Thursday, 20 October 2918

Доктор Соларис од Македонија

Епохата за која ова време има сочувано најмалку почит бездруго е средниот век. Со таа непријатност нашата доба не само што го покажа своето длабоко незнаење за сопствените духовни темели туку ја дијагностицираше и загрижувачката доза на неталентираност за етимолошки финеси: ерата на ваква сèопшта хаотичност едноставно мораше да ја регистрира двосмисленоста содржана во синтагмата среден век (1. суреден , добро организиран, 2. оној кој е во средина, помеѓу)

Дека средниот век бил по многу нешта и средниот век, добата во која се знаело кој е кој и кому е што му следува, покажува и тогашниот обичај, промовиран во благородна обврска, големите филозофи да бидат сложена задача и да ги разликуваат заемно и да им оддадат признание и да ја нагласат нивната најсилна духовна страна.

Така Алберт Великанот ( Albertus Magnus) бил наречен Doctor universalis , Роџер Бејкон ја носел титулата Doctor mirabilis, чудесниот доктор, за Дунс Скот се знаело дека ја заслужил промоцијата Doctor subtilis.

Паскал Сотировски

Краен час е векот во кој живееме барем во ова да го следи примерот од пред половина милениум. Ако и не може да ги испере своите magna crimen, најмалку два смртни грева – двете светски војни – ниту да ја избрише предолгата листа на гревови што не се простуваат (оти биле намерни!), би можел барем да почне да ги ревидира и исправа гревовите сторени од негрижа.

Секој своите.

Обновувајќи го убавиот и значаен обичај, овој век би морал на еден човек од Македонија на Паскал Сотировски да му ја додели одамна заслужената титула Doctor Solaris (Сончевиот доктор) и така да го вброи во списокот на транстемпоралните доктори.

Бидејќи на светот во целина може да се гледа како на една приказна раскажана од Големиот Раскажувач, познат како Господ или Природа (Deus sive Natura) , тоа и секој одделен сегмент и секој посебен настан во него, како и животот на секој поединечен човек, претставува една приказна за себе. Овој текст е едно крајно сериозно барање на Паскал Сотировски да му се додели почесната титула Doctor Solaris. Образложението кое следува е приказна за неговиот живот и достигнувањата во науката; или што е исто, приказната за неговиот живот и достигнувањата е најдоброто можно образложение за ова барање.

од Доктор Соларис од Македонија

Ферид Мухиќ, Табернакул