Tuesday, 25 July 2017

Беснилото во 19ти век

Податоците за имињата, симптомите и лекувањето на сите болести, за кои станува збор подолу не сум ги добил од слушање, „по сказни“, туку од свои непосредни набљудувања. Повеќето од тие болести сум имал несреќа да ги прележам или лично, или членовите од семејството или на блиските роднини и пријатели.

Читателите ќе видат, дека за многу болести народот составил соодветни и успешни имиња. Нашите доктори ќе направат добро ако ги проучат народните медицински средства и народниот медицински јазик. Така на пр. Бодеш, Буица, Врвеш, Грлица, Нахот, Оток, Полазница и др. имиња се многу поизразити и позгодни отколку туѓите Плеверит, Тифус, Диареја, Дифтерит и др. па би требало да се употребуваат и во популарни состави по медицина.

Во 1869 година изнесов некои од тие народни имиња на еден доктор Бугарин во Цариград, кој беше еден од најискусните и чуени по таа област и фрапиран од богатството и експресивноста на нашиот јазик. Тој сметаше дека сите слични имиња треба да се употребуваат во секојдневната практика и во медицинските списанија. Денеска сме станале за жал, многу рамнодушни кон постојаниот прилив на туѓи зборови во нашиот јазик.

1. Бес. Позната кучешка болест „водострав“. Има и Крив бес. Имало некакви мали птички – врапчиња кои летале многу ниско во воздухот и кога ќе одлетаат високо од тамошниот бесен ветар побеснувале и паѓале на земјата, па кое куче ќе се случи да најде такво побеснето врапче да го  изеде побеснувало и тоа. Каснатиот од бесно куче еве како го лекуваат кај нас. Набрзо по каснувањето штом почнат да се појавуваат првите знаци на болеста како: главоболие, со матење и бучење во главата, треска и др. во устата на болниот под јазикот му се појавуваат некакви ситни меурчиња наречени бесни – кучиња. Тие меурчиња некои стари жени искусни за лекување на болеста ги горат со врвот на вжештена чорапна игла или со нажежено железно вретено или пак со некој друг сличен нажежен предмет. Колку тој начин за лекување е успешен не знам. Други пак со иста цел, го горат каснатото место на човечкото тело со вжарено железо, па му отвораат вештачка рана, која ја разработуваат подолго време како јакија. Тој начин на лекување, кажуваат, дека бил поуспешен од  првиот.

Коментар.

Беснилото е стара болест. Уште во 4 век пред новата ера ја споменува Аристотел во своите записи за беснилото кај кучињата, а подоцна во 1 век од н.е. Целзус истакнува дека болеста се пренесува со каснување од куче на човек. Оттогаш па до денес празноверијата за беснилото многу се распространети, како кај нас така и кај другите народи. На пр. грчкото име Лиса потекнува оттаму што порано замислувале дека оваа болест ја предизвикува еден црв под јазикот на болниот. Затоа како кај нас, така и кај другите народи се верува дека со сечење под јазикот човекот може да се излекува од оваа болест. Ова верување е во врска со зголемувањето на подјазичната жлезда, која кај болните од беснило понекогаш забележително отекува.

За вистинскиот причинител на беснилото долго време ништо не се знаело, затоа тој е припишуван на побеснети врапчиња изедени од кучиња како и влијанието на голема вруќина, жед, па дури и на воздржување од полови односи. Но и покрај тоа што причинителот на болеста не бил познат, познато било дека тој се пренесува на човекот со каснување од бесно куче или загадување на повредена кожа со заразена плунка од болното животно. Затоа за лекување на болеста не е случаен обидот за горење на каснатото место со вжарено железо, исекување на раната или посипување на истата со азотна киселина и сл. Ваквите обиди, ако се преземат набргу по каснувањето од болното животно иако не можат човекот да го заштитат од заболувањето и денес имаат извесно оправдување бидејќи со тоа може да се уништи дел од причинителот на болеста и да се добие на време со помошта на Пастеровата вакцинопрофилакса, постигнувајќи се имунитет пред болеста клинички да се манифестира.

Инфекциозниот карактер на болеста е објаснет во почетоот на 19 век.

Кај кучињата се познати две форми: а) кучето е раздразнително (немирно), халуцинира (напаѓа и предмети), опашаката му е меѓу нозете, потоа настапува парализа на вилиците, па на нозете; б) Крив бес – паралитичен бес: нема немир, ами парализа на задните нозе и вилиците, и за неколку часа настапува смрт.

Од книгата „По народната медицина и нејзината номенклатура во Македонија“ од Кузман Шапкарев,  приредиле и коментирале група автори, Штип 1982.