Sunday, 22 October 2017

Сонувачите и новиот свет

Ова што ќе го чуеш ќе ти звучи бесмислено, нема да поверуваш, ама мое е да ти кажам.

Пред десетина века во оваа земја се појавија луѓе, чудни луѓе. Се нарекуваа себе си богомили. Црквата не ги сакаше, нивното учење го прогласи за ерес, па ги прогонуваше. Тие не се грижеа многу за прогонствата. Им ги убиваа телата, ама тие беа бестелесни. Како што дојдоа одненадеж, така и заминаа. Тоа што им го зборуваа на луѓето, тоа што ја налути Црквата, тоа е една работа. Она што никој не го знае е дека дојдоа да посеат семе, ама не за секого. Бараа луѓе со чисто срце, ум и душа. И таквите ги научија на своите вештини. Тие ги создадоа Сонувачите. Ако умееш да го набљудуваш овој свет околу нас со очите на душата, ќе видиш нешто многу едноставно. Еве сме, влезени во новиот век, наскоро цела планета ќе се претвори во една огромна машина, натаму е тргнато. Времето ќе се забрза, војните ќе станат пострашни, оружјата поубиствени и луѓето полека ќе почнат да ги губат умот и душата. Натаму оди и тоа не може да се спречи.

Сонувачите знаат дека сме тргнати кон крајот на ова постоење. Секој поредок на крајот се растура, за да почне потоа сè од почеток, ама чисто и новородено. Тоа е кажано уште во митовите. Кога ќе заврши ова време, ќе започне другото. Тука е улогата на Сонувачите. Тие се оние кои ги подготвуваат луѓето за новото време. Оние луѓе кои можат да се справат со крајот кој воопшто нема да биде пријатен. Сонувачите ги наоѓаат, Сонувачите им откриваат. Ги има низ целиот свет. А зошто Сонувачи, сигурно се прашуваш. Сите тие го имаат сонувано крајот на ова постоење, почетокот на другото. А се среќаваат на сон меѓу себе, на сон го живеат својот вистински живот. Ова што е наша реалност, за нив е само потребна етапа. Отаде сонот, тие се вистински живи…

од Тринаесетиот месец – роман за љубовта, смртта и преобразувањето