Monday, 23 October 2017

Две можности за човекот да го образува светот

Природата е форма во која човекот од развиените култури дава единство и значење на непосредните впечатоци на своите сетила. Историјата е форма од која неговата замисла се обидува да го сфати живото битие на светот во однос на сопствениот живот и да се обиде да му даде продлабочена стварност. Дали човекот е способен за такви вообличувања и кое од нив преовладува со неговата будна свест: тоа е прашањето на целокупната човечка егзистенција.

Тука има две можности за човекот да го образува светот. Со тоа веќе е кажано дека тие не се нужно и стварност. Значи, ако понатаму се запрашаме за смислата на историјата, мораме прво да го решиме прашањето кое до сега никогаш не било поставувано. За кого постои историјата? Парадоксално прашање, како што се чини.

Несомнено историјата постои за секого, доколку секој човек е член на историјата со своето целосно постоење и со своето будно битие. Но голема е разликата дали некој живее под постојаниот впечаток дека неговиот живот е елемент во еден далеку поширок животен тек кој се протега на столетија и илјадалетија, или пак го чувствува својот живот како нешто во себеси заокружено и затворено. Сигурно е дека за тој вид будно битие не постои светска историја, светот како историја. Но што ако самосвеста на цела една нација, ако една цела култура почива на ваков а-историски дух? Како во неа би морала да се појави стварноста? Светот? Животот? Да се сетиме дека кај луѓето кои живееле пред нашата ера, во нивната свест за светот, сè доживеано, не само сопственото лично туку и општото минато, веднаш се претворало во мит, вонвременска, неподвижна, митски обликувана заднина на секоја моментална сегашност. И тоа на таков начин што, на пример, историјата на Александар Македонски уште пред неговата смрт за античката свест почнала да се стопува со легендата за Дионис; и што Цезар не го чувствувал своето потекло од Венера за бесмислено. Значи, мораме да признаеме дека нам, на луѓето од Западот, кои имаме силно чувство за временски растојанија, на луѓето за кои секојдневното пресметување на броевите на годините пред и по Христовото раѓање им станало нешто само по себе разбирливо, таквото проживување на тие душевни состојби е речиси невозможно; но, ние немаме право просто да се апстрахираме од тој факт во врска со проблемот на историјата.