Wednesday, 26 September 6604

“Oд оној свет го нарушуваат светот на живите”

Смртта како категорија и како појава е потполно опасна за живите членови на заедницата. Таа ги прави луѓето безживотни, јалова е, а најопасно од сè – таа е пренослива. Затоа во моментите на директен контакт со мртовецот, живите преземаат низа магиско обредни активности за заштита од преносното негативно влијание на смртта. Кај мртовецот одат намачкани со лук, катран, држат во устата трнче, не го гледаат во лицето и очите, не му го спомнуваат името…

Значи блискиот сродник и член на заедницата на живите, веднаш после настапувањето на смртта е опасен, непожелен за заедницата на живите. Тој веќе категоријално не припаѓа на светот на живите. Пресниот мртовец е сомнителен и заради тоа сите магиски делувања околу него имаат единствена цел – сомнителниот мртовец во период од една обредна година успешно да се спроведе во заедницата на умрените членови , во светот на мртвите – со што мртовецот ќе стане чист, односно интегриран предок – заштитник на заедницата на живите.

Неисполнувањето на обредните акивности или употребата на на несоодветни обредно – магиски реквизити или грешки на пристните на обредот може да доведат до неиспроведување на сомнителниот мртовец во светот на мртвите. Таквите умрени, поточно нивните души, стануваат нечисти мртовци, останувајќи на маргините меѓу двата света засекогаш – од оној свет го нарушуваат светот на живите. Нечистите мртовци – нави, вампири, караконџоли, јуди, самовили, остануваат вечно неинтегрирани, надвор од заедницата на мртвите, ни ваму – ни таму, континуирано на обете страни…