Wednesday, 19 October 5464

Психологија и Алхемија

Во текот на 18 век алхемијата постепено пропаѓала во својот сопствен мрак. Нејзиниот метод на објаснување obscurum per obscurius, ignotum per ignotis – темното преку потемно, непознатото преку понепознато,  не се сложувал со духот на просветителството, особено со прочистувањето на научноста на хемијата при крајот на столетието.  Но овие две нови духовни сили и задале само благ удар. Нејзиното внатрешно распаѓање започнало еден век порано, во времето на Јаков Беме, кога многу алхемичари ги оставиле ретортите и садовите за топење и се оддале исклучиво на (херменевтичката) филозофија. Тогаш хемичарот се одвоил од херменевтичарот. Хемијата станала природна наука, а херменевтиката ја изгубила емпириската подлога под нозете и заскитала  како во вообразени, така и во бессодржински алегории и шпекулации, коишто само се хранеле од сеќавањата на едно подобро време. Ова подобро време било кога духот на алхемичарите сè уште вистински се соочувал со проблемите на материјалот, кога истражувачката свест стоела наспроти темниот простор на непознатото, верувајќи дека во него гледа облици и закони, кои што не произлегувале од материјата, туку од душата. Сето непознато и празно станува исполнето со посредство на психолошката проекциј, како во темнината да се одразувала душевната заднина на набљудувачот. Она што тој го гледал во материјалот и што го сметал како сознаено пред сè се неговите сопствени  несвесни дадености  кои што тој ги проектирал, тоа значи дека него го пресретнуваат овие својства и можности за определба, коишто привидно припаѓаат на материјата, а чијашто психичка природа во целост му е непозната. Ова важи главно за класичната алхемија, во која природно – научната емпирија и мистична филозофија се неразделни. Процесот на расцепување, којшто настапува при крајот на 16 век, кој го одделува физичкото од мистичното создал значително пофантастичен литературен вид, чиишто автори донекаде биле свесни за душевната природа на алхемиските процеси на менување.

од ПСИХОЛОГИЈА И АЛХЕМИЈА, КАРЛ ГУСТАВ ЈУНГ