Saturday, 19 October 5546

Писмо до Зигмунд Фројд – Зошто војна?

.

Уважен господине Фројде!

За восхитување е како кај вас копнежот да ја видите вистината надвладеала над секој друг копнеж. Вие покажувате со неодолива јасност како инстинктите кон борбата и уништување се нераздвојно сврзани со инстинктите на љубовта и животната афирмација во човечката психа. Но, од вашите неодоливи излагања зрачи истовремено длабок копнеж кон великата цел за внатрешно и надворешно ослободување на човекот од војната. Овој голем копнеж го исповедувале сите, коишто над своето време и нациите биле почитувани како водачи во духовната и моралната сфера. Тука владее еднодушност од Исуса Христ до Гете и Кант. Зар не е значајно што таквите луѓе биле токму за тоа општопризнати, иако нивната валја за преобразување на човечките односи можела да се спроведе во сосем мала мера?

Јас сум уверен дека истакнатите луѓе, коишто – макар и во помал круг – по своите дела имаат раководна улога, го делат  во огромното мнозинство истиот идеал. Но, тие имаат малку влијание врз политичкиот развиток. Речиси изгледа како ова за судбината на нациите решавачко поле да мора да биде неизбежно предадено на несовесноста и неодговорноста на политичките властодршци.

Политичките водачи има да и заблагодарат за својата положба делум на силата, делум на изборот на масата. Тие не можат да се сметаат за застапници на духовно и морално вишиот дел од нациите. Но, духовната елита не врши денес никакво непосредно влијание врз историјата на народите; нејзината распарченост и пречи да соработува во решавањето на актуелните проблеми. Зар не верувате дека тоа би можело да се замени со слободното поврзување на лицата, што со своето досегашно творење и дејствување даваат гаранција за својата способност и чистота на својата волја? Вакво здружение од меѓународен карактер, чии членови со постојана размена на мисли би морале да бидат во врска, би можело со своето становиште во печатот – секогаш под одговорноста на потпишани членови – да добие значително и спасоносно влијание врз решавањето на политичките прашања. Сигурно такво едно здружение би боледувало од сите оние незгоди, што при учените академии многукратно доведуваат до дегенерација, до опасности, што се нераскинливо сврзани со недостатоците на човековата природа. Зар не би требало, сепак, да се преземе една таква усилба? Јас таков еден обид, го сметам за суштествена должност.

Кога едно такво духовно здружение од ранг би можело да биде создадено, тогаш тоа би морало и систематски да прави обиди за да ги мобилизира религиозните организации против војната. Тоа на многу личности чија добра волја е денес парализирана од болна резигнација, би им дало морална поткрепа. Најпосле, јас верувам дека од ваквите, по своите дела многу авторитетни индивидуи, образуваното здружение би било исто така способно да им биде драгоцена морална поткепа на оние сили во Општеството на народите, што навистина ги влагаат своите усилби во смисла на великата цел на оваа институција.

Ви ги изнесувам овие работи порадо вам одошто кому и да било во светов, зашто вие сте помалу од другите заслепени од желби и зашто вашето расудување почива врз најсериозното чувство на одговорност.