Saturday, 19 October 5518

Семејството е најстарото и единственото природно општество

Семејството е најстарото и единственото природно општество. И децата остануваат приврзани за таткото сè додека им е потребен за свое издржување. Штом ќе престане оваа потреба, природната врска се прекинува. Децата, ослободени од послушноста што му ја должат на таткото, а таткото ослободен од грижите што го обврзуваат спрема своите деца, сите стануваат еднакво самостојни. Ако продолжат да живеат заедно тоа веќе не е природно ами доброволно, а самото семејство се оджува само со договор.

Оваа заедничка слобода е последица на човековата природа. Неговиот прв закон е да бдее над својата сопствена издршка, неговите први грижи се оние што ги должи на самиот себе, а штом ќе постигне зрела возраст, сам расудува за средствата што му се потребни за неговата издршка, па така самиот станува свој господар.

Според тоа, може да се каже дека семејството е првиот образец за политичките општества: владетелот е слика на таткото, народот е слика на децата, а бидејќи сите се родени еднакви и слободни, од својата слобода се откажуваат само во своја корист. Сета разлика е во тоа што во семејството, за љубовта кон децата, таткото е награден со грижите што тие му ги задаваат, додека во државата, желбата за владеење на владетелот му ја надоместува љубовта што тој не ја чувствува кон својот народ.

Гроциј одрекува дека секоја човечка власт им е од корист на оние што се потчинети, а како доказ го приведува ропството. Според своето вообичаено расудување, тој заклучува дека правото треба секогаш да се засновува врз фактите. Би можело да се примени некоја подоследна метода, но не и поповолна за тираните.

Значи, според Гроциј е сомнително дали човечкиот род е сопственост на стотина луѓе или тие стотина луѓе се сопственост на човечкиот род, и се чини дека во целата своја книга е наклонет кон првото мислење: такво е мислењето и на Хобс. Така човечкиот род е поделен на стада од животни, а секое има свој поглавар кој го чува за да го проголта. Како што пастирот по својата природа е повозвишен од своето стадо, така и пастирите на луѓето, кои се нивни владетели, имаат повозвишена природа од природата на своите народи. Според извештајот на Филон, така расудуваше и царот Калигула, кој според таа аналогија заклучувал доста добро дека кралевите се богови или дека народите се животни.

Овој заклучок на Калигула е во согласност со расудувањето на Хобс и на Гроциј. Уште пред сите нив и Аристотел тврдел дека луѓето по природа не се еднакви, туку дека едните се раѓаат за ропство а другите за господство.

Аристотел имал право, но згрешил само во тоа што последицата ја сметал за причина. Секој човек роден во ропство се раѓа за ропство. Во тоа нема сомнение. Во своите окови робовите губат сè, па дури и желбата да се ослободат од нив. Тие го сакаат своето ропство како што другарите на Одисеј го сакале своето животинство кога биле преправени. Според тоа, ако постојат робови по природа, тоа е затоа што порано имало робови против природата. Првите робови ги создала силата, а нивната малодушност ги одржала во ропството.

Ништо не реков за кралот Адам, ниту за царот Ное, таткото на тројца големи монарси кои го поделија светот меѓу себе, како што тоа го направија децата на Сатурн за кои некои мислеа дека се исти со нив. Се надевам дека ќе ми се признае оваа умереност, затоа што, како директен наследник на еден од тие владетели, а можеби и од најстарата гранка, не знам дали, кога би ја докажал заснованоста на своите наслови, не би пронашол дека сум законски крал на човечкиот род. Но, како и да е, не може да се одрече дека Адам бил господар на светот, како што Робинсон бил господар на својот остров, сè додека живеел сам на него, а во тоа господство било најсигурно тоа што монархот бил многу сигурен на својот престол па не морал да се плаши ни од востанија, ни од војни, ниту од заговорници.