Wednesday, 19 October 5008

Емануел Карасо, голем мајстор на Macedonia Risorta

Најпозната е Ложата “Macedonia Risorta” која работи во Солун под закрила на Големиот Ориент на Италија. Оваа Ложа “Macedonia Risorta” или “Воскресната Македонија” ќе одигра голема улога во настани со големо историско значење во почетокот на дваесеттиот век, како што е “Младотурската револуција”.

Емануел Карасо оставил длабока трага во македонската масонска историја. Роден е 1862 година во Солун , починал 1934 во Трст, Евреин од Солун кој бил еден од еминентните правници во тогашно време , но попознат е како голем мајстор на масонска ложа „Macedonia Risorta“ ( Воскресната Македонија ) која е една од првите ложи на овие простори и прва македонска ложа. Ложата е основана во 1864 од цариградската ложа „Italia“ во системот на Големиот Ориент на Италија и ложата „Etoile de Salonique“. Оваа ложа ќе одигра големо значење во Илиндескиот Период но својот најголем удел го има во Младотурската Револуција. Меѓу најпознатите членови на оваа ложа се Мустафа Kемал Ататурк и Талат Паша , но вистинскиот спиритус мовенс на ложата „Воскресната Македонија“ е големиот мајстор Емануел Карасо.

Карасо студира правни науки , криминологија во Солун. Некаде неговото име се наведува како Карасу, или Емануел Карасо – ефенди, што им дава за право на оние кои тврдат дека припаѓал на множеството солунски евреи кои уште од 17 век ја прифатиле муслиманската вера, но кои и натаму тајно продолжиле да го практикуваат јудеизмот. Во 1908 г. станува пратеник во Меџлисот. Неколкупати му се нудени министерски функции, но ги одбива. Откако по 1923 г. Ататурк доаѓа на чело на државата Карасо паѓа во немилост и емигрира во Трст, каде што во 1934 г. умира. Тој е еден од основачите на Движењето на Младотурците , човек кој воедно бил и службеник на италијанскиот Б’нај Б’рит.

За „Macedonia Risorta“ се вели дека едновремено била и масонска ложа и еврејска синагога , и дервишко теќе , и револуционерен штаб. Во неа своевремено пробежиште нашол и подоцнежниот турски премиер Талат Паша , криејќи се од тајната полиција на султанот Абдул Хадид.

Всушност , иако можеби недоволно експониран во официјалната историја, Емануел Карасо е човекот кој има големо опшествено влијание , зашто ја контролира разузнавачката мрежа на Младотурците на Балканот . За неговата величина сведочи и фактот, дека тој е меѓу тричлената делегација која во 1908 година на султанот Абдул Хамид му соопштува дека е детронизиран и дека е ставен во куќен притвор. Неговото име се врзува и со улогата на главен лиферант со храна во Империјата во текот на Првата светска војна.

Забележана е и една средба на извесниот исламско мистик Сеид Нурси со Карасо. Поради исламскиот принцип на меѓусебно советување што го применувал, Нурси сакал лично да ги запознае водачите на комитетот „Единство и Напредок“ ( младотурци ) , па заминал во Солун. Дознавајќи за неговото присуство во Солун , Карасо ( се вели дека тогаш бил член на Меџлисот ) побарал средба со цел да влијае врз него. Приказната вели дека по средбата Карасо рекол: „Малку недостигаше овој чуден човек преку неговото чудно кажување да ме воведе во исламот“.

Може да се наведат уште многу приказни за и околу Карасо , како на пр. За неговиот ортак, Александар Хелпхенд, познат како Парвус , финансиер на руските револуционери во 1906 и 1917 г.; партнер на Карасо во неговата трговија со жито ; снабдувач со оружје на турската армија во текот на Балканските Војни и организатор на тајниот воз што го врати Ленин во Русија во 1917. Неговото портфолио фрла дополнителна светлина и врз профилот на големиот мајстор Емануел Карасо, но нема којзнае какви податоци за контактите на масоните од кругот на овој голем мајстор со Македонските Револуционери.

– од Бревијар за Древното Братство, Јован Бригиски, КУЛТУРА