Monday, 26 June 2017

Старата црква Свети Никола

Во Свети Николе, на највисокиот дел со доминирање над околината се наоѓа црквата Свети Никола. Во нејзиниот комплекс влегуваат и камбанарија и саат-кула. Објектот е еднокорабна градба граден од камен, тула и малтер. Кровот од надвор е на две води а внатре поделен на три свода, од кои средниот е највисок. Таванот е од дрво. Црквата е долга 12, а широка 6,40 метри. На ѕидовите се прозорци. Во внатрешноста на западната страна се наоѓа певница од дрвена конструкција, а на северниот ѕид е залепена проповедалницата, исто така од дрво. Олтарниот простор е подигнат во однос на наосот. Од олтарниот простор на југ се влегува во мала просторија – ѓаконикон за чување на светите книги и реликвии. Црквата не е живописана. Единствен украс во ентериерот е дрвениот иконостас обоен кафеаво. На него се наоѓаат повеќе икони вградени во рамки. Некои потекнуваат од 1849, а други од 1875/77 година. Други носат индикт Е. Според внатрешната елевација поделена на три дела со тенки дрвени столбови, 4 на број и според архитектурата и иконите од 1849 година, може со сигурност да се претпостави дека е градена во првата половина на 19 век. Тоа е време на интензивна градба на голем број цркви во Македонија. Повеќето се градени од мајсторот Андреј Дамјанов, најголем архитект кај нас во 19 век. Меѓу останатите, тој ги градел и црквите во Велес, Куманово и Ново Село. Во контекст со ова може да се претпостави дека и оваа црква е градена од него. Меѓутоа, понатамошните истражувања сигурно ќе го кажат последниот збор. Во најново време на црквата се вршени некои градежни интервенции кои што се далеку од автентичниот изглед на црквата.

извадок од

КУЛТУРНО – ИСТОРИСКИ СПОМЕНИЦИ ВО ОВЧЕ ПОЛЕ

Свети Николе, Јануари 1981

Здравковски Драгиша

stara crkva Sveti Nikola

Sveti Nikole retro (10)

Sveti Nikola krst star kamen

mala perva Sveti Nikola