Saturday, 19 August 2017

Кога Сонцето требало да се жени

Господ го свршил с’нцето па на свадбата ги канил сите ѕверови, пилци, инсан што имало. Сите му отишле на свадба. Желката што била, пратил еднаш, два пати по неја, за треќиот пат му дојде кај господа и му вика:

-Ти неарно стори.
-Зошто неарно?
-Сега едно с’нце е, ќе изгори инсанот, ами тогаш? Ти пород не ќе му дадеш ли?
-Ќе му дадам!
-Ами лели ќе се родат синови, ќерки, ќе станат пет-шес с’нца, тогај требе и земјата да изгори!

-Вистина така е! ѝ даде господ правото, се арниса од таја мисла, и свадбата не биде, се расипа, и светот се разотидоа, и господ ја благослови, под сенка да биде; ја нашари, ја покри со плочки озгора да ѝ држи сенка, и сега она сусерќите и дрмите ги брка, кај што ѝ е ладно.

Се разлути с’нцето и се пикна в море и три дни го нема да испанде.

Собра господ диании што имаше на земјата, ги праша: „Е како сега ќе правиме, с’нцето спие, кој ќе иде да го разбуди, нема ли некој од вас?“

-Ја ќе идам – рече петлето – ама сакам да ми ги сметнеш пердувиве, оти од тежина не ќе можам да испаднам, кога ќе се натопам у водата.

Заповеда господ, и пердувот му се свлече од грб, од нози, од глава, остана петлето голо, како искубано.

Отиде кај морето, се брцна у водата, испласка со крилјата и викна: „Кукуригу!“ Се разбуди с’нцето и си се качи горе, си почна да си греје како напред: лутината ја заборави. Искубани петлиња што има, од тој сој се.

Извор: Преданија и легенди, д-р Кирил Пенушлиски, Македонска книга, Скопје, 1969.