Friday, 26 September 6623

Соленото млеко од овчеполските овци

Во регионот на Овче Поле има околу 15.000 хектари пасишта. Тајната на високиот бренд на овчеполското сирење е во тоа што поголем дел од пасиштата се со солена почва и трева. Токму ваквите герени или соленчаци, како што светиниколци ги викаат солените пасишта, го прават и млекото и сирењето ароматично, природно солено и со висок квалитет.

 

Crkva Sv Jovan Bogoslov

Турскиот патописец Челебија и бугарскиот Кнчов, патувајќи низ Балканот, кога дошле на пазарот во Солун забележале и запишале: “Сите го бараат сирењето од полето на овците. Има посебна арома и вкус. Ќе го почувствувате од далеку”.

Сирењето од Овче Поле и денес се бара и во Солун и во Истанбул. Трговците од дамнина, ако случајно не успееле да набават од ова сирење, дури потоа барале сирење од други места.Чуле сладокусците дека сирењето од Светиниколско од памтивек има посебен квалитет со природна соленост, оти овците пасат на солени пасишта. Трговци од сите страни на светот доаѓале во Овчеполеието и во Свети Николе каде што имало повеќе добиточни пазари и посебни пазари за сирење.

Овчеполскиот регион секогаш имал околу 15.000 хектари пасишта, од кои поголемиот дел се на природно солена подлога. Таквите солени почви и пасишта се единствени во светот. Таму тревата најмногу им одговара на овците. Млекото што го даваат е природно солено, а со таква природна соленост е и сирењето.

Уште пред 120 милиони години, односно во времето на јура и креда, кога Вардарскиот Океан се повлекувал од овие простори, се задржале седименти и остатоци од натриумски и калиумски соли кои, најверојатно, биле заштитени со таложници од тиња, па со годините почнале да се раствораат и да доаѓаат до горните слоеви на почвата. Оттаму и влијанието врз растителниот свет”, објаснуваат експертите од Рударско- геолошкиот факултет во Штип.

Порано во овој регион имало над 120 илјади овци. Само некогашниот ЗИК “Овче Поле” на времето располагал со 60 илјади овци. За неколку години, основните стада овци се преполовиле, и денес регионот располага едвај со 30 илјади глави овци.

Вест 2007