Tuesday, 25 July 2017

Џамалари – Бабари

Онака како што имаме воловски запреги на две тркала истовремено со автомобили, дрвено рало со трактор, така и покрај модерниот театар имаме живи примери на извори од кои театарот се развил. Во многу села на Балканот каде што современиот театар не е познат во ниедна своја форма, постојат народни годишни сценски претстави што се податливи и очевидни остатоци на Дионизијските мистерии што се прославувале пред илјадници години.

Сите основни елементи на драмата — раѓањето, женидбата, смртта, со своите придружни радости и жалости биле присутни во овие антички свечености во чест на богот на виното и вегетацијата. Самиот бог во овие обреди е симболизиран во прчот, над кој се рецитирале шеговити песни што ги нарекле комедии. По смртта на прчот, што е смрт на самиот бог, шеговитите песни се претвориле во тажачки, наречени трагедии или песни за прчот. Така, буквалното значење на трагедијата е песна за прчот, како што е комедијата шеговита песна.

Преживеаните верзии на овие антички обреди се познати под разни имиња, а најчесто употребуваниот збор е бабари (куќери). Тие се изведуваат вечерта спроти Василица или на самиот ден на Василица, а во некои краишта и една година пред големиот пост. Во модерните баханалии нема прч, туку двајца главни бабари облекуваат козји кожувчиња со крзнениот дел на лице. Тие се запашани со јажиња од кои висат ѕвонци, на главата носат шубари со сушена црвена пиперка на врвот. Како маска за лице употребуваат едно парче бела или црна ткаенина со отвори за очите и устата а како брада кикершката на петелот. Ако не носат маски тие си го премачкуваат лицето со чад од ламба или со црнила од оџак. И двајцата бабари носат стапови од бука со големина на палици за голф, а на едниот крај стаповите се свиткани во глуждови слични на тупаници што потсетуваат на фалусите што ги носеле античките баханати.

Споредни личности се старица, невеста, доктор, судија, бербер, свештеник и неколку ловџии. Сите улоги ги играат мажи преправени за тие улоги, со нагласка на комичното. Старицата е облечена во бел фустан што и достига до петици, а кој лесно се кине; носи кошница во којашто лежи дете — парче дрво завиткано како мумија во крпи. Детето е божем шест месеци старо и е од непознат татко.

Облекувањето и шминкањето се врши во најголема тајност, па така при појавувањето на улица тие можат да предизвикаат силен драмски впечаток и да создадат ненадеен театарски ефект. Бидејќи нивната мала претстава мора да се изведе во секоја куќа од селото, понекогаш, особено ако селото е големо, неколку дружини симултано изведуваат, слично на неколку компании на една модерна претстава.

Додека се движат низ улиците бабарите се препуштаат на лудории доследно на своите улоги. Берберот, на пример, кој носи дрвена сабја место брич, го остри таквиот брич од ѕидовите на куќите. Судијата кој има кошница како глава, место со тутун, го полни своето долго луле со слама или со сено. Невестата мошне срамлива, но досетлива во флертување, се обидува да им избега на ловџиите што ја набљудуваат за да може да побегне со љубовникот што е некој од присутните гледачи.

Со песна, со ѕвонење на ѕвонци и со гласно тропање на врата играчите го најавуваат своето доаѓање во куќата. Обичајот налага вратата да им се отвори само по едно разбирливо инсистирање. Кога најпосле таа ширум ќе се отвори, тие влегуваат групно со врева и игра. Двајцата главни играчи го тресат енергично телото за да ги истераат лошите духови со звукот на ѕвонците, ако такви духови има во домаќинството и за да се заштити семејството од болести.

Започнува претстава со танцување во која сите бабари земаат учество. Главните бабари се на чело на орото. Еден од нив, среде танцувањето паѓа мртов. Старицата во долга облека почнува да лелека и да ги корне косите, невестата станува неутешна и целата сцена одеднаш се менува од радост во жалост. Докторот се обидува, но безуспешно, да го врати мртвиот бабар во живот.

Потоа, другиот главен бабар почнува да пее песна над „мртвото тело“ на својот другар. „Тулулу вино замрзна клино“ — вели тој. Зборот вино постојано се јавува во песната, а со него обилува се што е врзано за репродуктивните функции на телото, што во нормалниот живот би се сметале за мошне непристојни, а во претставата остануваат без осуда. Додека пее бабарот прави слободни, движења со стапот за да го илустрира значењето на стиховите. И така, со силината на повикувањата за виното и за плодноста на телото мртвиот бабар се враќа во живот. Тој скока на нозе и танцува на подот од куќата. Духот на веселост ја опфаќа пак целата дружина.

Кога претставата ќе се повтори во секоја куќа, учесниците на прославата се собираат за да се нагостат со вино и храна што ги собирале помошниците определени за оваа специјална должност. Меѓутоа, во некои места, особено во Тракија, финалната претстава се изведува на селската ливада. Тука зема учество и еден крал, но неговата улога е чисто орнаментална. Тој е прекрасно облечен и се вози во двоколка. Го придружуваат стража и дворски личноети. Главното значење на ова продолжение е во тоа што се заорува една бразда во ливадата и се засејува со семе. Двајца од учесниците на прославата се однесуваат како да се волови и влечат еден вистински плуг, а кралот е орачот и сеачот. Додека се одвива ова, другите играчи се зафатени со изведување на разни споредни шеги. Бебето што го носеше старицата во кошница одеднаш е возрасно и покажува незаситен апетит за храна и за вино. Тој, исто така, бара жена. На еден стог сено двајца играчи симулираат сексуален акт кој треба, да има плодоносен ефект врз посеаното. Ловџиите ги апсат очевидците и ги набедуваат за разгни престапи, како што се обиди за грабнување и обесчестување на невестата. Овие престапници се изведуваат пред судијата и тој ги глоби со тешки казни.

Ниту еден друг празник што го прославуваат луѓето на Балканот не ги отелотворува толку добро елементите на комедијата и трагедијата. Преживеаните класични обреди во општествата каде што христијанскиот ритуал ги заменил сите пагански обичаи се должи веројатно и главно на присуството на овие драмски елементи во нив. Значајно е, исто така, што тие можат да се сретнат само во Тракија и во соседните делови на Бугарија и Македонија. Дионис бил тракијски бог. На тој простор тој ги има своите најверни приврзаници. Во шумите на Тракија за време на ноќните оргии во негова чест, жените рипаат и викаат и сркаат од виното, од маѓесната течност што го слави духот, а што е крв на бога и самиот бог. Тие се стремат да ја достигнат таа ретка екстаза — одделување на духот од телото и неговото спојување со бога.

Во современите мистерии — а токму тоа е она што тие го претставуваат, виното, исто така, игра една важна улога, впрочем тоа е и главното што бабарите го собираат по куќите како наплатување за своите претстави и тоа има своја улога во песните. Скокањето и викањето на бабарите не е многу различно од она на баханатите и на силените. А и употребата на козји кожувчиња што ги носат главните бабари е исто како во античката баханалија.

Стојан Христов 

извор: Растко