Saturday, 20 October 3517

Големата Овчеполска котлина

Овчеполската Котлина претставува посебна област во средишниот дел на Балканскиот Полуостров и Република Македонија. Таа лежи во сливот на Светиниколска Река, десна притока на Брегалница.

govedar kamen ovce pole

Котлината претставува крстосница на важни патишта, кои ги поврзуваат областите со различни природно – географски услови и различни степени на економски развиток. Таа е добро отворена спрема Кумановско – Прешевската надолнина на север, спрема Скопската Котлина на северозапад, спрема блиската околина на Штип и Кочани на југоисток и спрема Велешката Котлина на запад.

Културното и историското богатство во Овчеполската област сеуште не е проучено. Археолошки истражувања, освен некои фрагментирани, не се вршени, па хронолошкиот приказ на нејзината историска еволуција претставува мошне тешка задача. Според археолошките рекогностицирања, регистарот на наоѓалиштата, на кои можат да се сретнат материјални остатоци од разни временски и културни периоди, е необично богат. Меѓутоа, недостасува нивна истражувачка и научна интерпретација. За одделни периоди од праисторијата, како што се палеолитот, неолитот и бронзеното време ништо не се знае, или сосема малку се знае. Слична е положбата и со античкиот период. Доколку постојат некои сознанија, тие секогаш биле попатни, дадени во рамките на проучувањата на соседните области, како што се античка Македонија, Тракија и Дарданија. Секако дека треба да се спомене и недостигот на историски извори. Познато е дека проучувањето на минатото на еден народ или крај е долготраен процес. Врз основа на сознанијата со кои располагаме, се создадени одредени заклучоци. Со натамошните истражувања се доаѓа до нови податоци или факти кои фрлаат нова светлина. Поранешната слика се надополнува или менува.

Овчеполската Котлина континуирано е населена од праисторијата. Најстари откриени траги на живот во неа се од периодот на неолитот (младо камено време), што е потврдено и со археолошките истражувања. Разновидни предмети кои претставуваат сведоштво на неолитската материјална култура досега се откриени на локалитетите: Барутница (Амзабегово), Руг Баир (Горобинци) и Алин Дол (Немањици).

Најстари потврдени народи од историско време (Прво илјадолетие пред н.е.) на овие краишта биле Пеонците, кои го населувале просторот меѓу реките Аксиј (Вардар) и Стримон (Струма).

Има индиции дека во Пробата (Овче Поле) се наоѓал и најголемиот пеонски град Билазора…

(1999)

Лазар Серафимов, учител (1933 – 2013)