Monday, 21 August 2017

Светот почнува со Сонце и со змија

.

Папирусот покажува дека светот почнува со сонце и со змија. Во силата на сонцето има нешто слично со силата на змијата. Отровот и светлината вечно се пресоздаваат. И патувањето на сонцето на запад е поврзано со змиска придружба.

Змијата е посестрима на човековата судбина. Без змија не се седнува на трпеза, не се прави гозба и крунисување, не се оди во војна, не се прочистува душата, не се совладуваат злите духови.

Змија во крвта, змија во сонот, змија во пазувите. Змиско осило во срцето и змиски отров како лек за срцето!

Змијата отровница е заштитница на премудрите богови и кралеви. Се носи како симбол на главата на великодостојниците. Тој симбол го носеле Александар Македонски и цезарионите. Клеопатра умрела усмртена од змија.

Кобрата е кралска змија, Уреус – заштитница.

Алеп змијата е аждер, ламја со немерлива сила. Царува во темнината, во задгробниот живот. За да се стигне до судот на Озирис и да се доживее воскреснување треба да се победи Апеп змијата.

Ако му е судбина на богот РА постојано да се докажува во борба со Апеп змијата, зошто да не му биде судено и на човекот!