Tuesday, 21 November 2017

Слободна, незадолжена и зелена Македонија (Овчеполста у куќата)

Здраво живо Никола. Ти благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе успееме да ја претставиме сликата за твоето делување во македонската јавност на начин преку кој што искрените пораки ќе стигнат до различните генерации кои што ја читаат оваа страница. Твојот прв албум – Овчеполста у куќата излезе минатата година и предизвика голем интерес во нашето општество, што е потврдено и со статистиката од прегледите на видеата на YouTube? Да започнеме:

– Кој е Никола Јакимовски, каде се едуцирал, и на какви начини има заработувано до сега?

Здраво живо и тебе Никола, благодарам назад. Никола Јакимовски ем Пикси е од Свети Николе, заработувал на разни начини, што како ди-џеј, што како дистрибутер на алкохол и кафе па неколку години сезонско-студентска работа во Германија, се до денес вработен во германско проценителско биро во Скопје. Се едуцирал во средно гимназиско “Кочо Рацин” а покасно на филолошки факултет “Блаже Конески” – тоа е од образовниот аспект, а за општествениот подоле…

Nikola Piksi Avtorizacija

– Од кога пишуваш, дали пишуваш и проза, и што те инспирираше да започнеш?

Пишувам од 12 години, поточно од година 2000та, година што се доживува како залезот на златната ера на хип хоп културата и музиката воопшто. Во тој период на поклон добив аудио касета со Мак рап на неа: Уличен Ритам, The Most Wanted, Чиста Околина, САФ и други бендови што своевремено претставуваа темел на едно ново културно и социјално движење манифестирано преку музика, графити, брејк денс, бит бокс итн… Покрај тоа што ме освои звукот, ме фасцинираше и извонредниот спој на лириката со битот и слободата што таквиот спој ја нуди. Уште од почеток па се до денес писхувам класични текстови што спаѓаат во рамки на поезијата, а прекарот Пикси датира уште кога бев 7 години. Првите снимки секако беа снимени дома на обичен систем, а во 2002 и првата демо снимка на компјутер со добра звучна и микрофон кај Оли а.к.а.”Дух”. (читај – Кругови од радио бранови што не познаваат бариери) Засекогаш На Своето, ако добро се сеќавам, како бенд се создаде некаде помеѓу 2002 и 2003, во кој членови бевме јас, Нено, Никси и Чамуш, и баш беше интересно затоа што авторски бенд кај нас за тоа време беше невообичаена појава, од аутфит до музика. Се снимаа неколку зеднички демо снимки и се настапуваше на неколку места, дома и во други градови: Штип, Велес, Битола…Еден период водев и хип хоп емисија на радио Свети Николе, а летото 2003 година Засекогаш на Своето во соработка со други млади ентузијасти од градот го организиравме дводневниот фестивал “Моќта на Микрофонот” на 1ви Август (Хип-Хоп вечер) И 2ри Август (Рок вечер) по повод празникот Илинден и по повод поактивно афирмирање на алтернативната музика во светиниколскиот културно-забавен живот. По некое време очекувано се наметна и идејата за првиот албум, по што преку Нено стапивме во контакт со Столе кој беше продуцент на Арена рекордс. Од тука започна процесот на снимање, но со тек на време заради повеќе околности албумот не се дозаврши и бендот Засекогаш на Своето полека се распадна. Во преостанатиот период со Арена рецордс имавме неколку настапи, а се издаде и компилацијата “Од Самрак До Зори”. Откако по 5 години заврши приказната и со Арена рекордс, почнавме нова фаза со старото друштво од Велес и така запоцхна приказната со “Авторизација” и “Овчеполста У Куќата”, а кога сме кај “Овчеполста”, тоа е само игра со суфикси – на пр. не е Генгста туку Овчеполста.

– Кое е твоето мислење за ситуацијата во која се наоѓа македонската младина, и дали гледаш можност големиот број на алтернативни уметници да повлијае на широките народни маси во борбата за подобра иднина?

Еден познат Англиски истражувачки новинар по име Дејвид Ајк вели вака: – “Постојат два вида ропство: едниот е кога си во ќелија и можеш да го допреш поробувачот, а другиот е кога си во ќелија, не можеш да го допреш поробувачот и притоа мислиш дека си слободен”. Есенцијалната намена на технологијата била да ни го поедностави и унапреди секојдневието ,но тој правец полека еволуираше во кривец и створи слика на осквернавени, искривени вредности и средина во која држењето чекор со трендот и материјалните добра го одредуваат социјалниот статус. Во нашиов случај “ќелијата” е средината на верни конзументи и оттуѓената онлајн популација. Можноста за да алтернативната уметност повлијае на пошироката маса лежи во рацете на уметниците о во рацете на медиумскиот сектор. Медиумите треба да разграничат што е уметност, а што шоу бизнис и да престанат со константното труење со непродуктивна, затапувачка и скандалозна кич “програма”. Тоа ќе резултира со простор за промоција на алтернативната уметност, а со тоа и средства за основа на пазар во кој уметноста ќе егзистира. Од друга страна уметниците се оние што го нудат продуктот и лично мислам дека секој еден со текот на времето треба да сочува една основна нота на оригиналност и иновативност, зошто на крајот на денот секој носи одредена одговорност за влијанието кај одредена маса.

– На какво мнение си за трагикомичната ситуација на нашата политичка сцена и за претставниците на нивните подмладоци?

Скап театар со ефтина содржина. Наназад 25 години па се до денес ми се чини дека единствениот успешен проект на нашата ни политичка елита се испраните мозоци. Успеваат да нè дефокусираат од фактот дека ние сме нивните работодавци а тие наши претставници и дека ние им даваме плата. Политичката сцена отсекогаш ме асоцирала на извор на апсурд, лицемерие, дебели пари, на традиционална школа за префлање одговорност и глумење невиност на фин начин. Со други зборови тоа е пинг-понг натпревар во кој ние сме публиката, а нивните подмладоци учат пинг-понг.

– Како ги гледаш огромниот број на веб-сајтови и македонски медиуми кои влијаат врз јавното мислење?

Појавата на огромен број веб сајтови и медиуми си има свои предности и недостатоци. Предноста е во шансата за бесплатен маркетинг во случајот со социјалните мрежи и брзото ширење на информацијата, а недостатокот е во тоа што за секој податок можат да се создадат повеќе верзии, со што се губи вистината. Потоа фактот што живееме во капитализам подразбира шанса за некој да си купи медиум, па ако програмата што ја нуди медиумот е само низ призма на “газдата” или во полош случај да е инструмент на одредена власт, тогаш имаме проблем.

– Каде се гледаш во иднина, и дали би основал семејство во Македонија или во некоја друга држава?

Во иднина пред се сакам да бидам жив и здрав. А за тоа каде се гледам во иднина зависи од ситуацијата во нашата земја. Понекогасх барањето шанса за подобар живот во странство е принуда, односно притисок на овдешното секојдневие и безперспективноста. Тоа го активира природниот инстинкт за преживување. Истото важи и за семејство, со задоволство би основал но дали би го задржал тука зависи од многу фактори.

– Со оглед на тоа што низ твоите текстови се провлекуваат стихови поврзани со древната билка, си земам за право да те прашам – дали сметаш дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Личен став ми е дека во најмала рака треба да се направи достапно за медицинска употреба, а потоа да се дозволи и ограничена количина за рекреативна употреба. Погрешно е да се става канабисот во исти кош со хероин и слични дроги што се закана по физичкото и менталното здравје. Без ниеден смртен случај до сега, напротив има бројни успешни третмани со канабисово масло, исто така рекреативно го користат луѓе од најразлични слоеви со најразлични професии, луѓе кои се успешни во своето занимање. Други го користат и како лек за Алцхајмерова болест, Аутизам, Астма, Артритис итн. Па наместо државата да ги третира како криминалци, може да поработи на декриминализација односно дозвола за поседување на одредено количество над кое што самата ќе има контрола, по примерот на Чешка, Холандија и други, бидејќи милуваат да се споредуваат со развиени земји, еве им шанса. Со тоа ќе се намали стапката на криминал, продажбата ќе биде даночно запазена и под контрола на државна институција, претпоставувам ќе се отворат работни места, а ќе имаме и порелаксирана нација. Досега многу земји во светот се сведоци на позитивниот резултат од третманот на канцер со канабисово масло. Ако ништо друго кај нас барем од хумани причини треба се проба со истражувања и ако се испостави како точно, да се нуди како прописен медицински лек.

– Кои македонски артисти имаат повлијаено врз твојата истрајност за конечното издавање на првиот албум?

За издавањето на албумот “Овчеполста У Куќата” верувам дека повеќе беа пресудни пасијата и инаетот, отколку артистите. Артистите се само добар и лош пример, а вистинската борба почнува тогаш кога го правиш првиот чекор кон целта, во мојов случај албумот.

– На албумот можат да се слушнат соработки со повеќе музичари, со кого би сакал да соработуваш во иднина?

Да, на албумот гостуваат Дивизија, Ато, Тања Б, Темеле и остатокот од Авторизација. Соработките се секогаш добра идеја, но рап со живи инструменти и со елементи на џез, фанк, реге е исто така добра идеја. Мене ми е желба, ќе видиме.

Avtorizacija

– Што планирате со Авторизација за во иднина?

Со Авторизација сме во процес на комплетирање на компилација заедно со два спота, така што за во блиска иднина фокусот е таму.

Avtorizacija logo

 – Што би им порачал на нашите читатели, а што на најмладите кои ги слушаат твоите песни?

На вашите читатели би им порачал да продолжат да ве следат, а на најмладите што повеќе да се дружат.

Nikola Jakimovski Piksi

– Во каква Македонија би сакал да живееш по десет години?

Во слободна, незадолжена и зелена Македонија полна со млади и перспективни луѓе кои не се делат по партиска и етничка основа за бенефит на туѓи интереси. Земја во која медиумот ќе информира и едуцира, а уметноста ќе биде општествен двигател наместо рентабилно газе со занает. Во Македонија во која што политиката е во собрание и во ниту една друга општествена пора.

ОВЧЕПОЛСТА У КУЌАТА

Прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015

фото – Авторизација & лична архива на Пикси

Авторизација на FB

Авторизација на YouTube