Thursday, 21 September 2017

Сè ќе си дојде на свое место (Џамбо интервју со Емилија и Игор)

Здраво живо Емилија. Ти благодарам за овозможената прилика за интервју.

Емилија Џамбазова Бавчанска

Како нè гледаш нас, хомо – сапиенсите?

Не ве ни гледам. Чекам прво Вие сами да си се видите. Макар и во огледало.

Умен и послушен ли е газдата?

Кога треба – да. Кога не треба – не. Арен е сега. Прибран некако.

Бидејќи си дама, не те прашувам за години, туку дали можете да им го продолжите животот на луѓето (оти – нели имате по девет)?

Па да…еве баш вчера газдата мој ми побара еден живот, онака на подарок. Тој си има еден резервен, ама сакал уште еден. Тоа е таа хомо-сапиенска незаситност.

Каде живеат најличните мачори во Македонија?

Во Козле. Најличните. А во Охрид најбрзите. Во Маврово најздравите, а во Слепче оние љубовниците…

Емчето

Што би им порачала на читателите?

Мили мои и никогаш не прежалени македонски хомо-сапиенси, држте се!

Ќе го пуштеш ли газдата твој на малку муабет со ЛОЗА?

Молам? Знаев јас дека има некаква измама овде. Го пуштам, еве ви го. Дома да си го земете.

Емилија и Игор

Здраво живо, г-ине Џамбазов. Благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе го претставиме вашето учество во македонската култура на начин кој што ќе допре до различните генерации кои што ја читаат ЛОЗА, а можеби и ќе ги инспирира помладите.

Каде и во какво време живеел и растел Игор Џамбазов?

Растев покрај Вардар. Во една жолта зграда залепена со тогашната Автобуска станица, веднаш до новиот-стар Македонски Народен Театар, и тоа до 1969 година. Потоа во Козле, се до дипломирањето. Мојата генерација и јас живеевме спокојно детство. И незаборавна младост. Би сакал секое дете на светот да има детство какво што беше моето.

дедо петре и игор волшебното самарче

Ептен Џамбо ли ќе е новото Шоу?

Џамбо фестивалот требаше да се одржи пред Нова година. За жал, иако сè беше подготвено, договорено и извежбано…мојот организам не го издржа сето тоа, па завршив во болница. Фестивалот не е откажан, туку само одложен за Мај. И точно. Ќе биде ептен Џамбо шоу.

Дали музичарите се заштитени од државата, и какви реформи би требало да се случат за да се балансираат нештата?

Како што гледаме, музичарите се заштитени од државата, ама само некои. Оние другите, што не се во ниедна шема, тешко дека ќе добијат дел од колачот. Јас, најискрено, никогаш ништо не сум побарал од државата.

igor-dzambazov

Фестивали, шоуа, кич, шунд, таленти, субвенции…а хитови троа послабо. Во претходниот милениум Шпато, Биг Бенд на МТВ, прогресивни 80ти и силни 90ти. До каде стигна македонската музика? Постои ли пречка во комуникацијата помеѓу слушателите и големите медиуми?

Македонската музика е во голема криза. Не заради губење на својата креативност, туку заради окупацијата од кич, шунд, невкус и турбо-фолк што ни го сервираат најгледаните телевизии. Пречката очигледно постои, а картите се во рацете на сопствениците и главните уредници.

Што прво ви доаѓа на ум кога ќе се спомне “македонска музика”?

Прво на татко ми Џамбаз, на Шпато, на скопските фестивали. Подоцна на Бис Без, Леб и сол, Конкорд, Мизар…и сите тие возбудливи изведувачи од мојата младост.

Го изгубивме цд-то од првите концерти Игор и пријателите од 90тите години. Ќе можеме ли повторно да ги слушнеме тие песни?

Тие песни никогаш не сме престанале да ги свириме. Ги свириме и ден-денес, само во некои други, поприкладни аранжмани. На мојот голем концерт во “Борис Трајковски“ пред две и повеќе години, со Гуру Харе бенд направивме класична ретроспектива на се она што го свириме во последните 20 години.

Каков беше македонскиот театар пред децении, а каков е денес?

Пред точно три децении, ме примија на работа во Драмскиот театар. Тоа беа сосема други времиња, други околности. Имаше многу повеќе љубов кон театарот, и се разбира ентузијазам, тимска работа. Денешниве театри се многу поразлично конципирани и екипирани од оние во мое време. Затоа, не е умесно да се прават споредби.

игор сомнително лице

Ќе се случи ли комплетно реиздание на сите ваши досегашни книги, и ќе пишувате ли уште?

Комплетното реиздание на моите книги се случи уште лани. Издавачкиот центар “Три”, ги објави сите мои четири книги, кои се продаваат и во комплет под наслов “Присобрани дела“ од Игор Џамбазов. А во април, за време на Саемот на книгата ми излегува и најновата “Умрен човек“.

игор книга

Голем македонски филм на новиот век – ќе го гледаме ли?

Се надевам дека тоа ќе биде режисерскиот првенец на мојот стар пријател Раде Шербеџија. “Ослободување на Скопје“. Јас имам многу мала улога, но важно ми беше да учествувам во неговото деби. За жал, создавање на квалитетни македонски филмови без помош од странски пари, стручњаци и актери, сеуште не е можно.

раде игор

На какво мнение сте за моменталната трагикомична ситуација во која што се заробени македонските граѓани?

За тоа ќе ги прашате политичарите кои се единствените виновници за тоа.

Како ги гледате огромниот број на портали и македонски медиуми кои влијаат врз јавното мислење?

Ги гледам како дел од демократијата за која се боревме. Тоа што половина од нив се створени само да се пресметаат со политичките неистомисленици, тоа е тоа што не чини.

Удобно ли ви беше на гости кај соседите, учтив ли беше славниот Слави? (по две децении, вашиот разговор сеуште ги смее и нас и нив) 🙂

Приказната со Слави и гостувањето кај него сеуште е актуелна. Иако поминаа повеќе од 15 години, уште го гледаме тоа со пријателите. Јас сум горд на тоа интервју, затоа што успеав барем малку да им објаснам на тамошните гледачи што навистина се случуваше кај нас, во таа 2001 година.

Ако ја тргнеме на страна нисковибрантната популарност на политичарите, Игор Џамбазов е можеби и најпознатото македонско лице. Што гледате во очите на македонскиот народ? Ќе издржиме ли?

Ќе издржиме. Кога не сме издржале? Само да почекаме да видиме какви ќе бидат последиците од сево ова? Како повторно ќе си ја вратиме довербата меѓу себе? Како повторно ќе се погледнеме во очи?

igor gol covek

Со оглед на тоа што сите сме соочени со опасните болести на новото време и лошите лекови за ублажување на истите, си земам за право да прашам – дали канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Сè ќе си дојде на свое место, само треба време. Најпрвин употреба на марихуаната во медицински цели, па потоа следи декриминализација (како што направија дури и некои земји од соседството), и на крајот се надевам некаква контролирана легализација. Државата може само да профитира од тоа. Се разбира, со сите законски одредби кои ќе го спречат криминалот што може да произлезе од тоа.

Во каква Македонија би сакале да живееме по 10 години?

Во онаа од пред 20 и кусур години, кога сите заеднички ја учевме азбуката на демократијата. Тогаш сеуште не постоеше ваква омраза меѓу Македонците, а особено не ваква пизма во секој изговорен збор.

Одекнува ли крикот на еднооките од Слепче? Убаво ли е таму?

Дојдете да видите. Слепче е отворено село. Со посебна енергија и безброј неверојатни приказни од историјата. Слепче ќе биде мојот дом…засекогаш. Без разлика каде и да одам (а уживам и во Маврово, и во Дојран), Слепче секогаш ќе биде мојот сон.

dzambaz i hare

Какви ангажмани имате договорено за оваа година?

На 27-ми Март, ќе биде премиерата на претставата “Брачна игра“ која ја работиме со Весна Бејби Петрушевска. Две недели подоцна ќе биде промоцијата на “Умрен човек“, и се разбира “Џамбо фестивалот“ кон крајот на Мај. Потоа малку Маврово, малку Слепче…и ќе биде доволно.

Што би им порачале на читателите?

Здравје, здравје и здравје!

Благодарност до Емилија Џамбазова Бавчанска за овозможената прилика за интервју. Сполај ти Маестро, да си ни жив и здрав!

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2016

Фан страна на Игор Џамбазов на FB

Мајка ти и татко ти – писанија од Игор

Интервју со Гуру Харе, ЛОЗА 2015

Веќе нема panta rei…