Monday, 23 October 2017

Овчеполски села – Кнежје

Кнежје се наоѓа на 3,5 километри оддалеченост од Свети Николе, во долината на Кнежевска Река, на нејзината лева падина, која се протега кон југоисток. Покрај селото, на спротивната падина се наоѓа возвишението Градиште. Во народот се зборува дека на споменатото Градиште “седел некој кнез”. По него и селото го добило името. Потоа селаните кажуваат дека трврдината на Градиште ја срушиле Турците, кои ја гаѓале со топови од месноста Дивљак. Преку споменатата долина водел стар пат во правец во правец Велес – Свети Николе – Куманово, и кон Штип и Кочани.

Во атарот на селото лежат следните поважни месности: Река, Градиште, Под лозја, Горни ливади, Манѓеле, Канда, Гробишта и други.

Денешното село Кнежје е ранословенска населба, основана во почетокот на 7 век од јужнословенското племе Сагудати. Оваа населба нема ништо заедничко со античката населба на Градиште – Билазора, која престанала да постои пред околу осум века пред да биде основано денешното село (види Билазора).

Селото било седиште на кнезовите на новодојдените Сагудати во Овче Поле (Пробата) и по нив го добило името. Топонимот Кнежје се развил од месноста кнез – кнезови, старо KNAЗ’

Главно население на населението било земјоделието и сточарството, за што имало погодни природни услови. Атарот на селото е релативно богат со вода.

Во 9 век Овче Поле паднало под бугарска власт. Со паѓањето на Овче Поле под бугарска власт, бил забрзан процесот на воспоставување на феудалните односи и во овој крај. По востанието на комитопулите (млади кнезови, синови на брсјачкиот кнез Никола) во Македонија против бугарската држава во 969 година и Византија во 976, кога Самуил го основал своето царство, Овче Поле – селото Кнежје биле дел од Македонската држава. Најверојатно во крајот на 10 век Самуиловата војска изградила или обновила тврдина, во која била стационирана македонска војска.

Во почетокот на 11 век Овчеполието, а заедно со него и населбите од овој крај паднале под византиска власт и влегувале во состав на Скопската тема.

Во крајот на 12 век и првите децении на 13 век Овче Поле, а заедно со него и Кнежје биле дел од кнежевството Просек на Хрс и Стрез. Подоцна во текот на борбите на балканските држави за превласт на Македонија, Овче Поле ги менувало господарите, за по 1282 година да падне под власт на српската феудална држава – за време на кралот Милутин (1282 – 1321). Во почетокот на 14 век Милутин ја обновил тврдината во Кнежје и во неа била сместена српска наемна војска.

Во селото во почетокот на 14 век била изградена црквата Свети Никола.

За време на владеењето на Стефан Душан (1331 – 1355) со Овче Поле раководел деспот Јован Оливер, кој имал дворец во средновековното градче Горица на возвишението Ѓуриште.

По смртта на Душан се засилила феудалната олигархија и велможите успеале да загосподарат со области и градови во разни делови на Македонија. Големо територија и власт стекнале браќата Волкашин и Углеша Мрњавчеви, а по нив браќата Јован и Константин Драгаш. Тогаш во источните делови на Македонија, како и со Овче Поле владееле браќата Драгаш.

По битката на реката Марица во 1371 година, во која загинале браќата Волкашин и Углеша и поголемиот дел од македонската војска, турските одреди навлегувале во Македонија, од што не било поштедено и Овчеполието и при тоа биле вршени колежи и заробувани беспомошни луѓе.

Пред Косовската битка во 1389 година посадата на српската наемна војска од Кнежје се повлекла во Србија.

Во 1392 година Овче Поле заедно со населбите во него паднале под турска власт. Во споменатата година било срушено утврдувањето во селото кнежје, како што велат селаните, со топовски ѓулиња било гаѓано од месноста Дивљак. Во истата година била запалена црквата Свети Никола. Тогаш биле срушени и црквите Свети Спас, Свети Илија и Свети Трифун, изградени пред црквата Свети Никола. Денес во месноста каде се наоѓале црквите има камени крстови и селаните се собираат на овие места на соодветните верски празници.

По воспоставувањето на турската власт во Овчеполската Котлина, селото Кнежје административно му припаѓало на Ќустендилскиот санџак, а влегувало во Штипската нахија. Селото било колонизирано од Турците во втората половина на 16 век. Во пописниот Tapu defter на Ќустендилскиот санџак од 1570 година селото Кнежје е заведено како Кнежица. Понатаму во пописниот лист се вели дека неговиот синот е мешан со околните села. Селаните даваат ушур како обична раја. Според пописот во селото живееле 77 македонски (христијански) семејства и 4 турски (муслимански) семејства и броело околу 400 жители.

Со дозвола на турската власт во првата половина на 16 век црквата Свети Никола била обновена, за да биде повторно запалена во 1690 година. Во оваа година, по Австро-турската војна (1683-1689) по повлекувањето на австриската војска, покрај црквата настрадало и селото од турски башибозук. Црквата била повторно обновена во почетокот на 19 век. Над црквата, во месноста гробишта се наоѓаат гробиштата на селата од неговото основање.

Турската колонизација на Кнежје продолжила и во наредните векови, но македонското – христијанско население секогаш било побројно. Во првата половина на 19 век во селото имало 15 турски семејства. Во втората половина поминале во соседното поголемо турско село Горобинци. На нивните името во село Кнежје од Горобинци дошле последните македонски родови од ова село – Ордеви и Ристови, извршиле размена со Турците на земјата и куќите. Турското маало во Кнежје се наоѓало во југозападниот дел на селото. Нивните гробишта се наоѓале југозападно од селото, во месноста Гумна.

По распаѓањето на тимаро – спахискиот систем во Турција во првата половина на 19 век, во селото Кнежје биле оставени 4 чифлици. Последни сопственици на чифлиците биле Осман, Даут, Табак Алија и Леанче. Леанче живеел во Штип, а останатите во Велес. Чифлиците ги обработувале селаните – чифчии.

Во Кнежје поради положбата на селото на стариот пат постоел голем ан. Во него можеле да се сместат околу сто патници. Тука останувале на ноќевање ќираџии со коњите и камилите, но и многу печалбари кои на пролет оделе во Романија или Бугарија, а на есен се враќале. Анот е затворен во крајот на 19 век кога била пуштена во сообраќај железничката пруга во долината на реката Вардар. Последен анџија бил Арсо со син му Коце.

Во народната традиција не се знае кога е основано селото. Во него живеат семејства чии предци се доселени во селото во 19 век.

Лазар Серафимов & Никола Ристевски

knezzje