Monday, 26 June 2017

Македонската култура и обичаите во 19тиот век

Една особено шарена слика претставуваат неделните пазари каде што селаните и селанките во најразлични носии ги донесуваат своите производи, врз мали добро натоварени магариња. Лук, пиперки, кромид најмногу се бараат. Колку се многу тие што треба да се задоволат со едно парче пченкарен леб и неколку печени пиперки и сепак колку дебели и црвенообрази изгледаат жените од Буково и со таква исхрана.

На 20 мај беше празникот на Евангелистот Јован за кој променетите селски девојки се собираат на плоштадот во селото, каде што прават големи глинени топки, од кои се оформува погачата, паницата во кои се пече лебот. Таа е со тркалезна форма, приближно со половина метар со пречник, и со перваз во височина од 6 см. Кога ќе се нажежи, внатре се става тестото, а одгоре метален капак. Тогаш врз него се става жешка пепел и се чува додека лебот да се испече. Кога се доближив со фотографскиот апарат, за да ја сликам собраната група, момичињата се разбегаа пред да го подготвам апаратот. Само неколку успеав насила да ги задржам.  Вечерта ја научив причината за нивното бегство: тие мислеле дека имам „френски“ волшебен апарат, со кој можат да се видат луѓето „во натура“ (природно).

Следниот ден стигнаа овците при што бевме поканети кај еден селанец. Роднини и познати идат и помагаат во стрижењето на овците. Притоа колат јагниња и по завршувањето на работата се прави гозба, при што се пие и доста ракија. Многуте благослови што се кажаа при пиењето кај мене предизвикаа восхит и не можам да не ги споменам. Кога се приближивме кон куќата, сопственикот не пресретна со „добре дошле“, а по него и жена му. При влегувањето во собата не поздравија по втор пат, а кога седнавме на килимот – по трет пат, се со истите зборови. Тогаш селанецот му го подаде шишето со ракијата на својот господар при што рече: На твоите услуги, чорбаџи (така им се обраќаат на првенците).

Господарот: Да си добар и Господ да ти даде среќа.

Селанецот: Амин. (Сите присутни, дури и мохамеданите се приклучија кон тоа, некои се прекрстија).

Господарот: Многу изобилие за нивите.

Селанецот: Амин.

Господарот: Да ти се живи луѓето во куќава, исто и животните.

Селанецот: Амин.

Господарот: Да ти се живи овците и да се плодат, од една илјада да станат, кој има, кој нема сто да добие.

Селанецот. Амин.

Господарот: Господ да ја благослови благотијата (тоа што се добива од овците како: млеко, сирење, масло) и да се јаде со здравје и среќа.

Селанецот: Амин.

Господарот: За твое здравје.

Селанецот: Благодарам.

Кога господарот ќе се напие, му подава едно шише наречено пагур на селанецот, кој на срцето има уште толку или повеќе желби, особено ако тој од спротива му е неженет, му посакува добра и богата жена и многу и здрави деца. Така пагурот многу бавно обиколува. Потоа се принесува студена храна и човек не се стеснува да јаде.

Во Смилево добрата клима и благосостојба го направиле своето врз жителите. Никогаш не сум видел заедно толку убави свежи и заокруглени лица како таму, а кон тоа уште се додава дека и,  инаку така грубата народна носија тука и отстапила место на една со повеќе вкус и повеќе вредна носија.

Таа се состои од ленена риза, чиј долни крај е една педа извезан и која достигнува до глуждовите. Озгора има втора подебела риза која стига до колената. Врз неа се носи жакет од бела овча кожа со козината навнатре, која има гарнитура од црна кожа. Тој жакет го претставува поголемиот дел од облеката при што целата предница е покриена со вредна брокерија со свила чија изработка бара многу време и голема прецизност. Исто и врз престилката и врз крпата за глава е вложен голем труд. Од темето надолу по грбот висат две долги широки извезени ленти и округлото розово лице е забрадено од една многу бела крпа. Можеше само да се жали што при нашето приближување момичињата се разбегаа. Едвај кога бевме одведени во неколку семејства од гореспоменатите луѓе, успеавме со вохит да им се нагледаме на лицата и на облеката. По одморот повеќе од еден час пристигнавме повторно во Гопеш.

Од записите на Густав Вајганд, објавени во Лајпциг 1895 г.