Saturday, 20 October 2931

Змејската љубов во македонскиот фолклор

Едно од најчестите застапени верувања за змејовите е дека тие имаат човечко потекло. Ова верување е непосредно поврзано со сексуалната моќ на змејот. Благодарение на тоа, тој одржувал возбудливи љубовни односи со жените. Врската на змејот со избраната девојка не се разбирала како грешна, бидејќи давала здраво, силно и паметно потомство. Во љубовниот занес, змејот може да ги занемари своите должности на градобранител. Во такви случаи, луѓето кревале голема врева со што го истерувале од скривалиштето и го разделувале од жената.

Во македонските преданија и верувања можеме да се сретнеме со следните особини на змејот – се раѓале од родители, и змејот бил човек роден како дете од жена, имало време кога змејовите шетале како луѓето, змејот си седел дома и си работел како човек, родителите на змејот биле добри и богоугодни, итн.

Меѓу нашиот народ познато е верувањето дека змејот се вљубувал во девојката и не давал таа да се омажи за друг, освен ако не се разљубел од неа. Таквите девојки носат некои својствени особености  – од мали се неразговорливи, затворени во себе, зборуваат сами со себе, кога грми стојат како мртви, не вршат никакви домашни работи и се тажни. Навечер кога оди кај нив, влегува низ оџакот како голема змија со крилја, но потоа се претвора во убаво момче. Само девојката која го љуби ја има можноста да го види во вистинскиот облик. Таа за самите односи со змејот не смее да споделува со никој, во спротивно веднаш умирала. Ако таа реши да се омажи по наговор на нејзините блиски, змејот ја носел во своите пештери и таму умирала.

Змејот до избраната девојка доаѓа преку грабнување. Тој во соодветни денови на годината, најчесто на некој празник, се спушта во селото меѓу народот на орото, и од орото ја грабнува најубавата девојка. Змејот кај убавите жени предизвикувал чувство за љубов, и тие биле готови да стапат во незаконска врска со него. Таквата постапка на змејот воопшто не претставува насилство, туку чиста љубов кон избраната. Кога паѓаат многу ѕвезди, се смета дека змејовите грабнуваат девојки…

Секој човек ја нема можноста да види змеј. Само добрите и праведните луѓе ја имале таа привилегија, или пак оние коишто ги сакале змејовите, или пред кои тие самите сакале да се покажат. Се верува дека секоја земја, крај, село, град има свој змеј – покровител, кој го заштитува својот атар и не дозволува ниедна друга сила да влезе таму, ниту пак друг змеј. Ако тоа се случи, се води тешка борба меѓу змејот – покровител и непожелната демонска сила. За тоа време змејот спие, а неговата душа излегува од телото и се бори со напаѓачот. Тогаш е забрането да се буди момчето змеј, или да се поместува, затоа што неговата душа по борбата нема да може да си го најде телото.

Во македонските верувања е важен и односот на средината кон змејовите. Тие се многу ценети и почитувани и се верува дека куќата или селото каде што има змеј има среќа и таму владее благосостојба. Се верува дека змејовите се најдобри луѓе во племето, луѓе со влијание и моќ. Во племенските заедници тие биле војводи и најдобри војсководачи…

– од книгата Македонска народна митологија на Танас Вражиновски, Матица македонска 2002