Sunday, 20 October 8954

Поп Богомил – Титан на Времето

Непобитен е фактот дека попот Богомил, иако некои од историчарите го бркаат со попот Јеремија, не е некоја митска личност што народот ја создал во својата фантазија, туку реална и историска, која постоела и за време на бугарскиот цар Петар бил прв што почнал да проповеда, како што вели Презвитер Козма – ерес. Од беседата на Презвитер Козма и од Синодикот на царот Борил, убаво може да се види дека основачот на оваа зла ерес, како што ја нарекле официјалните лица, бил попот Богомил. Но кој е попот Богомил, од која културно – етничка средина произлегува, тоа изворните материјали не го прецизираат, освен она што го напишал Теофилакт во Житието на Климент, дека ереста се појавила меѓу неговата паства по неговата смрт. Токму овој, на изглед безначаен податок што ни го дава архиепископот Теофилакт, за нас е од посебна важност, бидејќи тој не само што го прецизира крајот во кој за прв пат се појавило богомилството, туку ни дава можност која не ни ја даваат другите извори – да проникнеме не само во ликот на попот Богомил, туку и да видиме од каде произлегува овој титан на времето, чие учење стана не само подлога на многу еретички учења на запад во Европа, туку стави основа на она револуционерно движење што доведе до востание во 969 година и до ослободувањето на Македонија од бугарското владеење.

– Драган Ташковски, Богомилско Движење