Monday, 21 August 2017

Ултимативно предупредување до Врховниот комитет

Соопштение
до групата македонски активисти,
наречена „Врховисти“
во Софија

Општиот конгрес на Внатрешната Македонско Одринска револуционерна организација смета, дека единствената посигурна гаранција за успешното завршување на започнатото ослободително дело лежи во самостојноста, единството и силата на Внатрешната организација и затоа зема решение таа да ги пази тие начела, како скапоцен залог за ослободување на нашата татковина.

Врз основа на горното, Организацијата за во иднина не може на никаков начин да трпи на својата територија никакви други групи и здруженија со истата нејзина цел и задача, било тие да имаат извор внатре во нејзината територијата, било надвор од неа. Таа ќе ги гони по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и здруженија како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи ќе подлежат на сите строгости на уставот и правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното револуционерно дело и злосторниците на татковината, каде и да се наоѓаат тие, било да се тие членови на Организацијата или не.

Во замена за тоа, Организацијата со своите нови прописи им дава широка слобода на членување во неа на секој ревносен борец за ослободителната револуционерна борба во Македонија и Одринско без било каква резерва, ги фаворизира сите свои членови, без разлика на народноста, местото на потеклото и убедувањето, со сите за то предвидени права и должности во уставот и правилникот. Конгресот смета дека гореприведеното решение му отвара пристап во Организацијата на секого и се надева со него да ги види во своите редови обединетите сили на сите искрени и вистински ревносни борци на ослободителната револуционерна борба среде турскиот режим во Македонија и Одринско.

Суштествувањето и дејноста на вашата група никако не е во хармонија со горните ставови на Организацијата и ќе продолжува да биди причина за понатамошни борби. Ете зошто, наспроти неуспешноста на ред мирољубиви соопштенија и обиди на Организацијата пред вас, конгресот смета за умесно и сега да ви го поднесе сегашното соопштение и да ве покани, во името на вистински разбраните интереси на ослободителното дело, доброволно и сами да ја растурите вашата група и да ја прекинете сепаратистичката дејност, како внатре во државата, така и надвор од неа, за да се намалат нејзините пречки, па да може таа да го сосредоточи целото свое внимание и сите свои сили во борбата против заедничките непријатели на татковината и нашата кауза.

Горното соопштение не означува водење на преговори, ниту подлежи на третирање, туку само допушта категоричен и брз одговор.

30.X.1905 год.
Од конгресот

– Со решение и задолжение на конгресот, сегашното соопштение го потврдуваме со своите лични потписи, членовите.

Претседател: Д. Груев
За секретар: Ар. Манасиев