Sunday, 22 October 2017

Павел Шатев за Александар Македонски

ИЗВАДОЦИ ОД ПУБЛИЦИСТИЧКАТА ОСТАВИНА НА ПАВЕЛ ШАТЕВ

Митот за Александар Велики настанал во 14 и 15 век за да ги обедини христијаните на Балканот! Тоа е резултат на изгубените надежи на балканските христијански народи за изградба на една општа, заедничка црква што, најпрво скришно, а подоцна и отворено, требало да даде нов импулс во очекувањата за подобар живот на балканските простори!

На овој начин, парафразирано и во куси црти се објаснува ставот на најпознатиот македонски гемиџија Павел Шатев, бриселскиот доктор по правни науки, што произлегува од првичното читање на неговите ракописи посветени на античка Македонија, Александар Македонски, за односите на Македонија со Грција и Рим… Ракописот е дел од неговата книжевна и публицистичка лична оставина, што во микрофилмувана форма од пред две недели се наоѓа во Македонија и авторот на овие редови лично го доби во Загреб од единствениот жив директен наследник, ќерката Милка Шатева. Се работи за повеќе од 4.000 страници материјал што, според г-ѓа Шатева, не бил запленет од припадниците на УДБ-а по неговото апсење во 1949 година.

Темата за античка Македонија и најголемиот светски владетел содржи над 150 страници ракопис. Нема точен податок кога тој е пишуван, но според содржината во која е поместена полемиката на Шатев со извесен руски професор С.И. Ковалев, најверојатно станува збор за последните години од четвртата деценија на минатиот век. Сосема извесно е дека во полемиката посветена на историјата на древното и античкото општество, славниот гемиџија настапува од позиции на марксистичката филозофија. Само детаљните научни истражувања ќе може да покажат какви биле неговите ставови, но очигледно е дека антиката и Александар Македонски не се „производ на денешнината“, туку биле тема и во време кога не постоела македонска национална држава, што апсолутно не значело и отсуство на веќе изградена национална свест.

Надеж за подобар живот

Без намера или претензии да предизвикаме научни или какви било други полемики, во овој број на „Публика“ изнесуваме неколку сегменти од ракописот на Павел Шатев, почнувајќи од насловот „Александар Македонски како мит за балканските народи“.

– Во времето на 14 и 15 век христијаните на Балканот ја загубиле тешката политичка слобода и потклекнале под туѓата власт, па ги заборавиле тешките разногласија и надежта за една општа црква што ќе го обедини и поврзе христијанското братство, па почнале скришно да негуваат надеж за подобар живот. И за ова се даде еден посилен поттик за ново црковно единство, што требало да се потпре врз минатите далечни општобалкански традиции, па тие се обединиле врз едно знаменито име на нивните држави, врз фамозниот владетел Александар Велики, подоцна именуван како Александар Македонски. Во грчките анаграфи, Александар Велики се бележи како син на Олимпија, а старите Бугари го славеле како син на нивниот бог Перун. Учените, во времето на турското владеење, во нивните хроники говорат за режимот на Александар, а обичните и простите учеле и се восхитувале на подвизите на младиот Грк (!), кој бил победник над толкави народи, над чудовишни суштества и како притоа се изложувал на секакви опасности – пишува Шатев.

Во овој дел од ракописот, гемиџијата продолжува со друг наслов „Александар Велики – историјата на великата империја“:
– Името на Александар Велики го означува крајот на една историска епоха и почетокот на нова епоха. Историјата не познава друго такво иновативно, способно, надарено суштество, ниту една толкава приказна за подем на еден лидер кон власта и славата. Фактички, фантазијата одвај би можела да изнајде нешто ново (или некое ново откритие) од животот на тој голем воин на светската историја. Дали фигурата на Наполеон бледнее пред огромните размери на тој човек, кој едновремено бил најхрабриот војсководец на својата војска, воен стратег, колекционер и законодавец – се прашува Шатев.

Македонската држава ги обедини Истокот и Западот

Никој не можел да го одбегне постоењето на неговата личност. Ученик на Аристотел, покровител на изучувањето на науките, ужас за своите непријатели и великодушен кон победените. Така изникнува пред потомствата херој на антиката, не како човек, туку како еден херој, како полубог меѓу сите доброчинители и награда на боговите од грчката митологија. Александар Велики е син на Филип Македонски и Олимпија, ќерка на илирскиот кнез Неоптоломеј. Тој е роден во Пела на 21 јуни 356 г. пред Христа. Дар на природата, тој од рано пројавува квалитети на еден голем карактер, изразува дарба кон подвизи и љубов кон славата. Големината на војсководец тој ја пројавил во 338 г. во битката кај Харенси каде ја поразил свечената армија на Тиванците (извинување за евентуалната грешка во преводот за името на локацијата и на народот)… По смртта на Филип, кој бил убиен во текот на август 338 г., одвај 20-годишниот Александар се искачил на престолот. Огорчен од убиството на татка си, тој е енергичен и самиот ги разбива Грците и ги натерал да ја признаат неговата хегемонија, што е еден блескав поход. Следната година Александар ги покорил варварите по течението на Дунав и ги принудил да ја признаат неговата власт – полн со пофалби за херојот од антиката е гемиџијата.

Во продолжение од ракописот следува описот за покорувањето на Персијците и завладувањето со цела Мала Азија, основањето на градот Александрија, прогласувањето на Александар за „Син на сонцето“, во согласност со обичаите на древните фараони. Шатев потоа пишува за походот на Александар Македонски до Индија и стигнувањето до Индискиот Океан. Ја споменува и смртта на Хефестион, „љубимецот на Александар, кого во Вавилон го погребува со царски почести“.

Полемика за историските термини

– Александар се задржал да живее во тој град, но разочаран, по еден пир, тешко заболел и умрел за неколку дена на 33-годишна возраст (8 јуни 322 г п.н.е). Александар бил најголемиот и најценетиот херој на древноста. Тој мечтаел да основа една вселенска империја. Неговиот живот има вселенско историско значење. Во Рим, во главниот музеј, има една биста на Александар за која велат дека е прекрасна копија на оригиналот. Во основа, чудесно претставување на најголемиот мит од древноста, прикажан како Аполон, со победнички поглед насочен во далечината… Уште во антиката, Македонија играла врвна улога во историјата на светот. Македонската држава, макар и со војување, успеала да го обедини Истокот со Западот и создала една материјална база врз која се развила елинската култура. Македонија како држава од редица причини од внатрешен и надворешен карактер, не можела да опстојува долго време како што било со други големи империи во далечното минато. Македонија во 148 година пред Христа станала римска провинција, а во текот на 168 година била разделена на четири дела: Амфиполис, Тесалоники, Пела и Пелагонија – го завршува овој дел од ракописот Павел Шатев.

Натаму следува друг наслов „Историја на античкото општество (Грција, елинизам и Рим)“, чиј прв поднаслов е: „Што е ‘античко општество’“, што на свој начин претставува вовед во полемика со извесен руски професор С.И. Ковалев.

Професорот Ковалев во 1934/35 година, пишува Шатев, одржал курс од лекции, што се собрани во книгата „Историја на античкото општество“ (Грција, елинизам и Рим), издадена во Ленинград во 1937 година. Во таа книга се дава еден историски вовед во историјата на древна Грција од критско-микејскиот период до смртта на Александар Македонски.

Во воведот се разгледува: Што треба да се подразбере под името античко општество?; Историографијата на Грците и Римјаните; Историографијата во античноста во средниот век и во ново време; Марксизмот и создавањето на научната историја на древниот свет.

Во овој дел од ракописот Шатев користи нов, посебен наслов „Македонија и Грција“, во кој, меѓу другото, ќе напише:

– Зборот „древна“ (античка) се употребува само за Грција и Рим, за грчко општество, за грчко-римската култура. Пред да минам на самиот курс, да се осврнам, на воведот, какво место зазема историјата на Грција и Рим во општиот историски прогрес на човештвото. Грчко-римското општество било робовладетелско. Општествата на древниот Исток биле исто такви. На тој начин, во историјата на древниот Исток, како и во историјата на Грција и Рим, ние имаме историја на робовладетелски општества. Но, во што се состои специфичноста на грчко-римското општество, во што е посебноста на тоа општество и неговата историја? Древно-источните општества, на пример, вавилонското и египетското, биле примитивно-робовладетелски општества. Тоа бил првиот стадиум од развојот на класните, робовладетелски општества. Таквите општества се карактеризираат со признаци како што се централистичка форма на државите и општодржавни форми на сопственоста. Во тој период, врв на развојот на грчко-римското општество е индивидуалната, лична сопственост – опишува Шатев

Ракописот продолжува со полемика со рускиот професор Ковалев во која гемиџијата настапува од позиции на марксистичката филозофија. Под закана од можноста извадоците да добијат предзнак на „извадено од контекст“, по преводот на целиот ракопис, сепак голем беше предизвикот да пренесеме барем дел од размислувањата на Шатев посветени на античка Македонија и Александар Македонски. Дотолку повеќе што ракописот е пишуван во време кога македонска национална држава формално се` уште не постои, што апсолутно не значи и дека не постои посебна, македонска национална свест.

извор: ДНЕВНИК