Monday, 19 October 5412

Коста Цепенков – екимот на сиромашните

Коста Цепенков од Прилеп во своите млади години ги пропатувал Србија и Романија и други места и се занимавал со разни занаети, а по враќањето во Прилеп, запознавајќи се со народниот лекар Хаџи Стојан од Лазарополе, на негов наговор, му станал помошник. Потоа, и двајцата продолжиле да лекуваат болни од сараџа (скрофула), од камен во мочните патишта, од очни пердиња, разни видови рани и од потурено (хернија). Следејќи ја работата на екимот Хаџи Стојан, помошникот Коста за две години ги изучил сите тајни на екимлакот, а веќе во следните четири години толку го усовршил занаетот, што навистина се прочул. Според неговиот син Марко, екимот Коста Цепенков бил умерен во наплатувањето на своите услуги, а доколку наплатувал тоа го правел дури откако болниот ќе бил сосема излечен. Поради тоа го нареклееким на сиромасите.

Тој се покажал како одличен лекар во лекување на внатрешните болести – пуштал крв (еден вид венопункција) со цел да го намали зголемениот крвен притисок на болниот и да ги отстрани пореметувањата на срцевиот мускул, а преку препотување лекувал настинка и воспаление на белите дробови. Екимот Коста вршел и некои хируршки интервенции. Тој бил оспособен да остранува желки од вратот на болниот – интервенирал при зголемување на лимфната жлезда во состав на скрофулозен синдром. Остранувал и брадавици. Знаел успешно да вади куршуми од раните, лекувал рани од од каснување на разни животни и успешно вадел заби. Бил прочуен и по лекување на болеста јенмеди – кожен тумор или луес.

Екимот Коста потоа специјализирал кај екимот Јанко од село Магарево, Битолско. Од него научил калемење на сипаници (Variola vera). Првин ги калемел децата од Прилепско, а подоцна се прославил со калемење деца по цела Македонија, Има податоци дека во кичевската околија калемел преку илјада деца, а притоа ниту едно не умрело, за кое кичевскиот владика му оддал признание.

За време на своите патувања Коста Цепенков ги слушал прекрасните народни умотворби, па кога во неговиот дом навраќал Димитар Миладинов, како што се случувало почесто, првин тој а потоа и син му Марко запишале многу собрани песни и народни умотворенија. Во 1846та година екимот Коста е народен лекар во Струшко, а потоа од 1852ра тој се занимава со истиот занает и во Битолско, и таму отвора дуќан со лековити билки, еден вид спицерија. Како и за Коста Цепенков или Хаџи Стојан, така и за сите други народни лекари може да се рече дека имале изразена способност за дијагностицирање – препознавање на болестите што ги лечеле. Притоа тие го познавале широкиот спектар на дејствување на лековитите средства од народната фармакопеја, а ги користиле и прирачните советници за лекување на болестите, со нивните прецизно набележани симптоми.

– од книгата Прилози за историјата на здравствената култура на Македонија, автор Mr Ph Боро Николовски, Македонско фармацевтско друштво 1995