Saturday, 19 August 2017

Трет мото собир во Свети Николе (интервју со мото клуб)

Во сабота, на 04 јуни 2016 во Свети Николе ќе се одржи третиот по ред мото собир, организиран од Мото клубот Свети Николе. Членовите на мото клубот и оваа година активно го подготвуваат просторот во новиот парк и ги очекуваат посетителите од цела Македонија и странство. Настанот е поддржан од Општина Свети Николе и Меѓународниот Славјански Институт. Затоа што овој настан веќе прераснува во традиција, поразговаравме со претставник од Мото Клуб Свети Николе, Александар Арсов.

motoklub sveti nikole
Од кога постои Мото Клубот Свети Николе, колку членови има и што ве предизвика да се организирате?

Мото клубот Свети Николе МЦЦ постои од 2010та година. Првенствено беше формиран од 5 луѓе, а во текот на неколкугодишното постоење се приклучија уште моторџии и денес клубот брои 15 членови. Сè започна како случајно здружување на неколку ентузијасти со мотори, покрај заедничкото возење и посетување на мото настани во Република Македонија. Така се роди и идејата за формирање на клубот кој денес функционира како организација на луѓе со слични идеи и сфаќања на мото културата.

Дали соработувате со останати мото клубови од Македонија и странство?

Клубот е отворен за соработка со сите клубови од земјава и странство. Досега имаме организирано повеќе хуманитарни акции и разни настани, од кои неколку беа во координација со други клубови. Во тек е хуманитарна акција која е заедничка со мото клубот Мечки од Куманово.

wheels for wheels

Во кои земји сте патувале организирано?

Како и сите авантуристи, така и членовите на клубот ги води желбата за нови искуства. Покрај честите патувања во земјава, заеднички и организирано патуваме и во странство. Како поголеми можат да се набројат патувањата низ Романија, Хрватска, Словенија, Австрија, Италија, Германија, а во план се поголеми патувања низ Европа и подалеку на истокот.

Колку мото собири имате организирано до сега?

Досега клубот организираше два мото собири, на првиот беа присутни над 2000 посетители, а на вториот повеќе од 4000. Истите поминаа како едни од најуспешните и најдобро организирани мото собири во земјава од безбедносен и културен аспект. Овогодинешниот мото собир ќе биде најголем досега, неофицијално се очекуваат над 10000 луѓе и многу моторџии, не само од Македонија туку и од повеќе земји од цела Европа. Вреди да се спомене дека покрај предвидените активности во програмата на собирот, покрај две домашни музички групи ќе настапат и Дивље Јагоде.

moto sobir 2016

Зошто Дивље Јагоде покрај толку многу македонски бендови?

Затоа што голем дел од нашите пријатели со кои често се посетуваме се од просторите на поранешна Југославија и сакаме да им овозможиме убава забава со група која им повлијаела во нивниот живот.

Со што би можеле да му помогнете на градот на Свети Никола и што планирате за во иднина?

Уште со самото формирање имаше потреба од име и грб на клубот, па едногласно одлучивме името на клубот да биде Свети Николе, а за грб го избравме черепот од овен како симбол за вечност, кој е и синоним за Овче Поле. Настојуваме со сите средства да придонесеме што повеќе за доброто на градот и граѓаните. Се надеваме дека во догледно време ќе се создаде простор на отворено каде што би можеле да се одржуваат концерти. Со МВР Свети Николе веќе остваруваме успешна соработка за безбедноста во сообраќајот. Хуманитарните акции ќе продолжат и понатаму, а граѓаните и сами веќе знаат за нашето делување во општеството.

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2016

Галерија со фотографии од 2014та:

Видео од дрон (Sky Zone GP) 2015:

Програма за мото собирот:

04 06 2016

16:00 почеток на програмата
17:00 мото игри
18:30 дефиле
19:30 почеток на музичка програма
22:00 доделување на благодарници
22:30 концерт

05-06-2016

09:00 појадок за гости кампери