Monday, 20 October 5783

Манастирот Свети Никола – Ад’р баба теќе

Манастирот Свети Никола во поречкото село Сланско е место кое што ги спојува различните вери.

crkvata sv nikola_cc5876c2292bf5106b9600edc8b74eac

Според православните тука се наоѓа гробот на некој старец со бела брада кој ги спасил жителите на село Грмада од чумата која тогаш косела на овие простори. Старецот им рекол на жителите да му направат колиба каде ќе живее до крајот на животот, а потоа кога умрел го погребале на тоа место каде денес се наоѓа црквата. Понатаму преданието вели дека кога дошле Османлиите на овие простори го урнале манастирот кој бил посветен на Свети Никола. Денешната форма на црквата е добиена подоцна во 18 век, а ја изградил турчинот Асан бег. Имено според преданието бегот Асан сакал тука да гради свој сарај, но секоја вечер сарајот сам од себе се уривал, поучен од мајсторите дека тоа е казан затоа што турците го урнале манастирот и ги заклале монасите кои живееле тука, тој ја изградил црквата и дозволил во неа да се молат и православните верници и муслиманите. Тој соживот останал се до денес.

За христијаните – манастирот „Свети Никола“, а за исламските верници – теќе Х’д’р (‘Адр) баба, само навидум и единствено по истакнатите обележја открива дека во овој објект има храмови посветени на две различни конфесии.

А, всушност тоа е свето место каде што сиве овие векови се прославува Господ и место кое најдобро може да ја раскаже приказната за историјата на овие македонски простори и за верската толеранција и мултиконфесионалност, чија оригиналност е единствена. Овој пример покажува дека е можно христијански православен свештеник да се моли за здравјето на дете од исламската вера и православни свештеници да имаат обреди во исто време и на исто место кога и верските достоинственици од бектешката заедница. Сите луѓе што доаѓаат да го посетат ова место воопшто не се оптоваруваат со тоа дали тука прво била црква, а потоа теќе и турбе или кој од каква вера е. Важно е само едно – универзалната порака што се пренесува оттука, а таа е да се дојде, да му се помоли на Господа, оти тој е добар и ќе помогне и може да направи чудо.

Сместен на височинка од која убаво се гледа целиот град, храмот „Свети Никола“ и теќето Х’д’р баба ја нема онаа импозантност која често ја имаат верските објекти. Во димензии седум на седум метри собрана е целата историја и значењето на овој храм направен од камен, земја, дрво и прекриен со ќерамиди. Христијаните велат дека тој е подигнат на темелите на друг, постар манастир и дека прво бил обична куќичка, дом за живеење на некој непознат старец со бела брада кому жителите од тој крај му биле благодарни оти ги спасил од смртоносната епидемија на чума на почетокот на 14 век. Тие му ја изградиле оваа куќичка и му ја исполниле последната желба, во неа да почива откако умрел. Преданието, луѓето од овој крај, наводно, утврдиле дека човекот со бела брада всушност е светецот Николај, легенда која опстојува до денес. Поради тоа овој манастир бил наречен „Свети Никола“.

Интересно е да се наведе дека влезната врата на овој биконфесионален свет храм е неправилно поставена од јужната страна, додека иконостасот и олтарот се наоѓаат на северната страна. Токму ваквото отстапување од христијанските обичаи, храмовите да бидат изградени во правецот исток – запад, отвора и поинакви дилеми за историската приказна која свој нов тек добива со турските освојувања на овие простори. Христијанско предание е дека Османлиите го опустошиле манастирот, ги убиле монасите и свештениците и на ова место изградиле теќе, бања и турбе. Во исламската верзија на приказната, пак, ваквата реконструкција на настаните што се случувале на малата височинка над градот сепак не се спомнува.

Кај муслиманите е забележано дека некаде околу средината на 14 век настапил период кога на балканските простори навлегле првите припадници на бектешкиот ред во исламот и тука започнале да создаваат свои теќиња и турбиња, како нивни препознатливи верски објекти. Во исламските архиви, првата трага за теќето и турбето на Х’д’р баба се наоѓаат во 1544 година. Целиот комплекс имал и други придружни објекти, па затоа бил наречен Текија.

Како и да е, ова мало место остана свето и за Македонците и за Турците. Тука доаѓале луѓе и од едната и од другата вера, по разни пригоди и поводи, да се празнува некој празник, да се најде утеха за некоја тешка мака…Се слушаат молитвите и на едните и на другите и се поздравуваат со зборовите: „Еден е бог за сите“.

adr baba sveti nikola