Monday, 20 November 2017

Од Овче Поле заминуваат и луѓето и птиците

Кога луѓето ќе напуштат одреден простор, природата полека си го враќа она што ѝ било одземено, повторно загосподарува со местото и непречено напредува и се збогатува. Ова е стандардната приказна што ја слушаме за односот меѓу човекот и неговата природна околина. Но, ете, не било секогаш така. Има случаи кога токму недостигот од луѓе дополнително го нарушува биодиверзитетот (богатството од разновидни животински и растителни видови).

Orel nad karpite na Skok

Со истражувачки тим од Македонското еколошко друштво одиме во Овче Поле. Ги набљудуваме степските ветрушки, редок и загрозен вид птици-грабливки. Од Куманово до Свети Николе изброивме педесетина. Задоволителна цифра, сметаат нашите водичи, барем за денешни услови. Се потсетуваат на разговорите со локалните жители, кои им раскажувале дека порано овие птици летале во огромни јата, како роеви од муви, каде и да погледнел човек на небото, ќе ги видел. Сега ги нема, бидејќи ретко останал и некој човек да погледне во овчеполското небо.

Ова е вид што живее заедно со луѓето. Птиците градат гнезда во стреите од куќите. Индиректно се зависни и од земјоделството, се хранат со глодачите и со скакулците што живеат во нивите. Кога нема луѓе, објектите се распаѓаат, снемува места за гнездење, а во необработените ниви има сѐ помалку храна – објаснува Данка Узунова, раководителка на проектот „Процена на заканите за птици во две значајни подрачја за птици во Македонија“, чија цел, меѓу другото, е да им го надомести на степските ветрушки недостигот од луѓе и локации за гнездење.

Тешко е да се процени што е поголема реткост во одредени краишта од Овчеполието, птиците или луѓето. Празните речни корита и пресушените селски чешми ја откриваат причината за раселувањето. Оние села што немале среќа да добијат вода од хидросистемот од Калиманци, сега се само знак, спомен на тоа што некогаш биле. Во пеплосаното Патетино, каде што смрди на чад како вчера да горело, двајца старци безволно нѐ набљудуваа како поминуваме. Во соседното Немањица нѐ поздрави „другарчето“, дете на околу 10 години, кое доста време поминувало со истражувачите кога тие работеле по неколку дена на терен. Им се пожалило дека нема другарчиња, па затоа така го нарекле. Големата училишна зграда во Мустафино одамна не се исполнува, работи со комбинирани паралелки, со деца од повеќе генерации. Ерџелија некако се држи, добива вода од Калиманци.

Но водата одвај стигнува за селата што се приклучени на тој хидросистем, а камоли да се прошири и на други места – вели Костадин Кочов, жител на Ерџелија, кој го помага истражувањето на птиците така што одржува хранилиште за мршојадци.

НАРУШЕН ЕКОСИСТЕМ 

За да ги поттикнат степските ветрушки да останат во регионот, екипите на Македонското еколошко друштво им поставуваат куќарки под стреите на куќите, со надеж дека таму ќе се вгнездат. Посетивме две такви места во Мустафино. Во првото имаше траги од птичји измет на една куќарка. Значи забележани се.
Уште само да се утврди дали од вистинските птици. Неоштетените пајажини во кои беа обвиткани вторите куќарки кажаа сѐ за нивната искористеност.

– Странските искуства со слични проекти покажале дека се потребни две-три години за да почнат да се користат куќарките. Ако некои степски ветрушки се населат во нив уште сега, тоа ќе биде голем успех – објаснува Данка Узунова.
Но зошто би требало да се трудиме да го спасиме овој вид птици? Ако не ни значи ништо фактот дека секое исчезнување на редок вид е цивилизациска загуба, слично како да се остане без некој природен или културно-историски споменик, тогаш можеме да ги анализираме и практичните причини. Екосистемот, објаснуваат биолозите, се состои од сите живи суштества во еден регион и од односите меѓу нив, каков им е соживотот, кој кому му е ривал или предатор, кој што јаде итн. Секое нарушување има последици. Ветрушките, како грабливки, се на врвот од синџирот на исхрана и не се ничиј оброк. Но ако ги снема, суштествата што се нивна храна (скакулците и помалку глодачите) може да се намножат до неиздржливо ниво и да ги истрошат ресурсите на подрачјето, што подоцна ќе доведе и до нивно проретчување, дури и изумирање. Глобалните климатски промени дејствуваат на планетарно ниво и не зависат од птиците или од гуштерчињата во Овче Поле, но локалната микроклима зависи од сите видови таму и од нивните активности. Колку помалку има живот, толку е поголем ризикот од нарушување на рамнотежата и потоа опустошување.
ОРЛИТЕ УДОМЕНИ, КИЛОВАТИТЕ НА БРОЈ
Сепак, лошото влијание од отсуството на луѓе е само едната страна од приказната. Онаа човечка активност што останала, или што се планира, исто така ги загрозува птиците во Овче Поле, кое поради своите степски карактеристики е мошне значајно за нив. Струјата е главен проблем, а нејзина најчеста жртва е царскиот орел, уште еден мошне редок и значаен вид вклучен во активностите за заштита. Низ регионот се испреплетуваат повеќе далноводи. Столбовите за пренос на електричната енергија, како највисоки објекти во област со полусуви треви, ниви и нискостеблести шуми, им се неодоливи за застанување и за правење гнезда. Кај некои постари модели, орлите со раширени крилја спојуваат две жици, стануваат спроводници и угинуваат веднаш, а за да се спречи тоа треба да се изолираат суспензорите. Жиците се проблем и за ноќните летови, но тоа се решава со поставување дивертери, т.н. „мачкини окца“, кои им укажуваат дека има пречка. Исто така, гнездата понекогаш пречат во спроведувањето на струјата, па биле уривани.
Сето тоа се решава со проектот што Македонското еколошко друштво го води во соработка со МЕПСО, за поставување платформи за гнездење, со кои се постигнува ефектот – и орлите удомени, и киловатите на број. Годинава се наместија десет и се чекаат нивните први жители.
Останува уште еден проблем со струјата, планот за 40 ветерници за производство на енергија. Одамна е познато дека тие се штетни за птиците, дека ги убиваат со перките. Како ќе влијае овој проект врз природата?
– Мислиме дека треба да се преместат неколку ветерници, да им се најдат нови локации, за штетното влијание врз птиците да се намали без да се запре целиот проект – објаснува Узунова.
Мршојадците во Македонија најчесто се поврзуваат со Матка и со Тиквеш, но за нив е значајно и Овче Поле. Костадин Кочов од Ерџелија го одржува нивното хранилиште, каде што се фрлаат мрши за прехрана. Вели дека, за жал, порано доаѓале и по 15-20, а сега по 3-4. Сѐ помалку имало и пари за да се купува храна за нив. Но и самите биле пребирливи, раскажува тој.
– Најмногу сакаат свинско. Може да има фрлено три мрши од крави и една од свиња, сите ќе ѝ се нафрлат на свињата, а кравите ќе скапуваат на сонцето. Многу им е повкусно свинското месо, како да знаат дека се македонски птици – во шега вели Кочов.