Thursday, 21 September 2017

ЛОЗА – ред во хаосот

Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под Сонцето…  Во дневниот печат како да исчезна просторот за содржините кои што можете да ги прочитате тука. Повеќето од порталите се преполни со нисковибрантна пропаганда, ефтина политика, црна хроника и голотија. За издавање на книги и списанија се потребни сериозни финансии, и уште труд за продукција, промоција, продажба, различен од вложениот во пишувањето. Интернетот засега се покажа како одлична алатка за начелно промовирање на ЛОЗА – модерен книжевен проект заснован врз начелата и правилата на Лозарите од пред век и кусур.

mmkd

Обработката на книгите, весниците, списанијата, електронските записи од интернет, објавувањето на истите, како и администрирањето на целата активност го прави еден човек. На страницата се собрани и голем дел написи објавени од печатените медиуми, како и прилози и документарни филмови од телевизиите. Согледувајќи како отсуството на т.н. интернет писменост е се повидливо, присуството на профили од институции, луѓе, и организации во една мрежа која е далеку од официјален простор за информирање, како и ангажирањето на десетици луѓе за истото, се појави потреба за постојано објавување на содржини кои што нема да влијаат деструктивно врз читателите. Во корист на каузата за која што македонскиот народ се бори со векови. Сфатете го како еден вид интелектуален отпор кон сивилото на понудените информации на дневно ниво. Кога е неопходно, за посериозни IT интервенции безрезервно помагаат неколку пријатели. Сеуште постојат луѓе кои наместо стикери на паметните телефони си разменуваат книги и информации. Ретки се оние што можат да спознаат дека таканаречената цивилизација во нејзината денешна форма е пред исчезнување. Делувањето на начини различни од колективните мејнстрим норми е се попотребно, а поставувањето на општествените стандарди според идеалите на древните сонувачи е неопходно.

loza mk

Термините сајбер – монаси и сајбер – панкери би биле посоодветно објаснување за тоа како функционира ЛОЗА. Во меѓувреме, аналитичките податоци покажуваат дека она кое што е пуштено во етер стига до читатели од многу различни земји во светот. Дел од нив е македонската и балканската дијаспора, но има и се повеќе луѓе од други култури кои се запознаваат со нашата Македонија преку најсовремениот медиум – интернетот.

Ние немаме проблем со системот, туку системот има проблем со нас. Веќе не станува збор за поединецот, туку за целата генерација живи луѓе кои што го живеат кошмарот наметнат од “повисоките од надвор”, “модерната буржоазија”, неграмотните опортунисти и покондираните тикви. Оние кои што ја уживаат удобноста на веќе застарениот начин на живеење и управување (само тие си знаат дали спијат мирно) се првите кои што се противат на воведувањето на новиот поредок – нов ред, заснован на принципи и начела според кои се живеело уште пред неколку милениуми. Древниот кодекс е спас за уништеното човечко достоинство во новиот век. А, малкуте кои што искрено се надеваат дека новиот ред и поредок би можел да им го осветли секојдневието и да им овозможи мирен и достоинствен живот, сеуште се плашат да се одделат од стадото, па така остануваат само дел од карпата, необликувани камења кои што не можат да се користат ни за потпора, камо ли за градење. Секоја чест на ретките исклучоци. Годината е 2015та, а лажната еволуција предизвика деволуирање на се што е човечко, вистинско и исконско.

loza macedonia
Материјалните удобства, месечните примања и заштедите се почесто кај луѓето се поим за слобода. Но, дали сопственоста на материјалното ослободува или заробува? До пред помалку од еден век, еднопите – локалното население функционирало преку размена, додека парите се чувале за нешта кои биле тешко достапни. Денес повеќето се заробени од цифрите на сметките, хартиените пари и предметите како симбол за некаков си општествен статус. Луѓето почнаа да покажуваат со прст кон секој што е различен од нив, особено кон оние кои што “им биле чудни”, “ги носеле во вечна”, па затоа не можеле да ги разберат (или не сакаат ни да се обидат). Но, забораваат на она старинското – дека кон ѕвездите на небото не смее да се покажува со прст, а нема ни кој да ги потсети дека истото важи и за живите луѓе. Истовремено, гледаме како се протежираат и промовираат луѓе кои со својата појава, говор и гестикулации само го отежнуваат секојдневието на обичните Македонци. Сведочиме за недостаток на морални и општествени вредности, а и за недостигот на личности кои што преку сопствен пример би покажале на останатите дека е дојдено времето кога повторно треба да се обидеме да сме луѓе, современа цивилизација во вистинската смисла на зборот. Спознавањето и соочувањето со сопствените сенки е тешко, понекогаш и многу болно, но со доволно посветеност и решителност, тоа огледување во сопствениот мрак носи една Светлина која што е и те како различна од суетлината, односно суетата и гордоста, кои во последно време завземаат се поголем дел во “современиот” речник. Мирот и стабилноста на колективно ниво зависат од поединечното делување на секој од нас, и секако – од чистината на одразот од огледалото во сите нас.

Ништожник е оној, кој што има поголем пријател од татковината. Какви се граѓаните, таква ќе ни е и државата. Читајте ја ЛОЗА!

www.loza.mk

Дедо Варадин

podzemna