Monday, 23 October 2017

Ние сме вистинските господари на нашата судбина (Интервју со професор Нестор Огинар)

Здраво живо, г-ине Огинар. Ви благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе успееме да го претставиме начинот на Вашето дејствување за Македонија на начин кој што ќе допре до различните генерации кои што ја читаат ЛОЗА.

Prof Nestor Oginar

– Кој е Нестор Огинар, со што се занимавате професионално и колку години живеете надвор од Македонија?

Јас сум Македонец по род, крв и убедување од слободоумно Македонско семејство со потекло, од обата родители, од Полошката котлина, од зелените брда на Шар Планина, со корени што одат назад во недоглед. Македонија ја напуштив во 1969 година и заминав на образование во Њу Јорк, каде што завршив постдипломски студии и каде што живеам веќе 40 години. Денес сум пензиониран професор по Англиски јазик и литература после три децениска кариера и заедно со мојата сопруга, пензиониран професор по француски јазик и литература, останувам посветен на два животни идеали: моето семејство, односно моите три деца и нивните семејства и род, и Македонската Кауза. Од моите родители и од мојот дедо научив што значи да се биде Македонец уште пред да станам млад човек. Од животната приказна на дедо ми, кој како млад морал да оди на печалба во Романија, Грција, Србија и други Балкански држави научив дека каде и да одиш по светот, што и да правиш со себе и со животот, не смееш никогаш Македонецот во себе да му го потчиниш никому. Од неговото животно искуство научив дека Македоника не е само место каде што си роден, туку дека тоа е она посебно место, посебно катче во одајата на твојата душа, каде што секогаш копнееш да се вратиш пред да го завршиш овоземниот живот. Научив дека Македонија, како идеал, е центарот на гравитацијата, срцето и душата, поцетокот и крајот на моето постоење. Тоа е последната алка што го затвора бесконечниот круг во чиј што центар јас морам да најдам свој сопствен мир и контрола над сопствената судбина, затоа што ако го контролирам тој идеал на Македонија како моја татковина, ќе ја контролирам и соспствената судбина и сопствениот живот.

– Од кога сте активни во организирањето на македонската дијаспора, и преку кои организации имате дејствувано до сега?

За Македонската кауза работам уште од првите години на мојата рана младост и тој идеал го пренесов во иселеништвото и во мојата соработка со Македонци и Македонки од постарите генерации прогонети од сите делови на Македонија. Морам да истакнам дека на тој пат и ден денес издржувам затоа што ја имам безусловната љубов и поддршка на мојата сопруга Милица, која што како и јас потекнува од истите предели на Македонија. Тој наш заеднички идеал е збогатен и благословен со младата енергија и со љубовта и поддршката од нашите три деца Филип, Пена и Роден. Моите активности во иселеништвото се поврзани со повеќе организации и асоцијации, како на пример: Македонското Народно Движење, Macedonian Society, Македонско – Американскиот Совет, Македонскиот Трибунал за Човечки Права, Шилеровиот Институт и други. Од раните 90ти години на Македонското осамостојување, јас сум еден од основачите на Светскиот Македонски Конгрес и негов претставник во Обединетите Нации. Јас сум првиот Основач и Задграничен Претставник на ВМРО – ДПМНЕ за цела Северна Америка. Преку сите овие активности со различни организации, мојата мисија била и останува будење на Македонската национална свест и афирмација на Македонската Култура, јазик, традиција и духовни вредности.

– Дали Република Македонија се однесува чесно и достоинствено кон иселениците, и обратно? Постојат ли инфилтрирани странски слуги во македонската дијаспора?

Вашите прашања се премногу сложени за да се одговорат конкретно. Употребувате јазични категории како “чесно” и “достоинствено” во историското однесуванје на Репблика Македонија кон нејзините иселеници и обратно кои што можат да се толкуваат на различни начини. Историски гледано периодот кога Македонија беше во состав на Југословенската Федерација воглавно е категоризиран како период на работа на Југословенските разузнувачки служби, кои што во Македонското Иселеништво гледале антидржавни националисти и работеле за загушување на сите Македонски Национални дејности. Со прогласувањето на Автокефалноста на Македонската Православна Црква во 1968та година, црквата почнува со обединување на Македонскиот Народ и покрај тоа што е инфилтрирана со елементи на тогашната УДБА. Денес работите се далеку поарни, но за жал Македонските власти не делуваат национално туку партиски, па затоа и во иселеништвото постојат такви партиски поделби какви што ги има и во Република Македонија. Поголем дел на Македонските иселеници денес работаат и делуваат патриотски во многу црковни и невладини организации, но пак ке предочам дека сеуште има остатоци од инфилтрирани служби на про-Бугарски, про-Српски и про-Грчки врховисти кои работаат против Македонските национални Интереси. МПО е една од најмоќните такви организации на која што за жал, идејата за посебноста на Македонскиот народ и нација и во етнички и во историски смисол сеуште не им е прифатлива. Тука би сакал да забележам дека и во таа организација постојат здрави про-Македонски дејци за кои што се надевам дека допрва ќе ги исправат историските грешки на нивните претходници.

– Кое е Вашето мнение за трагикомичната политичка ситуација во која што се наоѓаме? Дали по 24 години навистина сме суверени и независни, или сепак туѓи сили ги влечат конците на сцената која се повеќе наликува на куклен театар?

Состојбата во која денес се наоѓа Македонското општество е повеќе парадоксална отколку трагикомична. Го велам тоа затоа што ако ова прашање му го поставите на еден некритичен партиски подржувач на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ви одговори дека во Македонија се е во ред и дека државата е вистински суверена, независна и многу успешна на сите полиња. Поставете му го истото прасање на припадник на СДСМ и ќе добиете дијаметрално спротивен одговор. За мене лично, најразочарувачки и најболно е тоа што скоро четврт век од осамостојуванјето на возобновената Македонска држава, ние Македонците сите заедно пропуштивме една ретка историска можност, еден редок историски период од Македонија да направиме вистинска држава со систем на национални, политички, демократски и морални вредности кои што можеа да служат за пример, не само на Балканот, туку и пошироко. За жал, ние денес, во Македонија, таква каква што јас ја дозивувам, имаме еден спирален, незапирлив пат, би рекол еден вид колапс на основните општествени вредности онака како што тие се изразени преку работата на трите гранки на власта и сите други институции. Значи, реформи се неопходни. Ние денес имаме општество во кое што владее феноменот на партиски апартхејд на кој што му е потребна департизација. Имаме менталитет на оттуѓеност на луѓето едни од други и уште пострашно, од самите себеси. Решение за ова лежи во градење на колективна свест и одговорност за потребите на државата како целина. Ќе додадам дека за 24 години ние дозволивме, со нашата пасивност, политичките партии да не затворат во нивните партиски гета во кои што владее исчашен систем на неприродни вредности, послушност, исплашеност и апатија. Од државотворен Македонски Народ се претворивме во пасивна граѓанска маса и дозволивме нашите желби, амбиции и очекувања, нашите морални вредности да бидат дефинирани и претставувани од таканаречени политичари со сомнително лично, професионално и национално минато. Не успеавме да изградиме личност од авторитет кој би се ставил над сите партии и лични интереси и кој би работел за доброто на нацијата.

– Кое е вашето мнение за македонската младина? Дали повозрасните генерации сеуште имаат сила да ги насочат младите во борбата за подобра иднина?

Македонската младина на денешницата не е ништо поарна, полоша или поинаква од било која друга младина. Како професор и воспитувач на млади луѓе би забележал дека Македонската младина, за разлика од нејзините современици во развиените западни земји, се наоѓа соочена со еден специфицен предизвик, а тоа е дека живее и се формира во општество каде што за последниве 25 години, а тоа се навистина формативни години на една цела генерација, владее едена постојана политичка, економска и демократска нестабилност. Живее во едно општество во кое кое процентот на невработеност на младите е над 53 %. Живее во општество во кое постои сериозна ерозија на традиционалните и морални вредности. Живее со катадневни примери во јавноста за корупција, непотизам и извртени вреднувања на личниот и професионален квалитет на поединецот на сметка на неговата припадност кон политичките партии. Над сето тоа, живее во опстество во кое во 2006 година избрзано и непотребно се укина обврзаниот воен рок како еден важен период во формирањето на моралната и општествена свест, одговорност и љубов на младите кон татковината. Време е Македонија да размисли сериозно за вракање на воената обврска, како што тоа веке го прават многу држави, како Австрија, Литванија и многу други. Повозрасните генерации, како што вие ги нарекувате, се соочени со сопствени политички, морални и економски дилеми и за жал, се чини дека немаат ниту доволно време, ниту волја, ниту пак енергија да му се посветат на воспитувањето на младите. Ако се земе во предвид и хаосот кој што беше направен со најновите реформи во Образованието, ќе се дојде до заклучок дека за жал, младите се оставени на себе самите да изнајдат свој сопствен систем на вредности, без соодветен и неопходен надзор, што е многу опасно за здравјето на целото општество. Од тука и го имаме феноменот на масовно иселување на младите од Македонија, особено во последно време, бидејќи во неа не гледаат иднина.

– Што мислите за многубројните портали и медиуми кои што влијаат на јавното мнение? Ќе доживееме ли да дочекаме Македонија да биде успешен и позитивен пример за целиот свет?

Јас сум оптимист и покрај сите предизвици пред кои се наоѓаме. Убеден сум дека со посебно ангажиранје на сите слоеви и институции во државата, како родителите, јавните институции, јавните медиуми, во кои би ги вклучил и социјалните мрежи и портали, како што е вашата ЛОЗА, можат да се постигнат позитивни резултати. Се разбира дека не е лесно, но мораме да се обидеме затоа што друга алтернатива немаме. Ќе парафразирам една позната мисла на еден светски поет кој вели: “Поарно е да се обидам и да не успеам отколку воопшто да не се обидам”. Би нагласил дека никој освен ние Македонците не може да ја трансформира нашата реалност. Во животот на секоја цивилизација, секое општество, секој поединец, постои само едно единствено катче за кое што можеме да бидеме сигурни дека може да се подобри за поарно, а тоа е во нас самите. Ако ние го смениме начинот на кој се гледаме како Македонци, а не како ДПМНЕ-овци, СДСМ-овци, Егејци, Пиринци, Вардарци, ако почнеме да се гледаме како Македонци кои што се одговорни домаќини во својата сопствена држава, како господари на својата сопствена, лична и национална судбина, тогаш ќе го смениме и начинот на кој што не гледаат и сите други во светот.

– Што би порачале на читателите?

Мојата порака до вашите читатели би била следнава: Верувајте во Македонија како слободна, независна и издржана демократија. Знајте се себеси како слободоумни Македонци. Бидете активни во општествениот живот на сите полиња, а посебно во контролата и критиката на работата на политичарите. Не дозволувајте тие и нивните странски намесници да ги дефинираат нашите Македонски вредности. Знајте дека апсолутната власт корумпира апсолутно и затоа со критика и објективност гледајте на властодржците. Барајте одговорност од оние кои што сте ги избрале со својот слободен глас и сменете ги оние кои што ги изневериле вашите очекуванја. Ослободете се од нагонот кон култ на личност и повеќе негувајте ја љубовта едни кон други и кон татковината. Знајте дека за опстанок и подобра иднина е потребно заедништво. Ниту еден Македонец не е гранка, сам по себе стебло. Сите сме дел од древното Македонско дрво чии што корени се напојуваат и од Белото Море и од Планинските води на Вардар и Струма, од Шара до Грамос, од Кораб до Пирин. Тоа дрво е живо и секој од нас е е само лист во густата крошна што паѓа и врз Егеј, и врз Вардар и врз Пирин, над цела Македонија. Помнете и не заборавајте дека името е нашата татковина. Јазикот со кој што го изговараме тоа име е нашата татковина. Тоа е наш идентитет, гордост и достоинство. Тоа е нашата судбина. Тоа е нашата заедничка и последна Македонска тврдина која не смее да падне пред нападите на нашите странски и домашни непријатели. Знаете и кажете му на целиот свет дека немало време кога не сме биле Македонци, ниту пак ќе има време кога нема да бидеме!

прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015

Ѕвездата од Кутлеш