Monday, 25 September 2017

Балканското “Буре Барут”

КОЈ И ЗОШТО ПОВТОРНО ГО ПОДГРЕВА БАЛКАНСКОТО „БУРЕ БАРУТ“?
(Македонија има „стратегиски сојузник“ кој одвај чека да ја подели)

……………………..……………………..……………………..……………..


Со оглед на тоа дека со вриежот на светската сцена нараснуваат и фамозните балкански тензии, чувствуваме потреба дополнително да објасниме зошто овој регион, а особено Македонија, се повторно е на нишан на бескрупулозните креатори на конфликти. Со мал ретроспективен геополитички и историски претекст, ги наведуваме сите елементи кои преминот од американска хегемонија кон мултиполарен поредок го прават погоден за повторно разгорување балкански војни. Сето тоа не е ни малку случајно. Еве зошто.

Балканскиот Полуостров е еден од трите слични региони на планетата во кои континуирано се одвива жестока позициона геополитичка војна, која честопати преминува во реално крвопролевање. Другите две најголеми „метастазирани“ точки се Централна Азија („Азискиот Балкан“, како што го нарекува Бжежински, или „мекиот стомак на Русија“ – Черчил) и Блискиот Исток, отворената рана на човештвото од која тече нафта, бидејќи таму таа е поскапа од крвта.

Ниту еден балкански сојуз не траел повеќе од една употреба. Како што историски се судираат и менуваат апетитите на големите сили, така се престројуваат и балканските геополитички констелации. Следствено, балканците се и самите виновни за својата судбина, провинциски и малограѓански прифаќајќи дека сè што доаѓа од надвор е позитивно, а она што произлегува од Балканот е негативно. Таа наметната перцепција направи негативните конотации на поимот „Балкан“ да станат аксиома во овдешните, збудалени од историски фрустрации глави, слепи за огромните духовни енергии кои избиваат од овој простор, од древноста наваму.

балкан balkan

ПРОЕКТИРАНА НЕСТАБИЛНОСТ

Основната причина за западните интервенции на Балканот е ревидирањето на историјата. Секоја дебата за цртање и прецртување на балканската мапа го подразбира егоистичкото „право“ на западните сили (што сами си го дале, врз основа на своите меѓусебни исклучивости и национализми), како наводни надворешни и „неутрални“ фактори да ја решаваат судбината на регионот во интерес на „мирот“.

Главно „оправдување“ за нивната инволвираност овде е дека малите и варварски народи на Балканот се растргнати од етничка нетрпеливост и дека не се способни за самостојно одлучување. Балканот има крвава историја, но таа е директно поврзана со тенденцијата на империјалистичките сили да доминираат и да ги контролираат главните стратегиски крстосници на Европа и Блискиот Исток, пред сè т.н „Дијагонален пат“ Виена-Белград-Софија-Цариград (плус Скопје), кој е клучната европска стратегиска копнена линија кон Ориентот, која има суштинско значење уште од древноста, затоа што е најкусиот излез на европските земји кон протоците на Босфорот, Мала Азија и Блискиот Исток.

Историјата на современа Европа се врти околу желбите за кроење и прекројување на границите на Балканот. Тоа е историја на континуирано редефинирање на влијанието врз регионите низ одржување меѓународни конференции во Париз, Берлин, Лондон, Хаг за тоа која сила ќе контролира извесен регион, а сето тоа се одвива без да се консултираат балканските народи чија судбина виси на конец. Константна нестабилност. Сите сметаат дека имаат „легитимно право на влијание“. Тие влијанија, заедно со нивното ривалство, го прави овој мал регион запалива каписла за големи катаклизми.

Експлозијата, овојпат, ако дојде до неа, нема да го уништи само Балканот туку и можноста за дефинирана, стабилизирана и суверена Европа. Ја научија ли европјаните лекцијата дека без стабилен Балкан нема ништо од големиот европски проект, но не каков што е ЕУ?

БАЛКАНСКИ ЗОНИ НА ВЛИЈАНИЈА

Да бидеме поконкретни. И при определувањето на регионалната геополитика се пренесуваат принципите, закономерностите и методологијата според кои функционира геополитиката на планетарно ниво. Значи, прво треба да се определи која територија/држава е балкански „центар“, која е „периферија“ и кои се оските на влијание кои стојат зад општествено-политичките и безбедносни процеси во регионот.

За улогата на балкански центар историски најмногу претендираат Србија и Бугарија. Грција е атлантистичка зона, нејзината местоположба не може да претендира на тоа. Додека Хрватите и Словенците својата геополитичка судбина ја поврзуваат со Средна Европа, т.е. со Германија која, како европски „хертленд“, поседува динамизам на оска и околу себе врзува поширок евро-континентален регион, Србите и Бугарите континуирано трпат противречни геополитички и цивилизациски влијанија од трите доминантни европски геополитички зони: атлантската ( пред сè Англија), евро-континенталната (Германија, Франција, Италија, Средна Европа) и руската/евроазиската. Сепак и кај двете држави превагнува руското влијание.

Во Србија, русофилството е комбинирано со франкофилство (постари масонски влијанија кои го поттикнаа создавањето на Југославија), додека бугарското русофилство е комбинирано со германофилство („винаги с Германија, никога срешту Русија“). Но денес, атлантистичката геополитика кон оваа земја претендира да ја „одлепи“ од оваа константа и да ја припои кон својата зона на влијание, притоа опасно флертувајќи со можноста Македонија повторно да се најде во нејзината сфера и така Бугарија да је преземе улогата на балкански центар.

ДВОЈНАТА И ТРОЈНИ ИГРИ

Слична беа комбинаториките во сите балкански војни и од почетокот, со директна инволвираност на големите сили, бидејќи локалните апетити на Србија и Бугарија и нивното ривалство околу Македонија беше како нарачано за замешување на европските сили. Пак се тоа војни за освојување на балканскиот „римленд“, Македонија, за доминација на Балканот. Србија повторно стана балкански центар.

Но потоа на Балканот влегува „светскиот џандар“ САД со отровна логистичка поддрѓка од Британците, за потоа да настапат и воено во Босна, Косово и особено со бомбардирањето на Србија. Целите беа да се спречи интегрирање на Југославија во ЕУ (за што веќе имаше програми во Германија и Франција), Балканот повторно да се дестабилизира, да се инсталираат мали, немоќни државички со марионетски режими и да се исфрлат од игра другите, пред сè автентично европски и руски влијанија, со цел Европа да не прерасне во конкурент на САД. Сè беше зацртано во т.н. „Нова американска безбедносна стратегија“ од 1992, предложена од денешниот високорангиран јастреб на Бушовци, Пол Волфовиц, радикален адаптатор на теориите на Хантингтон за судир на цивилизациите.

Значи, регионалниот центар постепено бидува ослабнат, прво со осамостојувањето на поранешните републики на СФРЈ, па со двојната игра на САД во која Србија војуваше против Хрватска, со што се остваруваше англоамериканскиот план за спречување на подлабок пробив на Средна Европа (Германија) на Балканот и особено за оневозможување на близок, пријателски допир меѓу Русија (преку Србија) и Германија (преку Средна Европа), што е клучен услов за остварување на евро-континенталната опција и стратегиски евро-руски или евроазиски сојуз. Тој сојуз би значел крај за англоамериканските дестабилизации на регионот и пошироко.
Додека Србите се судираа со Средна Европа (прекуа Хрватите), атлантистите од Париз до Њујорк и аплаудираа на Федеративна Југославија или, во помала мера, ги прекоруваа Хрватите за „национализам“ и „профашизам“.

Како што Србите преминаа одредена црта и нивната борба придоби карактер на борба со самата идеја на Западот, со атлантизмот, тука веќе Србија беше прогласена за главна препрека на постоењето на „Новиот светски предок“ и против неа уследија жестоки политички и економски санкции. За Американците, посегањето по Босна беше неприфатлива варијанта, бидејќи за нив босанските муслимани, во линијата на „зелената трансферзала“ (Босна, Косово, Санџак, Западна Македонија, до „изворите“ во атлантистичка Турција) имаат големо значење за уценувачко дестабилизирање на Европа.

По политичките и економските санкции, дојде и бомбардирањето на Србија. Русија во тоа време беше се уште замаглена од густите алкохолните испарувања на Елцин, пасивизирана, ослабната, збунета и во неа доминираше атлантистичкото лоби во ликовите на Чубаис, Гајдар и сличните „либерали“. Черномирдин се испазари со САД за сметка на Србија. Целата операција, по осамостојувањето на Црна Гора, финишираше со отцепувањето на Косово и со претворање на албанскиот фактор главен англоамерикански играч и дестабилизатор на Балканот. Барем засега.

МОМЕНТАЛНИ БАЛКАНСКИ КОМБИНАТОРИКИ

Денес (или можеби поточно „до денес“), Американците доминираат на Балканот. Покрај атлантистичката зона Босна, во која влијаат најмногу преку контролата врз Турција, директно преку нивната марионетска „држава“ Косово го уценуваат целиот регион. Руската геополитика овде се обидува да направи противтежа, сакајќи да ги сврти балканските муслимани кон посилни врски со Иран.
САД играат токму на картата на ослабување на Европа, како голем потенцијален ривал на меѓународен план, па со едностраното и директно поддржување на независноста на Косово всушност проектираа нова балканска војна. Со неа ќе оневозможат ЕУ да го контролира коридорот Север-Југ и спомнатиот стратегиски „Дијагоналниот пат“.

За таа цел, во и околу Косово, во Босна, на Санџак и во Западна Македонија се инсталираат т.н. вахабисти чија сурова и исклучива доктрина (сунитска верзија на исламот), по потекло од Саудиска Арабија од 18 век и формирано со влијанија од англиските агентури, ги прави толку слепи што не можат да видат дека се марионетки (преку Ал-Каеда, денес ИСИС) токму на за кои мислат дека им се главни непријатели.

Албанците ја остваруваат својата улога на антиевропски џокер во рацете на САД, џокер кој може да предизвика војна, но кој против себе може да ги обедини сите засегнати околни народи: Србите, Македонците, Црногорците, а од заднина и Грците и Бугарите.

САД се наметнаа и во традиционално прогерманската геополитичка зона на Балканот (Хрватска и Словенија), со Бугарија флертуваат на сметка на Македонија, со која се уште експериментираат, па повремено на Бугарија и Грција им предлагаат поделба на нашата земја. Тоа лани рускиот министер за надворешни односи Сергеј Лавров отворено и директно го кажа во рускиот парламент. Значи, ние во Американците имаме „стратегиски сојузник“ кој одвај чека да не подели. Ете тоа е реалноста пред која се правиме слепи.

Во игра се интересите па и судбините на најрелевантните фактори на меѓународната геополитика. Прво, Европа. Ако на Европа и се случи уште една војна на тлото на Балканот, во која не мож а да не биде на различни начини инволвирана, тогаш за подолго време европската приказна за обединување и стабилизирање ќе биде завршена, а ЕУ ќе си остане периферија на атлантизмот.

На ова, Русија мораше да одговори. Токму преку косовскиот проблем, таа се врати во големата игра со нова геополитичка проекција и до крај им ги поремети плановите на Американците. Цврсто застана зад Србија, а на планетарно ниво Путин направи серија потези со коиго започна трансформирњето на меѓународната политика од униполарна во мултиполарна.

Русија полека ги оладува и главите на европејците, соочувајќи ги со реалноста: САД се на илјадници километри зад Атлантикот, а Русија е сосед на ЕУ, со претензии за стратегиски сојуз. Путин најавува поголемо влијание на Балканот, а регионот од нова војна може да го спаси само единствена евро-руска политика, која би го неутрализирала англоамериканскиот план за создавање нов, крвав балкански конфликт. Во спротивно, тоа ќе дојде до елосен колапс на европскиот проект, ЕУ, таква каква што е.

А МАКЕДОНИЈА…?!

Балканот сепак има позитивен потенцијал. Најголемиот од нив се вика Република Македонија. Зошто токму најневралгичната територија би била најпозитивен потенцијал? Затоа што сите балкански војни беа за сметка на Македонија. Тие војни ги закрвија државите (Србија, Бугарија и Грција), правејќи ги лесен плен за манипулација на големите сили.

Но, со стекнувањето на независност, Македонија од корен ја измени балканската геополитичка ситуација. Иако инерциите на балканските пизми околу Македонија се уште се влечат како стари оскубени опашки во некои кругови кај трите соседи (самиот факт дека и трите, секоја од свој аспект, ги негираат Македонците, ја прави нивната аргументација апсурдна и смешна), македонската независност е нова, позитивна ситуација и бара нов пристап.

Новата руска геополитика, увидувајќи ги грешките од минатото, не само што ја призна Македонија во првиот бран, туку смета на неа како исклучиво стабилизирачки фактор, токму во однос на соседите. На Русија не и одговара словенските и православни држави повеќе да војуваат меѓусебно и сега, кога Македонската држава изникна како геополитичка „бафер зона“ меѓу нив, во која ниту една ќе нема доминантно влијание, големата мечка е подготвена многу да инвестира во македонската независност и да ја гарантира.

Тоа е голем потенцијал за историско стабилизирање на југот на Балканот и апсолутно е во полза на Европа. Македонија не смее да биде еднонасочно ориентирана само кон атлантизмот, кон САД, кои упорно експериментираат со нашата судбина (како при војната во 2001) и нема многу да се двоумат да ја „употребат“ доколку проценат дека Европа и Русија, со една нова, обединета геополитичка проекција, заедно со освестените балкански народи, долгорочно да го стабилизираат регионот. Англоамериканските тивки заложби за прекројување на балканските граници, во тој контекст и македонските, се отворено антиевропско сценарио, чии последици можат да бидат еднакви на цивилизациска пропаст.

Мисијата на Македонија, нејзината вистинска историска судбина е повеќезначна и повеќенасочна (и заслужува посебна студија), еден вид геополитичка и цивилизациска синтеза која во себе ќе ги опфати сите доминантни полови на европската и светската геополитика, ќе ги асимилира во универзален исход и на својата територија ќе ги направи бесмислени и апсурдни нивните исклучивости, а со тоа и можните конфликти.

Превземено од Зад Политиката – Информативно-аналитичка страница за настаните, историјата, идеите, проектите, личностите и тајните зад денешната глобална (гео)политика.

Зад Политиката на FB