Wednesday, 20 October 2810

Глогот во македонската народна митологија

Глогот се смета за едно од најмоќните апотропејски средства во одбраната од вампири, и воопшто од лошите и нечисти сили. Поради тие свои својства, куќите често се китат со гранки од глог. Посебно опасен за вампирите е трнот од глогот, бидејќи ако се прободи со него – ќе се истури, и со тоа ќе биде погубен. Ако за некој мртовец се мисли дека ќе се повампири, во папокот, меѓу другото, му се вбива трн од глог. Со истата цел и во гробот се забодуваат трње.

Глогот се употребува и како средство за баење. Од глогот, а посебно од црниот, се правеле амајлии во вид на крст, за заштита од лошите демони.

Глогот поради своите својства, се смета за сеновито дрво. На него се собираат демони кои се во можност да испраќаат болести. Во народната медицина, меѓу другото, се користи при капење на болни, посебно на деца. Во врелата вода се ставаат гранки од глог.

извор – Македонска Народна Митологија од Танас Вражиновски