Thursday, 17 August 2017

Годините врват, а на егрегорите ептен им се брза

Предвремени…значи се случуваат пред да им биде времето. На веб-страницата на Државната Изборна Комисија можат да се прегледаат резултатите од сите досегашни избори и референдуми во Република Македонија. Предвремени парламентарни избори имаше во 2008ма, 2011та и 2014та година. Деновиве се најавија нови предвремени парламентарни избори, кои што би требало да се случат наредната, 2016та година. Македонија како да неможе да се освести од предизборни кампањи, заплашувања, менувања на ешалони и влијание на туѓи сили. И тоа трае, веќе 24 години.

Познато е дека луѓето се раѓаат само со два стравa – од паѓање (од висина) и од силен звук. Тие се вродени како заштитен механизам на човечкиот организам. Сите останати стравови се  допишуваат врз првобитната табула раса во текот на човечкиот живот, секому според опкружувањето, личното искуство, секојдневието и погледот кон постоењето. Многу често, она што е страв за некој, за друг човек воопшто и не е заплашување. Но, во Република Македонија се потврди стариот тертип на манипулација – осиромаши ги, уплаши ги, па така сами ќе се испокараат и вечно ќе бидат владеени…

Дали сами сме си виновни или сепак некој друг од надвор си игра со Македонците како во куклен театар? Светскиот мејнстрим покажа и докажа дека сите тези и теории кои што не одат во прилог на дејствувањето на глобалната политичка елита, порано или подоцна се определуваат како теории на заговор. Сите соништа на Македонскиот народ, кој конечно доби суверена и независна држава, на етапи од по неколку години се повлијаени од сили кои што сè повеќе наликуваат на окултна практика. Влијаењето врз туѓите соништа може да се оствари преку техники познати на древните врачови, современите магови, но и преку егрегорите. Над нас се создадоа такви егрегори, што секој обид за нивен опис се граничи со опасност по живот. Годините врват, а на егрегорите очигледно веќе многу им се брза…

Никола Ристевски

читај повеќе – Без наслов, но со повод

Македонија