Monday, 23 October 2017

Македонскиот коноп (прв дел)

Македонскиот народ одгледувал коноп за добивање на преден конец / преѓа, уште од памтивек. Земјоделците го саделе конопот во близина на река, а сеењето започнувало на пролет. За семето да биде потешко, го мешале со пепел, па така можеле да го расфрлаат и подалеку во нивата. По сеењето, го запрашувале конопот и со еден вид на дрвена брана, некаде нарекувана трњарка го покривале насеаното семе. Редовното вадење на браздите со насеан коноп било задолжително. Времето на зреење му е во периодот помеѓу Свети Илија и Голема Богородица.

Откако ќе созрее, набраните стебла се собираат во снопови, кои биле оставани да се сушат околу две, најмногу три седмици. Сноповите со конопови стебла се удараат со дрвен стап, за полесно да се извади семето кое се чува за наредната година. Исушени, се ставаат во вир или плитка река, па откако ќе накиснат по најмногу една седмица се вадат и повторно се оставаат да се исушат. Второто сушење траело неколку дена, по кое што сноповите со конопови стебла се спремни за обработување.

Снопчињата со стебла (во северниот дел на Македонија ги викале повесмо) се ставале на дрвана направа – трлива и се удирале со дрвен нож – бијач, за да се искршат, а потоа се тресе отпадокот – пуздер, кој се користи за огрев. Трлицата е околу два метри долга направа, издлабена во средината, со две ногарки на горниот дел и една на долниот. Најчесто била правена од бука или крушка. Бијачот е алатка од буково дрво, долга од половина метар до метар.

Дедо Варадин, ЛОЗА 2016

(продолжува)

читај:

Дивиот коноп од Конопиште

Долината на плодноста кај Конопиште

Автохтониот македонски канабис ги намалува епилептичните напади

Ѓаволска или Божја билка?

Да ги забраниме естрадата, богатите и политиката (колумна без никакво влијание) http://loza.mk/2015/12/rusjakov-legalizacija/

Пријателите на ЛОЗА за древната билка