Thursday, 21 September 2017

Првото јајце од Величетврток

Во борбата против градот народот многу често го користи првото велигденско јајце кое се вапцува токму на Величетврток. Ова јајце најчесто се закопува во нивата или лозјето во деновите по Велигден. Во Слепче велат – За да не паѓа град првото јајце од Величетврток на средниот ден од Велигден се закопува во нивата или лозјето. По Велигден на нивата јајцето се закопува и во Банско, но во селата Сопотница, Русиново и Владимирово велигденското јајце во нивата се закопува на Ѓурѓовден. Во некои села немаат определен ден кога јајцето се закопува, туку едноставно велат – Првото јајце од Велигден се закопува во најголемата нива за да има заштита од град (Логунци). Во некои села првото велигденско јајце се закопува само во лозјето. На оваа тема од Удово раскажуваат – На Ѓурѓовден се лулаат младите за здравје со првото јајце од Велигден во џебот. По лулањето домаќинката го закопувала јајцето во лозјето. При копањето на лозјето оној што ќе го најде јајцето ќе го изеде.

Слично постапувале и жителите на Слоештица, а во Мешеишта јајцето се закопувало во лозјето на вториот ден од Велигден. Во Кумарино постапувале поинаку и таму се закопувало во дворот на куќата за да ја штити куќата од град. На ова место треба да се каже дека има села во кои се верува дека не секое велигденско јајце го има заштитното дејство против град. Во Конопиште се препорачува – За да нивата не ја фаќа град, треба јајце од црна кокошка посебно да се вапца на Велигден и да се закопа во нивата.

извор – Небото над Македонија од Ѓоре Ценев, МКЦ 2004