Monday, 23 October 2017

Кога Марко се учел да пее

Ми падна в рака едно книже – житие од Свети Никола со црвени слова, и кога му легнав да го пеам, и од тоа што можев да го разберам кажував на татко и мајка до вечерта, онолку колку што можев. Потоа ми падна в рака едно друго книже, во Солун печатено, туку речи сум го заборавил што велеше. И едно друго книже, исто во Солун печатено, од некој си Неофит, покрстен евреин во Влашко, но и таа книга сега ја немам.

Од тие книги се учев да пеам и прикажувам. Во тоа време ми падна в рака и еден вечен календар, печатен во Стамбол, и него сега го имам. Кога го видов тој календар и го пеев, ат не ме стасуваше од радост, чунки чудни работи видов во него – празници кој кога паѓа, кога се пости за Велигден, Велигден кога ќе се падне, визгодина кога е и многу други работи. Откога ги врзав во умот, почнав да кажувам на пријатели од календарот, и секој што ќе ме слушаше се чудеше. А пак јас никако не се благодарев од тоа знаење, чунки гледав и слушав луѓе кои идеа кај мајсторот на муабет да прикажуваат чудни работи, од некои книги кои ги пееле, тики мене многу мака ми идеше, оти да незнам јас онака, како што знаат тие. А пак кога ќе го пееја клио по грчки и го расправаа, сум ти се чудел, чунки Тимион клио го тргаше тогаш.

Сега бугарски веќе знам чат-пат да пеам и да одбирам и по нешто од закон, чунки спечалив и едно книже, Битописание малечко, печатено во Филибе и од него бериќатварсан се пораскршив и се тргнав од едно верување на иконите, оти бев далдисал да ги гледам в црква и да му се молам, та дури сакав некоја икона да ми мрдне со очи. Најповеќе меракот ми беше во иконата на Свети Никола, чунки му го имав житието негово. Од битописанието се сетив како да ги верувам и честам иконите и како да верувам за нив.

Сега веќе бугарски знам до некаде, грчки такуѓере, ајде сега и турски ќе се учам…

– од Автобиографијата на Марко Цепенков

превод – Никола Ристевски