Monday, 26 June 2017

Последниот од квалитетните нека изгаси ламба на излегување (Интервју со Мартина Димоска)

Здраво живо г-ѓице Димоска. Ти благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека ќе го претставиме позитивниот пример на твоето постоење на начин кој што ќе допре до различните генерации кои што ја читаат оваа страница, но и ќе ги инспирира помладите.

Martina Dimoska 66

Која е Мартина Димоска, од каде потекнува, и каде учи?

Не би можела првото прашање да го одговорам толку површно. Физички потекнувам од Кичево, но она што ме дефинира мене се сите оние добри и лоши искуства кои ме изградувале, менувале и кои влијаеле на мојата персона. Студент сум на Технолошко – Металуршкиот факултет, стипендист на отсек Инженерство на Материјали и нанотехнологии а ја привршувам и академијата во NewMan’s Business Accelerator каде изучувам Mechatronics, Robotics and Embedded Systems.

Martina Dimoska batgirl

Што те предизвика да почнеш да се занимаваш со наука?

Сакам кога сум предизвикувана, интелектуално, физички итн. Според мене науката е една од најпредизвикувачките работи со која сум била во контакт. Mногу сум љубопитна и многу сакам да истражувам и да откривам, понекогаш до точка на наметливост доколку темата е доволно фасцинантна. Едноставно не можам да се сопрам. Тоа е она што најмногу сакам да бидам и сметам дека е многу убаво кога човек ќе си го пронајде својот животен пат затоа што тогаш не претставува тешкотија туку инспирација.

Martina Dimoska

Со твоите колеги победивте на натпревар на НАСА, измисливте умни чевли и работите на многу инвентивни пронајдоци. Кажи ни нешто повеќе за тоа.

N.A.S.A. беше едно прекрасно искуство! Домаќин беше токму NewMan’s Business Accelerator на кои се должат доста успеси во мојата кариера бидејќи уште од самиот старт ме воздигнаа и надградија. Најпрво победивме на натпреварот па потоа годинава бев избрана како најмладиот ментор на N.A.S.A. Space Apps. Работењето со такви луѓе е секогаш привилегија, а таквите хакатони се неизмерно задоволство!

UNDP е приказна за себе. На тој натпревар ги измисливме влошките за генерирање на електрична енергија. Сега сме во процес на набавка на материјали и едвај чекам да почнам да го градам прототипот. Доколку е иновативен и го патентирам, ќе бидам најмладата жена во Македонија која измислила патент.

Martina Dimoska 33

Какви награди и признанија имаш добиено до сега?

Награди и признанија имам доста. Едни од најпризнатите ми се првото место на N.A.S.A Space Apps во 2014, Признание за најмладиот почесен студент на Технолошко – Металуршки факултет (за придонеси во и надвор од факултетот и Македонија), победата на UNDP Climate Challenge 2015, Најмлад Ментор на N.A.S.A. Space Apps 2015, Личност на годината на образование и наука во 2014 (најмладата со оваа титула), бев прогласена за студент на годината, итн.

Martina Dimoska sampion

Во која насока ќе го продолжиш образованието?

Образованието планирам да расте во нагорна експоненцијална насока. Ги уживам сите предизвици и сметам дека нанотехнологијата ќе доживее доста голем подем. По завршувањето на факултетот сакам да продолжам со образованието, а веќе имав неколку интересни и доста примамливи понуди за Магистерски студии – на пример на Харвард. Секако би одбрала некоја програма што не само што ќе ми ја згасне жедта за наука, туку ќе се вклопува со мојата персона и мајндсет.

Martina Dimoska fairy reading

На какво мнение си за моменталната состојба во која што се наоѓа македонската младина?

Тие што сакаат да го променат светот ретко што може да ги запре. Последниот од квалитетните нека изгаси ламба на излегување!

Martina Dimoska RnR

Колку години те фотографираат професионално, што те инспирираше да започнеш, какви производи се рекламирале со твојот лик, и како издржуваш со толку обожаватели? 🙂

Веќе година и половина професионално се занимавам со тоа. Инспирацијата ми е творењето. Насекаде околу мене наоѓам и доживувам уметност. Дури и во најмалечките работи. Во средно доста радикално ги истражував сите уметности на кои што можев да фрлам раце. Пеев, танцував, обожував да глумам во театарот и секако – цртав. Секако, сеуште го правам тоа во слободно време.

Моментално сум единствено заштитно лице и единствен претставник во Македонија на многу големи странски алтернативни брендови. Брендови кои отсекогаш сонував да ги носам и на кои им се восхитував. Повеќе информации околу тоа има на мојата фан страна (Marta Devilish). А инспирацијата конкретно за да застанам пред фотоапаратот е бидејќи претходно јас бев фотографот, па со првите self-portraits дојдоа и првите фотографии. Секогаш експериментирав со својот изглед, па бев карактеристична и се издвојував, а и од дефицитот на девојки во клубот се случуваше доста од времето да ме побараат да позирам. Со првите слики паднаа и првите договори а побарувачката секој ден се’ повеќе се зголемуваше.

Martina Dimoska skull

Ступидно ми е да се нарекувам „славна“ или популарна во Македонија. Тука сме една рака луѓе и сите со сите скоро и да се знаеме. Славата не ми влијае дури ни со големото експонирање надвор од мојата земја. На „обожавателите“ гледам да им го посветам целото слободно време. Крајно ми е нехумано да ги наречам фанови и да се пласирам себе си над нив. Сите тие се прекрасни луѓе, а јас гледам да бидам што подостапна. Ме иритира кога идолите се ставани на пиедестал и кога се претставувани толку нереално. Треба да се инспиративни место егоистични. Да си единствениот претставник/модел на Алтернативната Македонска Сцена, која е речиси и непостоечка знае да биде тешко, но и убаво. Навистина го ценам фактот што луѓето ја сакаат мојата уметност.

Martina Dimoska shh

Како го поминуваш секојдневието и што те прави “ѓаволеста”?

Ако откријам се’ за моето секојдневие нема да е интересно. 🙂 Devilish –  Ѓаволеста…потекнува од мојата љубов кон Манчестер Јунајтед уште кога бев многу малечка. Потоа тоа премина во gaming nick и од таму некако it sticked to my character. Чудно…можеби денеска ме дефинира повеќе отколку што мислам. Ако Ѓаволот е оној што го конфронтира Господ, тогаш паралелно на тоа јас редовно ги конфронтирам и тестирам нормите, границите и идеалите кои ги поставило општеството.

Martina Dimoska masked

Со оглед на тоа што сите сме соочени со опасните болести на новото време и лошите лекови за ублажување на истите, си земам за право да те прашам – дали сметаш дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Се’ што се докажало како медицински корисно во потполност го одобрувам. Општеството знае понекогаш да има чудни стеги и да е толку многу нерационално конзервативно.

Martina Dimoska jess rabbit

Во каква Македонија би сакала да живееш по 10 години?

Се надевам на Македонија што ги задоволува моите критериуми за квалитетен живот. А да се задоволат моите критериуми е тешко. Погледнато од жабја перспектива, 10 години подоцна ги гледам како многу висока точка нагоре. Доколку не ја достигнеме таа точка како држава, се гледам во Македонија единствено како слика во рамка.

Martina Dimoska bride

Што би им порачала на читателите?

Секогаш да веруваат во своите идеали. Да не се плашат од клишеа, ниту пак од грешка и критика. Не може секој да ги сака, и никој не е безгрешен. Да не се конформираат и да го следат инстинктот.

Martina Dimoska fairy

Прашања – Никола Ристевски, ЛОЗА 2015

 фото – Marta Devilish (клик)