Колку планини има во Република Македонија?

Обично за Македонија се вели дека е планинска или поточно планинско-котлинска земја, со честа смена на планини и котлини. Причините за таквиот релјеф лежат во сложените геолошки, тектонски и ерозивни процеси кои дејствувале со стотици илјади, па и милиони години.

Сепак, кога ќе праша некој колку планини има во Македонија, одговорот воопшто не е едноставен. Така, ќе се сретнат податоци дека има 20, 30, 40, 50 па дури и повеќе планини. Но каде всушност е вистината? Сосема точниот број на планини многу тешко може да се определи, бидејќи во науката има различни критериуми за тоа што треба да се смета како планина. Обично, како одредница се земаат апсолутната и релативната надморска височина, наклонот, волуменот, расчленетоста, површината и други елементи. Според Оксфордскиот толковник на поими, „планина претставува јасно изразено, природно возвишение на земјината површина, кое е впечатливо издигнато во однос на околниот простор“. Меѓутоа, ваквите и слични дефиниции се доста субјективни (1). Затоа, често за одредница се земаат одредени вредности за височина, наклон и површина, иако во различни делови на светот тие имаат различни вредности. Во светски рамки овие „минимално-детерминирачки“ вредности за височината варираат од 300 до 2500 м, за наклонот од 2 до 10 степени и за површина од 10-500 км кв. Сепак, за подрачјето на Балканскиот Полуостров, обично за планина се смета возвишение со апсолутна и релативна височина поголема од 500 м, просечен наклон поголем од 5 степени и површина поголема од 50 км кв (2). Освен тоа, една планина, за да се смета како самостојна целина, треба да биде јасно одвоена со длабока долина или превој од друга планина. Ако не е така, тогаш станува збор за планински систем или планински масив. Затоа, често она што локалното население го нарекува планина, всушност релјефно е дел од поголем планински масив (3). Според тој „локален“ критериум или според локалните имиња и поими за планини, во Македонија има над 50 планини (4). Во таа смисла, како планини се појавуваат Кораб, Дешат и Крчин иако морфолошки претставуваат единствен планински масив. Слично е со големиот масив Јакупица (или Мокра), покрај која како планини се наведуваат: Караџица, Даутица, Голешница, Китка и понекогаш Сува Планина.

Врз основа на детално изведени ГИС анализи на тридимензионалниот дигитален модел на релјефот на Република Македонија, а користејќи ги претходно наведените критериуми, во Република Македонија се издвојуваат околу 40 планини и планински масиви и тоа:

  1. Кораб (Корабски масив: Кораб со Дешат и Крчин), со највисок врв Голем Кораб (2753 м).
  2. Шар Планина (Шарпланински масив), со највисок врв Титов Врв (2747 м).
  3. Баба, со највисок врв Пелистер (2601 м).
  4. Јакупица (Јакупички масив или Мокра), со највисок врв Солунска Глава (2540 м). Како дел од овој масив се Јакупица, Караџица, Даутица, Голешница и Китка. По површина е најголем планински масив во Македонија.
  5. Ниџе (Ниџе со Кајмакчалан и Козјак), со највисок врв Кајмакчалан (2520 м).
  6. Галичица (со Стара Галичица, Асан Ѓура и Исток), со највисок врв Вир – 2288 м (во Албанија). На територијата на Република Македонија, највисок врв е Кота (2265 м).
  7. Стогово (Стогово со Караорман), со највисок врв Голем Рид (2268 м).
  8. Јабланица, со највисок врв Црн Камен (2256 м).
  9. Осоговски планински масив (со Лисец, Плавица, Синковица), со највисок врв Руен (2252 м).
  10. Кожуф, со највисок врв Зелен Брег (2165 м).
  11. Бистра, со највисок врв Меденица (2163 м).
  12. Сува Гора (Сува Гора со Добра Вода и Песјак), со највисок врв Добра Вода (2061 м). Според одредени карактеристики, Сува Гора може да се смета за одделна планина од Добра Вода и Песјак.
  13. Беласица, со највисок врв Радомир (во Бугарија) од 2029 м. Во Македонија, највисок врв е Тумба (1881 м).
  14. Илинска, Плакенска и Бигла (планински масив), со највисок врв Сталев Камен (1998 м) во делот на Плакенска.
  15. Влаина, со највисок врв Кадиица (1932 м). Може да се смета како дел од Малешевско-Влаински планински масив.
  16. Малешевски Планини, со највисок врв Џами Тепе (1801 м). Може да се смета како дел од Малешевско-Влаински планински масив.
  17. Бушева Планина со Баба Сач и Лубен (планински масив), со највисок врв Мусица (1788 м).
  18. Плачковица, со највисок врв Лисец (1752 м).
  19. Бабуна со Мукос, Козјак и Злато (планински масив) и највисок врв Козјак (1746 м).
  20. Огражден, со највисок врв Огражден или Огражденец (1744 м).
  21. Билино со Герман и Чупино Брдо (планински масив), со највисок врв Чупино Брдо (1703 м). Често, Герман се смета за одделна планина иако релјефно не е сосема издвоена од Билино.
  22. Дрен или Дрен Планина, со највисок врв Ливада (1663 м).
  23. Скопска Црна Гора (планински масив со Езерска Планина и Карадак; Црна Гора во поширок контекст) и највисок врв Рамно (1651 м).
  24. Голак со Обозна и највисок врв Чавка (1538 м).
  25. Буковиќ, со највисок врв Тепе (1528 м). Понекогаш се смета за дел од масивот на Сува Гора со Добра Вода и Песјак, иако е релативно јасно издвоен како посебна целина со површина од 98 км кв.
  26. Древеник, со највисок врв Кале (1494 м). Оваа планина северно од Битола ги има сите елементи на јасно одвоена (со Црна Река и Шемница) средно-висока планинска целина: релативна височина од околу 900 м, површина од 118 км кв. и просечен наклон поголем од 10 степени!
  27. Селечка Планина, со највисок врв Висока (1471 м).
  28. Облаковска Планина, со највисок врв Бел Камен (1430 м). Слично како и Древеник, оваа планина северно од Битола ги има сите елементи на јасно одвоена (со Шемница и Драгор) средно-висока планинска целина: релативна височина од околу 850 м, површина од 96 км кв. и просечен наклон поголем од 10 степени!
  29. Готен, со највисок врв Грамадник (1420 м).
  30. Бејаз Тепе, со највисок врв Бејаз Тепе (1348 м). Јасно одвоена (со Брегалница и Желевица) средно-висока планинска целина, со релативна височина од 600 м, површина од 94 км кв. и просечен наклон поголем од 10 степени!
  31. Козјак (кумановски) со највисок врв Перен (1326 м). Во поширока смисла, може да се смета како дел од големиот масив на Билино (Козјак, Герман, Билино, Чупино Брдо), иако има свои специфичности.
  32. Жеден, со највисок врв Голем Камен (1264 м).
  33. Конечка Планина (Серта) со Градешка Планина и Плауш, со највисок врв Волчјак (1159 м).
  34. Клепа, со највисок врв Клепа (1149 м).
  35. Водно, со највисок врв Крстовар (1066 м). Според сите карактеристики (релативна височина од 800 м, површина од 100 км кв., просечен наклон над 10 степени), Водно претставува планина.
  36. Манговица, со највисок врв Асаница (874 м).
  37. Градиштанска Планина, со највисок врв Градиште (861 м).
  38. Руен, со највисок врв (во Македонија) Ланиште (775 м).
  39. Богословец, со највисок врв Св. Јовански Рид (755 м). На граница помеѓу мала планина и истакнат рид, особено во однос на површината од само 20 км кв. Сепак, има релативна височина од 500-550 м и просечен наклон од речиси 20 степени!

Од наведените планини и планински масиви, 13 се повисоки од 2000 м (за балкански прилики тоа се високи планини), 22 се средно високи, а 4 се ниски планини (под 1000 м надморска височина). Кога би се „наредиле“ сите планини една врз друга, нивната заедничка височина би достигнала извонредни 68 км! На сите овие планини има околу 250 покарактеристични врвови, од кои стотина се повисоки од 2000 м. Според тоа, Македонија има најголем број планини во однос на својата површина, не само во Европа, туку и пошироко. За жал, најголем дел од нив не се соодветно искористени, промовирани, заштитени или туристички валоризирани.

Извори:

(1) http://en.wikipedia.org/wiki/Mountain
(2) Milevski I. (2011): Morphometric classification of high mountain ranges in the Republic of Macedonia. Geomorphologia Slovaca et Bohemica 2/2011, 32-45
(3) Маркоски Б. (2004): Картографско дефинирање и диференцирање на планинските просторни целини во Република Македонија. Билтен за физичка географија бр. 1, Институт за географија, Скопје, 25-34
(4) http://mk.wikipedia.org/wiki/Категорија:Планини_во_Македонија
(5) Колчаковски Д. (2004): Физичка географија на Република Македонија, скрипта, ПМФ, Скопје
(6) Стојмилов А. (2003): Физичка географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје

Автор: д-р Ивица Милевски 

igeografija.mk

Leave a Reply