Tuesday, 21 November 2017

Царскиот пат во Овче Поле

До седумдесетите години на 19 век, кога патот за Солун минува низ Свети Никола, тоа било едно од најзначајните економски места на левата страна на реката Вардар. Споменатиот пат кој во Овче Поле имал неколку насоки, минувал низ градот Свети Никола. По овој пат поминувале карвани со жито за Солун, или со друга стока се враќале назад. Овој пат бил споредна траса на патот, кој поаѓал од Босна и минувал преку Стара Србија и Македонија за Солун. Од Овче Поле понатаму патот водел за Штип, Струмица, преку Рупелската Клисура, Серез и продолжувал за Цариград. Еден крак од Дојран избивал на Солун. Во средните векови овој пат бил нарекуван „царски пат”. За време на турското владеење патот се викал „Серски пат”. Од овој пат од Свети Никола се издвојувал пат и за Куманово, а еден водел за манастирот свети Прохор Пчињски и тој се викал „Аџиски пат”, бидејќи по него оделе аџии. Во средината на 19 век Ј. Хан давајќи податоци за патот Дојран – Свети Никола – Куманово спомнува попатна стануца „Орман Хан”, која се наоѓала надвор од Свети Никола, во близина на вливот на Орлева Река во Периш. Поврзаноста со Велес била со патот кој водел преку селата Кнежје, Ѓуземелци и Милино. Преку овој пат централната населба Свети Никола била поврзана и со југозападните делови на Македонија. По него поминувале печалбарите од Прилепската, Битолската и Леринската околина за Србија или Бугарија. На овој пат во селото Кнежје имало ан. Исто така, преку Свети Никола водат и повеќе мали селски патишта кои што излегуваат на кочанскиот пат, преку кој Овче Поле се поврзува со Злетовската област и Кочани.

Пуштањето во сообраќај на вардарската железница во 1879 година неповолно се одразува на населбата Свети Никола, оваа промена уште повеќе се почувствувала во 1888 година кога вардарската железница е поврзана со моравската. Кога е пуштена во сообраќај железницата Велес – Штип во 1923 година и Штип – Кочани во 1925 година, Свети Никола потполно останува настрана.

Денес градот Свети Никола е поврзан со магистралниот пат Велес – Штип и регионалниот пат Штип – Свети Никола – Куманово.

Лазар Серафимов & Никола Ристевски