monday, 23 October 2017

Празијас, Тауријан, Полин, Дојран

Во V век п.н.е. долината на Празијас (сегашното Дојранско Езеро) ја населувале Пајонци. Тие живееле на “езерото”, во дрвени колиби заградени со трска и поставени на скели кои се потпирале на долги дрвени колци. Со копното ги поврзувале единствено корабите со кои управувале многу вешто заради што најчесто и обидите на освојувачите (Персијците) биле безуспешни.

Гимназијата во Стар Дојран

За времето на Филип II (359-336) и Александар Македонски (336-323) и во периодот кога Римјаните почнале да навлегуваат на Балканот ( II век п.н.е.) на западниот брег на Празијас (денес, месност Топлец) на површина од 30 – тина хектари веќе бил распространет антички град – тврдина со најстарото познато име Тауријан. Во 395 година при делењето на Римското царство на Западно и Источно чиј центар бил Константинопол (Цариград), Тауријан станал дел од Источното Римско Царство, односно Византија. Потоа доаѓа времето кога на Балканот се населуваат Словените (крај на VI век – почеток на VII век). На почетокот на IX век, Тауријан важел за град кој благодарение на местоположбата и развојот завзема значајно место во поглед на историските, културните и економските случувања. Иако нема пишани и документирани

податоци, кои прецизно ќе го окарактеризираат Тауријан во овој век сепак, најверојатна е претпоставката дека токму во некоја од годините на IX – от век заради епидемија на колера и последиците од неа градот е поместен малку подолу – на југ.

Новиот град добива ново име Полин. И новиот град покрај езерото ги прифаќа навиките на веке стариот Тауријан. Основни животни радости остануваат да бидат: добриот риболов, успешниот лов, родната градина и здравиот пород на стоката. Сепак наоѓајки се на крстопатот каде што се судирале интересите на Византијците и Бугарите, каде што се ширела или стеснувала средновековната македонска држава на Самуил (период од 969 до 1018 година) и од каде поминал е освојувачките војски на српските кралеви(Милутин 1282 година и Душан 1331 – 1355 година) Полин морал да се соочува и со не така пријатните нешта на тогашноста. Живеејќи во времето на сето тоа, тие во својот Полин покрај езерото ги “дочекале” и сосема новите и најдолготрајни гости – господари, Турците Oсманлии. Турците го дале третото име на градот – Дојран. Градот бил изграден во стилот на Цариградската и Солунската архитектура. Имал калдрмисани улици, чиста вода за пиење каптирана од изворите над градот и спроведена до повеќе градски чешми преку канали со керамички цевки, градска бања – амам кој и служел на сите жители, мажи и жени, христијани и муслимани, три цркви и три џамии, неколку училишта (повеќе основни и една гимназија) и една заедничка саат кула. На Дојран во тоа време припаѓале и околу 79 села при што имало околу 30.000 жители од кој над 18.000 Турци, повеќе од 9.500 Македонци, околу 160 Евреи и 1.000 Роми. Како последица на двете Балкански Војни трговијата и занаетчиството во Дојран значително опаѓаат. Многу од населението во прв ред Турци, го напуштат градот, така што во 1914 година бројот на жителите во околината на Дојран опаѓа од 30.000 на околу 20.000, а самиот град на 5.000 жители.

Но, Првата светска војна му става крај на животот во Дојран , така да 1916 година населението од Дојран било евакуирано во соседните градови и држави, а во 1918 година поради военото дејствије градот бил до темел разурнат. И покрај тоа што Дојран бил до темел разрушен , во времето помеѓу двете светски војни тој не го изгубил приматот на град, напротив тој го задржал урбаниот статус на град и со закон бил прогласен за варошица , и добил име Дојрански Срез, со седиште во Валандово. Тогашните власти имале изготвено урбанистички план за возобнување на градот , но поради некои проневери што настанале при обновата дошло до прекин на неговата обнова. Против разурнатиот град во тоа време како да се свртело и езерото поплавувајќи го неговиот крајбрежен дел со се она што некогаш било кафеани, куќи, пазари и

улици. Соочувајки се со суровата реалност на својот  Дојран кој не нудел буквално никакви услови за живот во него, шеесетина рибарски семејства во 1919/20 година својот копнеж за враќање на старото огниште го дотрошуваат во близина на темелите на стариот Тауријан. Тие на 4 километри од разрушениот Дојран создаваат нова населба која ја нарекуваат Нов Дојран. Но како и претходните “господари” Турците така и Кралството СХС на овие простори населува 29 семејства српско население при што е формирана населбата Сретеново.
Фердинанова чешма
Со тек на времето почнуваат да се враќаат семејства и во стариот град Дојран. Тогашната власт од свои причини управно – административниот живот го лоцирала во разурнатиот град. Така постепено отпочнало паралелно пулсирање на животот во Нов и во Стар Дојран. Во Втората Светска војна Дојран повторно бил цел на желбите на соседите за конечно да биде ослободен на 5-ти Ноември 1944 година. Покрај Дојранското Езеро денеска на македонската страна на брегот постојат четири населби: Нов Дојран, Стар Дојран, Николиќ и Сретеново. Населението некаде во средината на 50 – те години почнува да се занимава и со туризам. Во негова функција денес покрај Дојранскиот брег постојат 40 објекти (хотели и одмаралишта на претпријатија од целата земја), 4 комерцијални хотели и уште толку модерни казина и над 600 викендици.