Tuesday, 21 November 2017

Александриската библиотека

Напишав песна на папирус и посакав да ја оставам во камарчињата на древната Александриска библиотека. Посакав да ја завештам зашто му ја посветив на Александар Македонски, на неговата слава и моќта да создава градови.

Ако не ја создадел Александрија немало да постои и Александриската библиотека. Ниту Александрискиот светилник, ниту владетелството на Клеопатра, ниту походите на владетелите од други царства и печалбари од Македонија.

Сега Александриската библиотека е мртва. Што ќе значеше ако суштеството – човек успееше да ја сочува, ако пламењата на злото не ги проголтаа нејзините папируси, манускрипти, записи…

Чуварот што е задолжен денес за празните ходници на Александриската библиотека љубоморно го стега клучот од нејзината влезна врата. Тој натрапливо ми се нуди да ми ја толкува историјата на библиотеката. Со тоа си придава значење на својата функција на протектор на празен простор. Зад заклучената врата со решетки мртвее подземна тишина.

Слегуваме надолу по ходниците а тој пред мене ги пали малите кандилца потпрени во камарите во кои некогаш стоеле книги. Чиниш те воведува во некој напуштен рај.

Токму на средината на библиотеката чуварот запира и со подзасилен глас објаснува покажувајќи со прстот нагоре, дека тука над земја, се издигаат Помпеевите столбови. Уште мермерот бие битка со зраците на александриското сонце. Него освојувачите го поштедиле.

Мачно ми станува од застојаниот воздух, од гробната тишина во опустените одаи на библиотеката. Излегуваме.

Го молам чуварот да ја прими мојата песна, да го стави папирусот во една од камарите. Тоа е посвета на Александар Македонски, му објаснувам.

Јас сум задолжен да чувам воздух, драги пријатели, не сум задолжен да чувам папируси со песни, ми вели чуварот. Песните треба да се рецитираат, да се пеат, не да се држат под клуч.

Се поздравувам, а чуварот ме потсетува дека не сум му се оддолжил со бакшиш. Влезницата си е посебна работа. На заминување посакувам да се фотографирам пред Помпеевите столбови, за спомен дека сум ја посетил Александриската библиотека. Сфингата отспротива ми се кикоти како хиена.