Friday, 19 October 5296

Црна Атена – Аристотел и Египет

Аристотел не само што бил ученик на Платон, туку учел и во Академијата под раководство на Евдокс од Кинд, величенствениот математичар и астроном, за кого постоеле искази дека поминал 16 месеци бричејќи си ја главата во Египет, со цел да учи со тамошни свештеници. Аристотел бил под огромно влијание и од тврдењата на Херодот за Египет, и очигледно бил фасциниран од таа земја. Иако повремено ја нагласувал големата древност на месопотамиската и на иранската цивилизација, неговиот став изгледа велел дека Еѓипјаните биле најдревните луѓе.

Аристотел бил подеднакво контрадикторен и по прашањето на дифузионизмот. Повремено го искажувал своето уверување во независната инвентивност кај различни култури, но затоа Египет бил колевката на математиката, бидејќи на кастата на свештениците и било дадено големо слободно време, schole. Според Аристотел, свештениците ги измислиле mathematikai technai (математичките вештини), во кои биле вклучени геометрија, аритметика и астрономија. Всушност, неговото одушевување од Египет го надминало воодушевувањето на Херодот во една поединост. Таму каде што Херодот верувал дека Еѓипјаните ја развиле геометријата, клучната наука, поради практични причини, за мерење на земјата откако ориентирите биле однесувани од поплавите на реката Нил, Аристотел верувал дека геометријата биле теориски развиена од свештениците.