Tuesday, 21 November 2017

Химна на Република Македонија – златното Сонце и славните масони

Химната на Република Македонија, според одредени историски показатели, текстуално била адаптирана повеќе од десет пати. Првите промени се направени уште во 1940-тите години, наводно од самиот Владо Малески, кој фигурира како автор на химната (текст и музика). Постојат сведоштва на стружани дека Малевски, всушност, адаптирал народна песна.

Следните измени се однесуваат на редоследот на строфите и на стиховите во нив. Многу пологичен е редоследот на стиховите и строфите во првичната верзија на химната од раните 1950-ти, ако се има предвид дека песната е напишана во 1941 година, кога војната сé уште почнувала. Така, во првата верзија, првата строфа говори за почеток на борбата, со тоа што кажува дека сите, без разлика на возраста и на родот, се кренале на борба, во втората строфа дека војната е во тек (соодветни стихови се „Македонците се борат“), третата строфа е стремежот за слободна Македонија, повикувајќи се на илинденските идеали (набројувањето на илинденците) и на крајот следува чинот на ослободувањето. Подоцна ваквиот редослед на стиховите е изменет и такви приспособувања се правени до 1992 година, кога текстот на химната е окончан со закон.

Најинтересна измена е примената на стихот „Од гроб станаа славните ѕидари“, кој е заменет со стих со поинакво значење „Одново сега знамето се вее“. Терминот „ѕидари“ е синоним за „масони“. Поради политичките контроверзии околу Димитар Влахов, разбирливо е што е избришано неговото име. Останува нејасно, пак, зошто е избришано името на Никола Карев, кој бил претседател на Крушевската Република, спомената во текстот, а на негово место е вметнат револуционерот Даме Груев.

читај – Зошто Никола Карев го исфрлија од македонската химна?

Има измени и во самиот наслов на химната. Таа некаде се заведува како „Денес над Македонија се раѓа“, а некаде како „Денес над Македонија“.

извор – Нова Македонија 2011

Flag_of_Macedonia.svg

Денес сè уште нема официјално објаснение за промените што ги претрпела химната. Имено, првиот текст на химната изведена во Струга во 1941 година имала малку поразличен текст од денешниот особено во имињата на македонските револуционери и еден подоле ред. Така од првичните „…Делчев, Груев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански”, денес во химната се спомнуваат „…Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански”. Нема објаснение ни за заменетиот ред од страна на Кочо Рацин „Од гроб станаа славните ѕидари…” со „Одново сега знаме се веје…”. Името на Даме Груев за прв пат се вметнува во текстот во стихозбирката „Наши песни” издадена во 1944, а се избришани оригиналните имиња. Кога се официјализирала химната во 1992 година, меѓу предлозите ја немало старата химна и поради тоа комисијата не била запозната со тоа. За прв пат химната, официјално, била испеана од триото: Никола Бадев, Васка Илиева и Александар Сариевски.

Ѕвездата од Кутлеш

Прва пронајдена верзија:

Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!
Старо младо машко и женско,
на нозе се кренало!
Горите македонски шумно пеат,
нови песни, нови весници!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Македонците се борат,
за своите правдини!
Од гроб станаа славните ѕидари
(во 1950-тите години сменето во:
Одново сега знамето се вее)
на Крушевската Република!
Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански
Гоце Делчев, Питу Гули,
Карев, Влахов, Сандански
Не плачи Македонијо мајко мила,
Крени глава гордо високо,
Македонија слободна,
слободна ќе живее!
Македонија слободна,
слободна ќе живее!

Меѓу првите првите изведби на химната од Васка Илиева:

Денес над Македонија се раѓа
ново сонце на слободата
старо младо машко и женско
на нозе се кренало.
(последните два стиха ќе бидат избришани)

Горите македонски шумно пеат
(во денешната верзија неформално ќе биде додадена како последна трета строфа)
нови песни. нови весници
Македонците се борат
за својте правдини.

Одново сега знамето се вее
над Крушовската Република
На Гоце Делчев, Питу Гули
Карев, Влахов, Сандански.
(подоцна Карев и Влахов мистериозно ќе исчезнат, а на нивно место ќе биде додаден Даме Груев)

Не плачи Македонијо мајко мила
крени глава гордо високо
(овие два стиха подоцна сосема ќе бидат
избришани)
Македонија слободна
слободна ќе живее.
(подоцна последните два стиха ќе станат дел од втората строфа)

Текстот од 1989та година, со аранжман на Тодор Скаловски:

Денес над Македонија се раѓа
ново сонце на слободата,
Македонците се борат
за својте правдини.

Не тажи Македонијо мајко мила
крени глава гордо високо
Македонија слободна
слободна ќе живее.

Одново сега знамето се вее
над Крушевската Република
на Гоце Делчев, Питу Гули
Даме Груев, Сандански.

Горите македонски шумно пеат
бојни песни, нови весници
Македонија слободна
слободно живее.

Химна на Република Македониja од 1992ра година, впишана во законот:

Денес над Македонија се раѓа
ново сонце на слободата
Македонците се борат
за својте правдини

Одново сега знамето се вее
над Крушевската Република
на Гоце Делчев, Питу Гули
Даме Груев, Сандански

Горите македонски шумно пеат
нови песни, нови весници
Македонија слободна
слободно живее!