Saturday, 19 August 2017

Долно и Горно Градиште (Ѓуриште)

Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

VII. ПРЕГЛЕД НА УКРЕПЕНИТЕ МЕСТА ОД СРЕДНИОТ ВЕК ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

22. Општина СВЕТИ НИКОЛЕ  Сопот (Трстеник) (Ѓуриште ?) Регионална стража (дворец ?). Сл. 126—128. Лит.: И. Микулчиќ TIR, 128; — Т. Томоски 1978, 243—250; — Е. Манева 1992, 219.

Местоположба. Месноста „Долно Градиште” лежи 1,5 км ЗСЗ од Трстеник и 0,6 км јужно од манастирот Ѓуриште. Претставува 70-80 м висока чука која одвај ги надвишува околните ритчиња и падини, во подножјето на Црн Врв. Од неа се протега поглед далеку на исток во полето. Во северното подножје, покрај манастирот и селото Преод водел стариот пат Скопје — Штип кој таму ја преминувал ниската планина; оттука и името на селово.

Најстари остатоци. На зарамнетиот врв во доцната антика било изградено обѕидие со малтер, околу просторот што зафаќал 325 х 155 м (2,8 ха). Челниот ѕид бил зајакнат со најмалку 3 кули и покажува две фази на градењето (4. и 6. век). Во средината на кастелот, качена на мала карпа, стоела акропола (голема 40 х 22 м). Има многу силно обѕидие со кула на источниот крај и цистерна за вода, а потекнува од 6. век. Наоди: многу доцноантичка керамика, монети од доцниот 3. до 6. век. Во јужното подножје се протегала цивилна населба, во која делумно е раскопана една базилика (6. век). Друга помала црква е откриена 1 км источно оттука.

„Долно Градиште”

Големиот кастел на Долно Градиште контролирал голем дел од границата помеѓу провинциите Македонија и Дарданија, повлечена по сртот на венецот Црн Врв — Градешка Планина.

Средновековни остатоци. Добрата состојба на акрополата (до денес) дозволувала без значајни поправки оваа минијатурна крепост да биде користена и во доцниот среден век. Тогаш бил подигнат манастирот Ѓуриште со црквата на св. Богородица, а околу средината на 14. век во него била погребана, по cè изгледа, кралицата Марија Палеологова, втората жена на Стефан Дечански (Б. Алексова 1959, 121—129). Логично е да се очекува и некоја крепост или засолниште близу до овој значаен манастир, а акрополата на Долно Градиште како најблиска и добро сочувана одлично би одговарала на овие потреби. Сè ова треба допрва со ископувања да се потврди.

Околу 1 км западно од Долно Градиште лежи месноста „Горно Градиште”. Поставено е на една не многу висока чука во венецот на Црн Врв, близу главниот срт и покрај еден од премините кон долината на Пчиња. Денес е обраснат со густа ниска шума, а хумусот ги покрива археолошките остатоци. Поради тоа успеав само делумно да го премерам. Се работи за правоаголен простор од 50 х 30 м, обграден со послаб ѕид (без малтер?) и со влез од југозапад. На средината на овој простор стоела квадратна кула. Од две страни укрепената позиција била природно бранета со вертикални карпи.

Претставувала планинска стража или феудален ловечки дворец. Движни археолошки наоди не се прибрани.

„Горно Градиште”