Tuesday, 19 October 2928

Вистина за која малкумина воопшто знаат дека е наша и постои

Здраво живо Боре, ти благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе го претставиме твоето делување на начин преку кој што пораката ќе допре до различните генерации кои што ја читаат ЛОЗА, а и до љубителите на музиката која ја создаваш. На почеток, би сакал преку тебе да упатам поздрав до сите млади Македонци насекаде низ светот. Да започнеме:

– Кој е Боро Стојановски, каде се образувал, и на какви начини има заработувано до сега?

Здраво живо. Морам да ти признаам дека многу јако го стартуваш интервјуво, веќе во првото прашање има едно подпрашање што многу го развлекува одговорот на истот, па ќе се обидам да бидам што пократок, но содржаен. Боро Стојановски е само уште еден оловен дечко од градот на Гемиџиите (ова никако не е поврзано политички), генерација 84, основно образование имам завршено во Велес, средно во првата гимназија во Македонија – исто во Велес, а потоа се запишав на Архитектонскиот факултет во Скопје, но студиите ги завршив пред две години во Сиднеј, каде што живеам и работам последниве 4 години. Додека живеев во Македонија немав работено за некој поединец или некоја компанија (едноставно нема поента), а и немаше потреба – одлично се снаоѓавме со одредена група на луѓе, повозрасни момци, многу талентирани и умешни во она што го работат, на кои секогаш ќе им бидам благодарен што воопшто ме дружеле. 🙂 Си поминавме супер. А и си викам, еве да речеме се враќам повторно да живеам во Македонија, иако нема шанси освен за да ја видам фамилијата и другари, ама еве да речеме – повторно не би работел за некого или некоја фирма или што знам, затоа што во Македонија да добиеш фер услови во каков и да било работен однос е едноставно само научно – фантастичен филм. Значи ќе треба да легнам на брашното, а кога и да ми го кажел тоа некој, наеднаш од нигде никаде кога ќе ме фати една смеа и одма си викам – па од сите што се легнати на брашното е тапа!

Analogue Resistance hubble

– Од кога се занимаваш со музика и на какви инструменти си свирел?

Во прво одделение, кога се вратив дома од школо еден ден, на масата имаше синтисајзер, стар модел на Casio веројатно. Така некако започна целата приказна која што сеуште трае и ќе заврши кога јас ќе завршам. 

– Што те инспирираше да започнеш со создавање на музика?

За да не излажам, вака ќе одговорам: започнав многу млад, така да – да се правам сега дека незнам која инспирација сум ја имал тогаш или незнам што е малку глупо, нели. Секој многу млад (мал) ама баш ништо нема што да каже. Па можам да кажам дека прва инспирација е мојот брат и неговите другари. Сум ги гледал уште од мал и сум си викал – леле, овие се луди скроз, и јас сакам да бидам како нив, и тоа е тоа. Сум имал среќа уште од мал да бидам опкружен од луд екипион. Исто така, Александар Трајковски aka Audio Portmanning ме носи уште од копиљ (од 9-10 години) на сите свирки и концерти што ги организираше, само еден плочник од 15 метри нè дели со Сашко Костов – зградите ни се поврзани како во филмот Банеулеле 13, тука е и Славчо Пеев (опасен басиста по живот) и секако Боре Глигоровски aka Defect 13th, со кој што ја плетевме приказнава повеќе од две децении. Тоа ме инспирирало како мал да бидам андерграунд, а како тинејџер веќе имав сериозна потреба да правам своја музика, чувствував потреба да се искажам, едноставно сакам да сум контра системот.

-Какво techno е тоа кое го правиш во последната деценија?

Го имам променето звукот од порано, имам еволуирано заедно со техното кое постојано еволуира, кое станува сè покомплексно. Во главно се трудам и го задржувам својот пристап, порано бев по-мек, можам да кажам – едноставно помлад 🙂 Ако сакате да најдете музика слична на мојата, прошарајте по места каде што има TECHNO deep dark industrial ambient, или најубаво накратко – raw techno. Во принцип некако е мода во светов да почнеш јако андерграунд и да те дознаат преку тој звук, па наеднаш да те чукне сперма и многу паричиња во мозок, и некако почнуваш да продуцираш за некои розови состојби и времиња, времиња кои не постојат бе браќа, разбирате ли – не постојат, не е баш така розовко околу нас 🙂 Така да, јас идам подлабоко, сè она што повеќе луѓе го засакуваат, мене генерално ми станува одбивно (генерално за сè). Ова е мојата филозофија: размисли вака, повеќе има паметни или глупи? Јас мислам глупиве се ептен некако во значителен број, па кога ќе видиш како се летаат по нешто еден куп од нив, мора одма да си речеш, чекај овде нешто не чини, голема е бројкава, а повеќе луѓе беа без вкус за ништо нели, така да – тоа е тоа, го избегнуваш. Мене не ми треба математика за ова, осеќам што треба да избегнам и што не ми вари организмов едноставно, ова е за они што осеќаат дека нешто не чини, ама не им текнува што. Ако не ви текнува – ете ви математика проста за секој да ја сфати 🙂 Лошо е што бројот на оние на кои никогаш нема да им текне е преголем!

boro stojanovski

– Кои артисти имаат повлијаено на твојот музички пристап?

Мислам дека ова е најтешкото прашање, исто како кога некој би ме прашал што слушам, оди одговори му за една недела да те видам, ако можеш. Можеби ќе звучи малку чудно, но за мене најиновативна, инспиративна, најпсиходелична и доследна е Краут сцената која што се појавува околу средината на 60тите години. Таа музика ме има највеќе инспирирано и ми има повлијаено на пристапот. Од момциве и девојкиве кои моментално дрмаат на техно сцената, незнам – премногу се, највеќе оние кои постојано се трудат, го задржуваат својот звук и најбитно – сеуште експериментираат и се трудат да внесат што повеќе live.

– Помеѓу слушателите си познат под два псевдоними, New Culture Terrorist и Analogue Resistance, кое им е значењето?

Ќе треба реферати да пишувам за да се разбереме, а и премногу лично некако ми е тоа за воопшто да го одговорам.

– Какви инструменти и модерни технологии користиш при создавањето на твојата музика?

Ако го поставиш прашањево со малку поинаку подредени зборови, на одредени форуми војна ќе настане. Најголемата битка е моментално Analog vs Digital. Погрешното е тука што најголем бенефит како музичар имаш ако одбереш хибрид од двата света, така ќе имаш најдобар live, најдобар аранжман, најдобро ќе се искажеш и најквалитетно ќе звучиш, ако ги вклопиш во едно без никакви предрасуди и глупи сфаќања. Јас имам почнато 100% дигитално, сум во тек со секоја нова технологија поврзана со звук, но моментално највеќе користам аналогна опрема за продукција, околу 80% од звукот е добиен аналогно, останатото е дигитално. Преку аналогна миксета ја снимам траката, отсвирувам во живо и потоа следуваат оние есенцијални дигитални 20% за целокупната идеја да е постигната. За постпродукција моментално користам исклучиво VST, во иднина планирам да си докупам и аналогни алатки за постпродукција, но никогаш не планирам да работам само аналогно или само дигитално, едноставно дигиталниот свет нуди многу нешта што аналогниот не може да замисли да ги постигне, едноставно не може, така да ако си паметен ќе ги респектираш и користиш и двата. А и плус, мислам 2016та еве ја дојде, треба да си во тек. Секако треба да напоменеме дека токму дигиталната технологија е онаа која охрабри огромен број луѓе да се обидат да продуцираат. Со тоа што е поевтина и подостапна (сè можеш да најдеш за без пари), така да како и секој друг продуцент, а посебно како и кај секој друг македонски продуцент и кај мене најверојатно во лаптоп ќе го најдеш пола интернет. 🙂 Особено ми е интересно кога имам време да проверам некој нов VST, не е битно дали ќе го користам. Но, исто така дигиталната технологија охрабри еден куп луѓе да си речат – еј абе знаеш што, никој не ме знае ни дека постојам, а плус и девојка ми не ми се опулуе, а да земам брат ја ако не музика да правам или пуштам, а шо викаш? И – оп, ете го некој млад кромид туку ќе никне, млад кромид со исклучително добри менаџерско газолизачки способности, ќе го има некој месец до неколку години, ќе го снема и оп ќе разбереш девојка си фатил или дечко си фатила 🙂 Плус оваквите „продуцентчиња” ствараат затеза кај еден куп опасни дигитални продуценти, кои се мастери во она што го работат, звукот го имаат во малиот прст, а повеќето ми се другари и пријатели. За првото убаво бас појачало пари собирав 2 години, сакам да кажам дека потешко достапните работи ќе те натераат да се запрашаш дали навистина имаш газ, воља, пожртвуваност и љубов за она за кое се занесуваш.

Дел од опремата на Analogue Resistance

Дел од опремата на Analogue Resistance

– Пред некое време оформивте издавачки label заедно Defect 13th, што планирате за во иднина?

Точно пред година дена по долго мечтаење со Defect 13th го отворивме Hubble Trax кој што издава Техно и Експериментална електронска музика, лејбел кој што безрезервно ги поддржува и охрабрува оние кои што се на слична фрекфенција. Особено ни е драго што македонската сцена е премногу добра, па нашиот Hubble Trax расте и се движи во одлична насока. Очекуваме и неколку артисти од Сиднеј, кои што сигурно ќе се приклучат во блиска иднина. Ќе спомнам само дека артисти како Душко Јаневски, Vertical Sofa, Роботек, се само дел од оние кои ќе издадат во наредните неколку месеци, збиднувања за кои што сме пресреќни. Наредно нешто што ќе излезе на бел свет е одличниот експериментален албум на Teodora L.M. – девојка од Велес, кој што исто како и погоре наведените ја испочитува нашата желба да се наjде на нашиот label. Планираме што побрзо да почнеме со Hubble Trax евенти, иако во Македонија има се помалку услови за такви активности.

hubble traxHubble Trax @ SoundCloud (click)

– Колку се различни Сиднеј и Скопје, дали животот на младите се разликува таму и тука?

Тоа што го има Скопје (својата посебна култура, шмек и душа) Сиднеј никогаш нема да го има, неможе ни да замисли да го има, а Скопје некогаш во многу, многу, многу далечна иднина ќе го има она што Сиднеј сега го има. Ако ме прашаш каде би живеел, би живеел во Скопје доколку поголемиот дел од жителите имаат поинаков менталитет и општо појма за животот и на каде треба да целиме како битија кои пулсираме и сме дел од космосов. Бидејќи тоа е далеку, подобро ми е некако овака. Е сега, за младите – во Сиднеј младите над 18 години можат сами да заработат за помалку од пола година патување низ Европа, на кое трошат и над $15,000 и си поминуваат подобро отколку на филм, со сопствени чесно заработени пари, без мама и тато и какви и да било далавери.

– Како ги гледаш промените во светот во кој што живееме?

Тргнати сме ептен надоле некако, стрмен е патот без сопирачки, толку многу големо е забрзувањето што неможеп да се свртиш нагоре и да побараш спас, туку гледаме само надоле и упорно се движиме. Долго време веќе е вака, па заборавивме и зошто постоиме, кои сме не е веќе ни важно, а ова е жално и страшно. Доколку мозокот на овој свет беше оставен на раат, слободно и за добро да си мисли, сè ќе беше во ред. Додека сите сме свесни дека секој нов производ прво го проверува војската и како тоа она би можела да го примени – се знае за што, не ми се чини дека во блиска иднина ќе е баш светло. Плус, забрането ни е да мислиме воопшто, а робовладетелството моментално е во најјаката, најкомплексна форма што постојано се доусовршува.

– Со оглед на тоа што сите сме соочени со опасните болести на новото време и лошите лекови за ублажување на истите, си земам за право да те прашам – дали сметаш дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Па што побргу треба да се случи ова и да не се губи ниту ден. Ако само замислимие колку луѓе дневно умираат од различни видови на рак и останати болести, не треба воопшто да се размислува дали, а и не може да страдаме од одреден број на несовесни корисници. Не смее одма затвори, чуда, закани, најдете си друг начин да ги решавате проблемиве, на сила некако не оди, на сила убавина не бива – нели? Ако стварно сакате да му помогнете на човештвото, влади на сите држави, ако стварно се грижите за нашето здравје – треба да ја легализирате билката, која што и покрај одамна докажаните чуда во медицината е билка од која можеме да произведеме буквално – сè. А со тоа ќе намалиме со производство и употреба на доста токсични материи. Плус, секоја држава ќе зима такса од контролирано производство и пуштање во употреба, а криминалот ќе се намали значително. Па дај мислам, ѕирнете накај Амстердам – од кога е легализирана, му фали ли нешто 🙂

– Кое е твоето мнение за трагикомичната политичка ситуација во Македонија?

Веќе имаш доста одговор во самото прашање. Точно – трагикомична и нема да се смени во догледно време. Ни тие што се сега ни тие па што ќе дојдат а и после нив нема да ја сменат состојбата, нема да сакаат едноставно нема да им е по кеиф. А и види кој ти се соседи човече, не зезај, барем еден ќе мрси конци до крај на сите возможни начини.

– Доколку некогаш се вратиш во државава, во каква Македонија би сакал да живееш по 10 години?

Претходно мислев на дооолг, долг период, ме сфаќаш 🙂 Али еве ако речеме да се десет години и средено – демек. Едноставно е, само нека е стабилно, без меѓуетнички тензии, стабилна економска структура од која можеш да просперираш, а не да отвориш фирма и да се плашиш кога ќе падне или ќе се крене пазарот и кој попрво ќе ти удри рекет. Македонија во која можеш да се искажеш и да имаш свое јас, Македонија во која осеќаш дека воопшто постоиш. Македонија во која ќе се сфати дека токму уметниците, спортистите, научниците и современите стручњаци се движечка сила, дека токму тие се најголемите амбасадори кои го обликуваат ликот и делото на Македонија. Но сигурно не во Македонија во која некои неписмени сељаци се замислуваат дека се Солунски Атентатори. Солунските атентатори биле образовани дечки, со цврста идеја и голема решителност, а она што го направиле го направиле со мозок а не со сила, така да на сите простаци што се занесуваат дека ќе биле Солунските Атентатори би им препорачал да не се ветреат, да си останат само глупи, најубаво ќе ни биде на сите, они нели ignorance is a bliss 😉

– Што би им порачал на нашите читатели, а што на слушателите на твојата музика?

На читателите на ЛОЗА би им препорачал активно да го следат магазинот, затоа што Лоза неманипулативно ја изнесува вистината, вистина за која малкумина воопшто знаат дека е наша и постои. Лоза обработува интересни теми кои може само да го збогатат вашиот дух, разно – разни мистерии, и има целосен поинаков поглед на нештата. Интернет издание кое има претрпено многу закани, но сепак нема да се предаде во борбата. Весник кој го привлече вниманието на многу мистици во светот, и ги размрда заспаните историчари и археолози.

На моите слушатели би им препорачал да останат со отворени уши, дека допрва најдоброто доаѓа. На слушателите на електронска музика во Македонија би им препорачал малку да се заинтересираат за електронските артисти од Македонија, затоа што има премногу добри world class продуценти, момци и девојки кои стварно вложуваат и знаат што прават.

Analogue ResistanceAnalogue Resistance @ SoundCloud (click)

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015