Wednesday, 19 October 5357

Еким, лечам од разни болести!

Кон крајот на 18ти и почетокот на 19ти век во Македонија сеуште нема школувани лекари. Но, потребата од нив ја задоволуваат народните лекари, екими и видари, кои се главно самоуки, но пред се емпиричари и луѓе што со интелигентно набљудување можеле да ја откријат болеста, а потоа, одлично познавајќи ја народната фармакотерапија, да користат лековити билки за да ги лекуваат болните.

Меѓу првите народни лекари се споменува екимот Хаџи Тома и неговиот син Киро екимџијата. Тие учествувале во востанието во Србија заедно со многу други Македонци. Така, во 1805та година востаничкиот совет го поставил Хаџи Тома за воен лекар со плата од 60 динари месечно.

Други прочуени народни лекари, според архивските податоци, биле Аџијата од Велес, Коста Зафиров и Пане Афро Кусачочо од Велешко, Хаџи Стојан од Лазарополе и Галичник, Коста Цепенков – таткото на Марко Цепенков од Прилеп, екимот Јанко од село Магарево, Битолско, учителот Димитрија Даскалов од село Вевчани, Струшко, Тома Мандакас од Костур, кој бил и лекар во Охрид, а во 1766та година го напишал здравствениот советник Огледало на жените, отпечатен во Москополе, Питу Цинцар од Горна Белица, Струшко, кој калемел успешно сипаници, Јеремие Павлов од Малешево кој напишал лечебник за разни болести, Димитрие Смрекаров од Самоков кој работел во Велес и за кој се смета дека го напишал делото Советник за разни болести.

Меѓу жените исто така имало почитувани народни лекари кои знаеле да помогнат особено при породување, а меѓу нив најпознати биле бабиците Марија Читалиева од Скопје и Марија Тодоровска од Битола.

Не треба да се заборави дека во овој период врз здравствената култура во Македонија извесно влијание вршеле и лекарите што доаѓале однадвор – на пример лекарите од Јанина, билкарите од Јанинско и Костурско и други.

извор