Тимоти Лири – Eлектронски култури

ЕЛЕКТРОНСКИ КУЛТУРИ

Тимоти Лири

Ако родителите не читаат или ако дома нема весници, списанија, книги, децата се во голема мера хендикепирани кога срамежливо (или дрско) ќе влезат во застрашувачката, обезличена првоодделенска училница. (Многу добри учители го разбираат овој принцип, па ја претвораат училницата во домашна атмосфера на поддршка.)

Сите ние ги чувствуваме импликациите за реформатирање на умствените фајлови (широко познати како помош во читањето). Културите или индивидуите кои сакаат да се променат мораат да користат различен јазичен медиум. На еден неписмен, деликвентен член на банда, ние му нудиме максимално сигурна, домашна околина, набиена со медиумски тренери. Malcolm X на пример, го подучуваа да чита строгите и топли родителски фигури во еден затвор во Масачусетс. Останатото би требало да го знаете!

СТАДИУМИ НА ХУМАНИЗАЦИЈА

Како што го враќам филмот наназад низ моите седумдесет и плус години на служење како СамоРегулирачки Агент и Еволуциски Скаут, ова гледиште се појавува во фокус. Нашиот вид, низ седум децении, претрпе поголеми, побрзи, покомплексни бранови на мозочни промени одошто припадниците на нашиот вид доживеале во последните 25000 години.

Број на (племенски) генерации од пештерското сликање до пишувањето на рака и јавната, широко-прифатена Египетска уметност (3200. п.н.е)?
Околу 1500.

Број на (феудални) генерации од пирамидите до Нотердамската катедрала, сликањето со масло или азбуката?

Околу 320

Број на генерации од првата печатена книга (првиот домашен медиум) до радиото, телефонот, видеото, филмовите (1950)?

Околу 23

Број на генерации од пасивната, црно-бела телевизија (1950) до мултиканалните, мултимедијални, интерактивни дигитални домашни екрани?

 3.

ГЕНЕРАЦИСКА РАБОТА

Секоја генерација од 1950 па наваму е еквивалентна на еден период или на еден еп или на една ера од минатата историја. Секоја следна генерација достигнува помоќни електронски-јазични орудија. За прв пат можеме да ја разбереме механиката на еволуцијата – јазикот и технологијата. Најпосле, еволуцијата на моќта на човековиот мозок ја достигнува оптималната мутациска брзина. Електронските мозочни орудија се менуваат толку брзо што секои петнаесет до дваесет години новата генерација создава нов вид.

Секој стадиум на човековата култура дефинира меметичка еволуција во однос на неговите медиуми, неговиот јазик. А медиумите и јазикот на културите, одредуваат дали тие активно се развиваат или остануваат пасивни и непроменливи. Статичните култури имаат цврсти, железни лингвистички заштити против промената. Нивните медиумски јазици се само-реплицираат преку повторување, учење напамет и сл. Нивните репродуктивни медиумски јазици ја величаат смртта како чекор кон вечниот живот во добро-рекламираните, совршено раководени пензионерски заедници наречени Рај и слично. Нивните медиумски јазици ги заштитуваат од тоа да бидат изложени, заразени или оплодени од други јазици. За да ја илустрираме важноста на јазикот во културната солидарност, го наведуваме примерот на Иранскиот шиитски ајатолах кој дава 5 милиони долари награда за “главата” на авторот Салман Ружди, заради неколку табуизирани зборови во еден роман објавен во далечната Англија. Или случајот на милитантните Христијани што се обидуваат да ги натераат буџетски финансираните училишта да подучуваат библиските теории за постанокот.

Културите се развиваат само ако нивните медиумски јазици имаат вградени програми:

1. За обесхрабрување на простото само-реплицирање;

2. За стимулирање на самопромена преку шокантен хумор, непристојни контракултури, хаотичност, итн.;

3. За поттикнување фузија со други култури, и спојување со други медиумски јазици.

Феудалните јазици не даваат зборови или знаци што го поттикнуваат, толерираат или барем спомнуваат поимот еволуција во животот на земјата. Семоќниот машки Бог создава и контролира. Рајот е одредиште. Хаосот, комплексноста, промената, се демонизирани, табуизирани.

Техничките инженери од индустрискиот период (1500-1950) објавуваа текстови, упатства и прирачници во кои ја дефинираа еволуцијата во термини на Њутновите-Дарвинови-Гордон Лидиеви компетитивни обиди за моќ: опстанок на најбруталните, или според правилата.

ИНФОРМАТИЧКИ ПЕРИОД

(1950-2010)

Во информатичкиот период, еволуцијата е дефинирана во термини на мозочната моќ.

• Способност да се управува мозокот: да се активираат, унапредат, вклучат, досегнат невроканалите;

• Способност да се реформатираат и ре-едитираат мисловните фајлови;

• Способност да се примаат, процесираат, испратат пораки со брзина на светлината.

• Способност да се комуницира во мултимедијален мод; да се создадат аудиографски речници и граматики.

ЧЕТИРИТЕ ЕЛЕКТРОНСКИ (СВЕТЛИ) КУЛТУРИ И КОНТРАКУЛТУРИ

Бидејќи моќта на мозокот експоненцијално расте, доста прецизно можеме да ги лоцираме родендените на пост-механичките култури. Американците кои беа на возраст од три до пет години околу 1950 станаа првите припадници на примитивната електронска култура. Како деца, тие седеа пред телевизорот и научија како да го вклучат, да се приклучат и да го исклучат. Можеме да ги наречеме “Биверси” – деца од генерацијата “Тато знае најдобро”, чии родители беа она што понекогаш се нарекуваше “конформисти”.

Тие беа среќни. Но не беа кул. Нивната учтива пасивност ја предизвика совршената спротивност – контракултурата, која првенствено се појави за време на социосексуалниот формативен прозорец познат како адолесценција.

Хипстери! Битници! Бунтовници! Пушеа трева. Се дрогираа. Презираа телевизија. Беа шокантно писмени. Пишуваа прониклива поезија и поетична проза, го сакаа џезот на Афро-американците. Сексуално експериментираа.

Корисно е да се види дека битниците беа постари од биверсите. Во четириесеттите, кога битниците беа меѓу три и осум години стари, нивни домашни медиуми беа радиото, филмовите, плочите, книгите. Припадниците на повоената (беби-бум) генерација се телевизиски гледачи – биверси на 50-тите и вовлечени во хипи движењето во 60-тите. Богати, разгалени потрошувачи, спремни да ги употребат своите телевизиски-радио вештини за да бидат обликувани од влијанијата на Боб Дилан, Битлси…

Нинтендо генерацијата од 80-тите стана пионерската група на кибернаутите. Тие беа првите луѓе што поминаа низ Алисиниот Прозорец и ги променија електронските модели од другата страна на екранот. Тие ќе делуваат во киберпросторот, електронската околина на 21-от век.

 

МИЛЕНИУМСКО ЛУДИЛО (ДОАЃАЊЕ НА ХАОСОТ) 

Наредните неконтролибилни петнаесет години (1995-2010) ќе ја забрзаат вртоглавата експлозија на мозочната моќ. Фрагментизираните остатоци од старите централизирани социјални системи на феудалните и индустриските цивилизации се распаѓаат.

Дваесет и првиот век ќе биде сведок на нова глобална култура, чии припадници припаѓаат на новата раса, ја слават човековата индивидуалност, човековата комплексност, неговите потенцијали, тие се просветлени бесмртници што комуницираат со брзина на светлината и дизајнираат технологии за нивната научна ре-анимација.

Leave a Reply