Thursday, 21 September 2017

Независните – автономни Пајонци

Првите податоци за Пајонците се среќаваат кај Хомер. Иако се многу значајни, не се доволно бројни за да ни овозможат реконструкција на најстарата пајонска историја и географија. Во Илијадата, во каталогот на корабите, како сојузници на Тројанците се споменуваат “Пајонци со криви лакој, кои ги водел Пирајхме од широкиот Аксиј”. Во 10тата книга повторно се споменуваат “Пајонци со криви лакој”, покрај останатите тројански сојузници. Во Илијадата среќаваме податоци за низа пајонски јунаци, покрај споменатиот Пирајхме, но од сите нив секако е најпознат Астеропај, кој особено се истакнал во борбите по смртта на Пирајхме. (во Илијадата пишува за смртта на Пирајхме но и за потеклото и јунаштвото на Астеропај, син на Пелагон, кој бил убиен од рацете на Ахил) Како сојузници на Тројанците во Тројанската војна од Пајонија дошле две војски, во различно време и со различно наоружување.

Во трагедијата на Еврипид Резос, напишана во 5от век пред нашата ера, се зборува за “пајонските земји околу Пангеј и мразниот ветер кој дува низ пајонската земја”.

Ајсхил во својата трагедија Молителки ги смета за соседи на Пелазгите кои ги населувале териториите западно од Стримон.

Кај Мимнерм, елегиски поет од 7/6 век пред нашата ера, пајонските мажи и пајонската земја се познати по одгледувањето на коњи.

Зголемен број на информации за Пајонците се среќаваат во делата на Херодот и Тукидид.

Хомер ги сместил Пајонците на просторот околу Аксиј во времето на Тројанската војна. Во почетокот на експанзијата на македонското племе Аргеади, тие сè уште ја населувале оваа територија. Тукидид забележал дека пред доаѓањето на Македонците Пајонците ги држеле областите западно од Пела, сè до морето. Херодот пишува за пајонски племиња лоцирани во близината на Пангеј, реката Стримон и Прасијадското Езеро.

Автономните, или независните Пајонци, кои живееле западно од Агријаните и Лаијаите, ги населувале териториите западно од горниот тек на Стримон и најверојатно областите појужно. Не можеме со сигурност да речеме кои биле независните Пајонци, но нивното споменување кај Тукидид покажува дека тие се сметале како непокорена категорија на населението…

Елеонора Петрова – Пајонија во 2 и 1 милениум пред нашата ера, Скопје 1999

Градиштето кај селото Кнежје, каде што археолозите велат дека бил градот Бела Зора - фотографија од авион

Градиштето кај селото Кнежје, каде што археолозите велат дека бил градот Бела Зора – фотографија од авион