Големата света свадба

Во 324 г. пр. н.е. целата македонска војска се собира во Суза, каде што царот приредува „Голема света свадба” на која се венчаваат 10.000 Македонци со Персијки; меѓу нив се и сите хетајри и самиот Александар, кој се жени со две ќерки на Дареј, Брасида и Парисатида, но и со Охос, најмалата ќерка на Артаксеркс.

На свеченоста што трае неколку дена присуствуваат гости од целото царство, меѓу кои се и сатрапите од новоосвоените земји со 30.000 млади Иранци, персиски коњаници, согдиски и скитски стрелци на коњи и пешачки одреди кои Александар ги нарекува епигони, вооружени и извежбани за борба на македонски начин. „Светата свадба” ја симболизира „свадбената” заедница на Стариот свет.

По ова, околу 10.000 ветерани, богато наградени, вратени се во Македонија, а нивните нови жени и деца остануваат во Азија; за нив треба да се грижи државата, децата да се воспитуваат на македонски начин, а кога ќе пораснат, да бидат вратени во Македонија.
Александар планира натамошни походи кои имаат многу повеќе истражувачки и научен карактер отколку воена цел; се подготвуваат проекти за изградба на патишта и храмови, нови експедиции за истражување на Каспиското Море, за поморско патување околу Арабискиот Полуостров до Картагина и до островите на Херакле (или Мелкарт), најстариот теснец меѓу Европа и Африка (ден. Гибралтар); Александар се подготвува да ги покори Сицилија и Италија, да плови околу Арабија и Африка и да го трасира новиот пат од Атланскиот Океан до Средоземното Море.

Овие планови пропаѓаат поради смртта на Великиот владетел. По големата тага за смртта на најблискиот другар и соборец Хефајстион, и по последниот воен поход со големи напори против воинствените племиња во Медија и во Сузијана, Александар се враќа во Бабилон и планира градење на пристаниште за илјадници бродови. Меѓутоа, на гозбата во Бабилон Александар добива треска и по седум дена, на 13 јуни 323 г. пр. н.е., умира на триесет и три години, по дванаесет години и осум месеци војување и владеење.


Извадок од книгата:
ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Уредник:
проф. д-р Тодор Чепреганов

Leave a Reply