Thursday, 17 August 2017

Une poeme dit = Une verre offert

Појдовме во Le Coupole. Се погоди во салата во која седнавме да има вечер на поезија – SLAM Poesie, едно уметничко движење за масовна слобода на орална артистичка експресија. Мотото на движењето беше “Кажи песна = гратис чаша.” Тука, кај што

седеле најголемите светски писатели, научници, уметници од сите вокации, сега беа десетици млади луѓе. Дури и еден Али од Нигерија, кој песната ја кажа на англиски. Старци, но и едно бебе во количка, кое го донело мајка му, поетесата. Ѓоко и јас го слушавме Паскал, кој, откако со жив интерес ги следеше настапите, речe: “Ете, токму и мојот живот е таков. Ја кажав мојата песна, ја испив мојата чаша!

И е, но и не е сосема така. Песната на Паскал Сотировски не завршува со неговото повлекување од сцената, а чашата што ќе стои пред него, како награда за она што тој му го кажа на научниот аудиториум, цел пехар е, што уште долго ќе може да се пие!

Како млад, Паскал сакаше да биде филозоф. Тоа и стана. Верувам дека секој што нешто постигнал во животот, станува делумно и филозоф. Цената за тоа, пак, е висока и се плаќа со тоа што не се станува ништо друго. А што друго и би сакал да стане оној што станал тоа што сакал? Сега, од оваа заслужена височина на годините и резултатите, тој јасно гледа дека светот во целина има големи проблеми.

“Организмот на човештвото се распаѓа. Луѓето се борат против Природата, како да им е непријател, наместо да видат дека таа е носител на нивната сила, на целиот нивни живот. Потполно сме зависни од неа. Го испитуваме Сонцето, Галаксијата, Вселената, а погледни од што зависиме: едно апче, едно лекче, дозата без која запира срцето, бубрезите, дишењето. Ниту се сите здрави, ниту некој е здрав цел живот. А колку зависиме од сеизмолошките настани, вулканската активност, глобалната клима?! Па од Сонцето и неговите циклуси, активноста, хемиските и физичките процеси што без престан ја одредуваат судбината на сиот живот на планетава!”

 

Ферид Мухиќ – Доктор Соларис од Македонија

Табернакул